Водич низ СКОПЈЕ

Летечкиот Мендо

Екстремните спортови се синоним за него. За разлика од повеќето зависници од адреналин, тој има поинаква теорија за него. Тој е пионер на повеќето екстремни спортови во Македонија… Мендо Велјановски

Сеуште ли важи податокот дека имате повеќе поминато во воздух, на снег и на вода отколку на копно?

Да. Сеуште важи тој податок. Сеуште повеќе време поминувам во воздух, на снег и во вода, особено во воздух. Во овие три средини многу поубаво се чувствувам отколку на земја.

Параглајдерството полека станува популарен спорт во Македонија. Каква е состојбата со акро параглајдерството?

За жал, во Македонија сме сеуште само неколку акро пилоти, додека во светот, најмногу во алпските земји, оваа дисциплина бележи голем пораст. За споредба, кога почнав да се занимавам со оваа дисциплина, во исто време почнаа и двајца мои колеги од Австрија. Сега во Австрија има сигурно неколку стотици акро пилоти.

Што е потребно за да се стане акро пилот?

Најпрвин потребно е да се одвои многу време, затоа што оваа дисциплина бара скоро секојдневен тренинг. Треба и додатни тренинзи, како на пример фитнес, за да се зацврсти мускулатурата на телото. Тоа е неопходно за да се издржи G-силата која во оваа дисциплина може да достигне и до 8G. Додека пилотите на супер-соничните воени авиони носат специјални, таканаречени анти-G одела, во акробатското параглајдерство не се практикува носење на такви одела. Тоа се надокнадува со појачување на мускулатурата на стомакот.

Што претставува за вас адреналинот?

– Интересно прашање. Низ мојата кариера како екстремен спортист, дојдов до заклучок дека големиот наплив на адреналинот може да биде опасен. Затоа, во обуката на ваквиот вид спортови воведов сопствени методи на обука. Јас се потпирам на педантното совладување на техниката. Затоа секое движење го анализирам и потоа барам начин да го увежбам во сосема забавено темпо, за да може да стане автоматско психомоторно движење. Ако почуствувам адреналин при изведувањето на некој маневар, тоа е знак дека не е довлно педантно увежбан.

Неодамна се одржаа 12 тите по ред Air Games во Олудениз, Турција. Вие сте нивен редовен учесник. Кажете ми нешто повеќе за овој собир и како беа овогодинешните?

– Воздушните игри во Олудениз се одржуваат веќе 12 години. Јас учествувам во нив како гостин со свои акробатски точки уште од почеток. Во нив е специфично што немаат повеќе натпреварувачки карактер, туку ревијален. Покрај мене се поканети и уште неколку други светски познати акробатски пилоти. Во игрите учествуваат скоро сите видови воздухоплови. Овој настан го финансира општината Фетије нјмногу поради, на атрактивен начин, привлекување туристи. Олудениз е едно од најпривлечните туристички места во светот. Специфично е тоа што најголем профит угостителите добиваат од летањето со тандем параглајдери и воопшто параглајдеристи кои што сакаат да тренираат акробации или пак во исто време да летаат и да го поминат одморот на најубавите плажи во светот..

Кои екстремни спортови за прв пат стигнаа во Македонија благодарејки на вас?

Моторно змејарство, параглајдерство, Винд Сурфинг, Сноуборд, Спид Рајдинг, Акробатско летање со параглајдер и скокање со параглајдер од хеликоптер, балон и парамотор.

Минатите зими кај нас се промовираше Спид рајдингот како зимски спорт. Вие сте негов промотор…

Спид Рајдингот е прилично нов спорт, којшто е комбинација на скијање и летање. Поради малата површина на леталото може да се изведуваат вратоломни фигури со огромна брзина. Благодарение на овој спорт може да се скија дури и по лавини, што го прави уште повозбудлив и поатрактивен. Кај нас сеуште бавно се прифаќа, но тоа беше случај и со сноубордот, па сега е доволно прифатен.

Постои ли екстремен спорт со кој не сте се занимавале, а ви е предизвик ?

Има неколку екстремни спортови со кои би сакал да се занимавам, но приоритет ми е еден од нив. Се работи за скокање со специјална облека од разни воздухоплови, но најчесто од високи карпи. Многумина тоа го мешаат со падобранството, но сосема е различно. Специјално скроената облека му овозможува на пилотот да лета со огромна брзина и да управува со мали движења со рацете. Сепак, за да се приземји мора да отвори падобран, затоа што е огромна брзината при летањето.

http://vimeo.com/user2377893

Јордан Дуков

Коментари