Приказната од крајот на 19 век, за неостварената љубов помеѓу убавата битолчанка Елени Каринте и младиот Мустафа Кемал Ататурк, кои многумина ги нарекуваат балканските Ромео и Јулија, денес станува незаобиколна туристичка атракција во Битола. Турските туристи минуваат илјадници километри, да ја посетата спомен-собата во битолскиот Музеј, да се фотографираат под балконот на Каринте, каде е исплетена можеби најголемата љубовна сага на овие простори, но и да го читаат писмото што таа му го напишала на Ататурк.

Писмото на Елени до Ататурк
“Некаде и некогаш,
Поминаа толку години, а јас ете, секој ден чекам абер од тебе. Ако некогаш го добиеш писмово, сети се, види ги солзите на хартијата. Годините си врват, овде сешто се зборува за тебе, нешто се случува. Ако ги читаш овие редови додека љубиш некоја друга жена, искини го писмово и прашај ја неа дали верува дека некоја си Елени Каринте од Битола го поарчила цел живот за еден човек со кого била само еден ден. Ако ја љубиш неа, како што јас те љубам тебе, не и кажувај ништо, нека биде среќна, ако си и ти среќен. Ако пак, уште ја паметиш девојката од балконот и не љубиш друга, знај те чекам и ќе те чекам цел живот. Знам дека ќе се вратиш, дека не си заборавил…”

Писмото на Елени
Ова е дел од писмото за кое се верува дека пред повеќе од еден век му го напишала битолчанката Елени Каринте на младиот Мустафа Кемал, кој учел во воената гимназија во Битола. Спомен собата во чест на големиот турски реформатор се наоѓа во битолскиот Завод и музеј, објект во кој било сместено училиштето каде се школувал младиот кадет. Фотографии, скици од битки, библиотека, биста, восочна фигура- одаја која ги збрала сите тајни од животот на големиот реформатор.

Музејот на Ататурк во Битола

Музејот на Ататурк
Централно место зазема писмото од Елени Каринте, а приказната за балканските Ромео и Јулија, тој муслиман, таа христијанка, нивната голема љубов, предвреме осудена на пропаст заради религиските и општествените стеги, денес, еден век подоцна, е главен адут за привлекување турски туристи. Со воздишки го читаат писмото, се фотографираат пред куќата на Каринте на битолски Широк Сокак, додека балконот ја раскажува тажната љубовна приказна…

Куќата на Елени Каринте на Широк сокак
Легенда или вистина…
Младиот кадет Мустафа во 1896 година, доаѓа од Солун да учи во воената гимназија во Битола. Честопати шетал по Широк Сокак, а едно попладне пред Велигден во 1897 година, на балконот од куќата на богатиот трговец Ефтим Каринте, која и денес постои на аголот од улицата, веднаш наспроти хотелот Епинал, ја забелжал убавата Елени, негова врсничка. И девојката не останала рамнодушна, па крадешкум, таму од балконот и таа фрлила поглед на стројниот Ататурк, висок, со убав стас и сини очи. И така Мустафа декој ден минувал пред куќата, а Елени го чекала на балконот. Меѓу нив се распламтила силна, но забранета љубов. Девојката за да биде со него, побегнала преку визбите на куќата. Заедно заминале надвор од Битола, но таткото на Елени, Ефтим, ги фатил, ја затворил девојката дома, а потоа, купил куќа во Лерин. Насила ја однел таму, со намера да ја омажи за друг човек.

Куќата на Елени
“Има цела година откако ме грабна од тебе, ме заклучи дома и не ме пушти цел месец. Не плачев, знаев дека џабе му се сите катанци и затвори. Човекот со кој тој сакаше да се венчам, го видов само еднаш и ме праша дали можам да го љубам. А јас му реков “Не, јас си го љубам првотот либе”. И повеќе не го видов. Татко ми никогаш не ми прости, а и јас нему. Вечно ќе те сака и чека твојата Елени Каринте”.

Стара фотографија од куќата на земејството Каринте
Девојката никогаш не се омажила, доживеала длабока старост, а до крајот на животот, неколку пати во годината примала чекови од странство. Починала во Лерин на 80 години.
Мустафа Кемал подоцна стана прв претседател на Турција, творец на модерната турска држава, поради што го добил името Ататурк, татко на нацијата. Се оженил со Латифе Ханам, но бракот траел само две години. Ататур и Каринте не се сретнале никогаш повеќе.

Слика на Атататурк вомузејтот во Битола

Фотографии во Музејот во Битола
Љубовната сага за балканските Ромео и Јулија, во Битола се пренесува од генерација на генерација. Некои велат, дека оригиналот на писмото од Каринте, се наоѓа во историски архив. Други пак, велат дека станува збор за легенда. Сепак, меѓу битолчани, и денес живее оваа љубов.

Биста на Ататурк
-Оваа љубов е вистински магнет за турските туристи. Минуваат илјадници километри од Турција до Битола, со желба да го прочитаат писмотот во спомен-собата, да ја видат куќата на Широк Сокак и да се фотографираат под балконот од каде Елени првпат го здогледала Мустафа. Додека туристите се воодушевени, високите воени и државни делагации кои доаѓаат да ја посетат спомен-собата, не прашуваат ништо за оваа љубовна приказна. За оваа љубов нема ниту збор во биографијата на Ататурк, не е пронајден ниту еден пишан документ кој би ја потврдил приказната. Дури од научните кругови во Турција, било сугерирано, овде, кај нас да не се обрнува толкаво внимание на таа приказна, затоа што нема други документи, освен писмотот за кое кај нас се верува дека Елени го напишала до Ататурк- вели Шенол Мемиш, претседател на македонско-турското здружение од Битола ” Мустафа Кемал Ататурк”.

Широк сокак во Битола
Оваа љубовна приказна е инспирација за филсмките и театарски работници. Во 2006 година беше снимен краток документрно-игран телевизиски филм, неодмана направен е музичко-театарски перформанс, а, исто така најновиот филм на Александар Поповски “Балканот не е мртов”, чија премиера се највува на годинешниот фестивал ”Браќа Манаки”, ја раскажува приказната за љубовта меѓу Ататурк и Каринте.
Емилија Мисирлиевска