Интервју со Вера Милошеска и Оливер Јосифовски од Љубојна – Тоа што било мит за Македонија, „кога ќе дојдеш во Македонија, немој да играш и немој да пееш“, повеќе не важи.
Музиката на Љубојна е музика на истражување. За овие 15 години, бендот мина низ голем број фази во кои музиката, но и членовите од бендот се менуваа многу често, а тоа резултираше во 5 различни изданија досега. Токму таа „жед“ за истражување направи жесток пресврт во нашите животи, кога одлучувавме секој засебно, а потоа и заедно, дека музиката е она што највистински го живееме и најверно можеме да го сведочиме. За, потоа, истата таа љубов и истражувачки бескрај да нè спојат во еден успешен тим. Некако, имаше потреба да се сплотат различните креативни енергии на неколку луѓе и од тоа да се роди нешто што ќе биде почеток во создавањето на новиот звук на македонската музика. Тука никако не мислам на она т.н. „етно“, туку на вистинска македонска современа популарна сцена. Музиката растеше како што растеа нашите тенденции. Скоро сите нејзини фази се наоѓаат на посебен компакт–диск. За сето ова време, Љубојна, не ја менува ами ја гради поставата на групата, и тоа резултира во три музички постави досега: чалгиска, акустично-електрична рок–постава и brass fantasy. На тој начин, Љубојна прерасна во една музички моќна институција. Нејзината музика е мост меѓу младите и старите. Љубојна ја остварува својата мисија уривајќи ги бариерите мегу старото и новото и глупоста „народно“ – „забавно“ и квази естрадно“, вели Вера Милошеска за Балкон3.
Од каде љубовта кон фолклорот?
Вера: Мислам дека прашањево припаѓа на минатиот век, кога сè уште се експериментираше и сè уште имаше светски нечепната музика. Денес ова е смешно да се праша. Мислам, цел свет израсна од фолклорот, дури и најлудите дела. Тоа е животворно наследство, не можете тукутака да го издвоите само затоа што луѓето во Македонија се однесуваат кон сопствената култура како некои доселени странци со фразите: Wow, how lovely, how pure!? Музиката којашто ја живее Љубојна е музика пренесена од стари мајстори и која најприродно можеме да ја сведочиме. Љубојна не негува и не гради фолклор, таа прави некаква современа популарна музика во стил на ’ортодокс гламур‘. Македонската музика е изворот од којшто сме црпеле сознанија за музиката воопшто. Љубовта кон музиката не се раѓа поради припадност, туку поради личната потреба за реализација. Исто како што не е привилегија да си Македонец за да ја свириш и да ја сакаш македонската музика.
Покрај тоа што сте предводници на бендот, вие сте и брачни партнери, што резултираше и во неколку успешни изданија и бројни концерти, а и музика за некои филмови и претстави. Што е тоа што прави работите да функционираат толку добро и на личен, и на професионален план ?
Вера: Големата жртва што себеси си ја ветивме кога почнувавме со Љубојна, а и заедно, се разбира. Ние не сме само предводници, ние сме целиот PR на групата, што е ужасно напорно. За жал, ние ја немаме таа привилегија да се грижиме само за музиката, меѓутоа, пак, сè е во наши раце и целото некако лесно се движи. Изгледа се научивме да се носиме со таа одлука на таквиот начин на живот, кој освен што е навидум семеен, не е ни приближно сличен на ниеден секојдневен семеен живот, ниту, пак, на стандардното темпо на живеење. Формулата за успех е многу менлива категорија и многу индивидуална. Кај нас формулата е сочинета од тим: добра пејачка и добар композитор, кои и приватно ја делат истата идеја за музика.
Ако е нешто карактеристично при вашиот избор на песни од македонскиот фолклор, тогаш е тоа акцентот што го ставате врз песните од Егејска Македонија. Што беше тоа кај овие песни, кои се релативно непознати во однос на стандардните, што вас ве привлече кај нив толку длабоко за да ги вклучите во вашиот репертоар?
Вера: Навистина песните како „Твојте очи Лено“ и „Мори чупи Костурчанки“ се некако бренд на Љубојна уште од самиот почеток. Има некоја универзална музичка порака во нив, некаква љубовна химна или, ако сакате, скриена еротичност, која публиката ја доживува лично. Од друга страна, од огромниот репертоар на македонски песни којшто јас го интерпретирам, повеќето се егејски песни. А тоа е спонтан избор. Ми се допаѓа медитеранската лиричност во нив и, истовремено, силната словенска емоција. Тоа е музика која за мене илустрира вткаени сончеви зраци и леандри, портокалови градини и златни обетки, на пример.
Дали со минатогодишниот концерт се заврши ова поглавје со блех–музиката?
Оливер: Мислам дека премногу тешко ми звучи зборот „заврши“, или „започна“, за мене одговорот е поврзан со музичка фраза, музички стил, насока, не ми е јасно кога започнува, кога зрее, кога завршува. Само знам дека ако слушнам нешто од некаде што ми се допаднало, нешто што ми го потенцирало моментот и ми заиграло срцето, знам дека тоа некаде ќе излезе, во понатамошното креирање на музиката. Како, на пример, синоќа на еден паркинг во Скопје, нè пресретна едно младо момче со касетофон (што свети во многу бои и се носи на рамо, како од ’80-те години), и ни рече, „сакате да ви пуштам една музика?“ Ние рековме, „сакаме“. Рече, „го знаете ли Џемаил пејачот?“, рековме „да, го знаеме“. „Е па, дајте ми 50 денари и ќе ви пуштам.“ И така, на полноќ, на некој неважен паркинг во Скопје, слушавме еден саат музика од Џемаил, на касетофон што свети во 6 бои, притоа неверојатна жива музика, мајсторски испеана, отсвирена, и презентерот, момчето Али, со неверојатен мерак и страст тоа ни го пушташе и раскажуваше за Џемаил. Потоа долго во ноќта се прашував, ја сакам ли јас музиката барем пола колку што ја сакаше Али? Музиката некојпат извира од тотално нелогични простори и времиња.
Е ај сега, го знаеш ли ти Џемаил? :-)))
Вашите изданија се јавуваат во време на изместени вредности во ова наше општество, кога веќе подолго време секој негов сегмент е нагризано од кич и од евтина и масовна забава, а вистинските работи се втурнати во некој маргинализиран и темен сокак. Колку вашата музика може да ја врати вербата на луѓето дека не се сите работи изгубени?
Вера: Љубојна за сите овие години е посветена на тоа како да гради музика од еден добар вокал, кој може да има различни лица, а да е со истата македонска душа. Сите наши изданија имаат различен звук, а таа е сепак една иста музика, што произлегува од истата творечка идеја. Во моментов, Љубојна е институција со постава како една Израелска филхармонија. Располага со акустичен чалгиски оркестар, со рок акустично-електронска постава, брас бенд и сите функционираат. Има авторска програма, истовремено и традиционална. Звучи мошне еманципирано!? Можете ли да го замислите сето тоа во исклучително локални рамки? Освен со герилска романтичност, не знам како поинаку би успеало тоа во денешни услови. Луѓето во Македонија просто не можат да поверуваат како Љубојна ги полни концертите поради музиката, која притоа секојпат е изненадување. Луѓето препознаваат музика, сакаат кога некој таму од сцената ги сака, сакаат да се чувствуваат живи и да се радуваат.
Според вас дали има простор за креативноста и пораките кои таа ги носи во едно вакво неблагодарно опкружување?
Вера: Па, тоа опкружување во голема мера сами си го создадовме, нема што да се жалиме. Прво, со години Македонците живееја со срам од сопствената музика, лутајќи по кулоарите на „културната“ музика од светот и тоа е комплекс кој остана во наследство од СФРЈ. Кога дојде време да се соочиме со себеси индивидуално и глобално, за тоа каква култура, какви брендови си изградивме во изминатите години државност, се најдовме во скоро празна кошница. Па почнаа, како-така, да се смислуваат и да се измислуваат брендови, онака најпартизански. На „ура“, без стратегија. Тоа, пак, ја фрли целата култура во еден таков какофонски ендек, во кој сè е на исто рамниште и во кој, за жал, сè уште се препелкаме. Успева само тој што сам се нуди на пазарот, а тоа не секогаш подразбира квалитет. Во денешните услови, снаодливоста е креативност. Во бескритично опкружување сè може да се продаде како креативност, пандан на тоа е дека – креативноста не се исплати. Згора на тоа е затворената политичка насока која нè гуши, инстант-живејачка која нè притиска и нејзиното дете, турбофолк музиката. Затоа е супер кога добра музика ја прави големината на музичкиот производ таква пред која што не можеш да замижеш.
Многу е евидентна едноличноста во понудата на музика низ мејнстрим медиумите, како во светски така и во домашни рамки, која се должи, меѓу останатото, на глобализацијата на музиката. Како гледате вие на иднината на македонската музика во 21 век?
Вера: Да, глобализацијата го голтна светот, па не ќе ја голтне Македонија. Меѓутоа, нашата сцена не може да се спореди со ниедна светска сцена од проста причина што тука не се мисли глобално, сè е наменето и спакувано за минорен пазар. Не дека секогаш има таква тенденција, но е исклучително тешко да мислиш светски, без поддршка. А тоа повлекува многу одлучувачки фактори за тоа како ќе изгледа финалниот производ. За жал, најголемиот финансиски влог е токму во музика која е ужасно локална и не може да биде хит подалеку од Србија. Го држат светот „во мало“, исклучиво за личен профит. Така е со целиот мејнстрим наречен естрада, особено со турбофолкот, којшто моментално има најдобра аудио и видео продукција. Но тоа е толку силен бран, што му нема рамен противник. Луѓето го забораваат тоа. Каде со враќањето стари хитови и држењето на вештачко дишење на некоја си застарена квазизабавна фестивалска музика „а ла Сан Ремо“? Тоа ли е сè што можеме? Мислам дека не ја сфаќаме сериозно таа закана, која веќе го голтна целиот културен амбитус. Од друга страна, на овој простор има толку музичка оставштина, толку многу што да се прави. Значи, излезот е пред вас, а вие упорно копате страничен тунел. Да не се лажеме, без да се даде шанса и да се направи стратегија, за тој што има идеја за нов и свеж грув да му го понуди на светот, ќе потонеме, и тоа без трага.
Дали може еден композитор да се занимава со работата која ја знае најдобро и да живее од тоа во земјава?
Оливер: Па еве, штом разговараме, значи живи сме. 🙂 Друго задоволство како музичката професија засега не планирам да избирам, тоа е професијата што безрезервно ја сакам. Понекојпат, посакував да живеев во друга земја, ама тоа значи и ако требало да живеам во друга земја, ќе се родев таму. Мислам дека ако секој си го работи тоа што најдобро го знае, Македонија ќе биде едно прекрасно место за живеење. Засега јас тоа се трудам да го правам и мислам дека работата со музика е најубавото нешто, но на никого не му ја препорачувам. 🙂
Со Љубојна имате настапувано често надвор од државата. Што е потребно за еден бенд да се издигне од својата средина и да биде прифатен надвор од неа и од својата држава?
Оливер: Сите ние треба уште многу да работиме на издигнување и промовирање на нашата музика во светот. Тоа што било мит за Македонија, „кога ќе дојдеш во Македонија, немој да играш и немој да пееш“, повеќе не важи.
Со Љубојна, од друга страна, сум сосема задоволен во тоа што го правиме и се разбира, има тенденција да се проширува сè повеќе надвор од нашите граници. Тука станува збор за една долгогодишна истражувачка акумулирана енергија. Нашите зацртани цели за периодов што следува е снимање повеќе музички материјал, така што ќе треба да работиме на уште повеќе презентирање надвор од нашиве граници.
Дали би можеле да издвоите некоја публика која ве има дочекано најсредечно?
Вера: И македонската и странската ме изненадиле многупати. На толку многу концерти, не можам да се сетам… еднаш во Рим се случи да ми пријдат неколку жени и плачејќи да ме прегрнуваат, да ми се заблагодаруваат. Се случува, по клупски концерт, да ми пријдат со цели концепции за карактерот на музиката на Љубојна, што искрено жалам што немаме такви вистински критичари за музика 🙂
Што е тоа што најискрено допира до некоја публика, без разлика каде и да настапувате?
Вера: Начинот на обраќање. Публиката сака да биде понесена, да и подадете рака и да и речете „ајде со мене“. Не е лесно да се стори тоа, особено не во денешно време, кога таа е воглавно „заспан“ консумент. Публиката ви верува ако вашата интерпретативна емоција искрено ја упатувате секому поединечно, ако не ја изманипулирате нивната емоција, публиката двојно ќе ве награди на другиот концерт, и тоа е круг кој постојано се зголемува.
Кога вие би добиле задача да направите компилација каде што би биле застапени најрепрезентативните претставници на балканската музика, кого сè би вклучиле тука и зошто?
Оливер: Оххх…тоа е тешка задача за мене, ќе погрешам. Мислам дека сè уште секое село има по еден најрепрезентативец што е за покажување и што заслужува да биде дел од компилацијата. Со тоа би се добило музика, музика со вреќи. Ама мислам дека само така ќе се разбере дека тука постојат богати музички региони, рамни на една музичка неистражена вселена што чека да биде осознаена, кога-тогаш…
Ненад Георгиевски