Во моментов мечтаам со страсната и веќе нетрпелива желба да одам некаде. Да одам некаде каде ќе можам да уживам во мирис на море, вкус на различна храна, флерт со шармантниот ветер на некоја плажа, а сето тоа искомбинирано со добар концерт, фестивал за филм, театар, танц… Одлучив да разгледам настани кои ќе се случуваат ова лето во, за мене секогаш неодоливата, Грција. Би сакала да споделам некои со вас, можеби ќе посетиме нешто. Никогаш не се знае, а секогаш се верува 🙂
Меѓународниот филмски фестивал во Патра (International Film Festival of Patras City) за независни видеа и филмски фестивал за млади артисти. Овој фестивал е отворен за сите луѓе од целиот свет кои сакаат да ја покажат својата работа, да се изразат себеси, своите мисли и чувства. Фестивалот започнува на 28 јуни и ќе трае до 30 јуни. Повеќе на официјалниот сајт на фестивалот.
Како да стигнете: Патра се наоѓа на северниот дел од Пелопонез. Од Скопје е оддалечена 674 километри, а 519 километри од граничниот премин Богородица. За да стигнете од Скопје до Патра ќе ви бидат потребни околу 7 часа. Од Истанбул до Патра има 1063 километри и со автомобил можете да патувате преку граничниот премин кај Ипсала што ќе ви одземе над 8 часа. Можете и од Истанбул до Атина да патувате со авион (летот трае 1 час и 12 минути), а потоа до Патра ќе ви бидат потребни уште 2 часа и 30минути.
Познатиот Лукабетус фестивал во Атина (Lycabettus festival in Athens) трае во текот на цело лето. Се одржува во стар, рударски каменолом на највисоката точка во градот. Одличната акустика, атмосферата и енергијата ја почувствувале големи светски имиња како Боб Дилан, Б.Б. Кинг, Пати Смит, Пако де Лусиа и многу други. До театрот, кој се наоѓа на врвот се стигнува со такси возила кои чекаат туристи на почетокот на ридот, потоа со жичара која се наоѓа на почетокот на улицата Плутарх (Ploutarchou) и која чини 3 евра во еден правец, а за тие со здраво срце и добра конциција пешачењето би траело од 30 до 45 минути. Повеќе информации за фестивалот на следниот линк.
Како да стигнете: Скопје – Атина 710 километри преку граничен премин Богородица, 7 часа со автомобил, а за патување со велосипед немаме точни податоци J Истанбул – Атина преку Александрополис со кола 1100км, 11 часа. Истанбул – Атина лет 1 час и 12 минути. Од аеродромот во Атина до улицата Плутарху има 32км.
Ривер Парти Фестивал, Несторио, Касторија (River Party Fesrival – Nestorio Kastorias). Ова е еден од најстарите музички фестивали лоциран надовр од Атина. Се одржува во Несторио, Касторија (северо-западна Грција ) на реката Бистрица (Haliacmon). Посетителите од Грција и соседните држави можат да уживаат во добрата сценографија и музика, кампување и пливање цели пет дена.
Како да стигнете: Несторио од Атина е одалечен 501 километар, 5 часа и 35 минути со автомобил. Истанбул – Несторио, 802 километри, 8 часа и 13 минути со автомобил. Скопје – Несторио преку граничен премин Меџитлија (Битола) – 285км, 3 часа и 50мин. Повеќе информации на официјалниот сајт на фестивалот.
Ана Секуловска