Латиша Садиер е француска музичарка која е далеку најпозната како некогашна пејачка во бендот Stereolab, бенд кој за време на своето 19 годишно постоење беше жанр за себе. Заедно со некогашниот сопруг Тим Ган, тие создаваа музика каде на едно место се среќаваа поп звуци, краутрок, тропикалија, музика за реклами, мјузак. Тоа беше реализирано во 10 редовни изданија, голем број синглови, голем број мали ЕП изданија, двојни компилации, бокс-сет изданија, синглови со ограничeн тираж и рачно боени корици, ДВД, а листата продолжува понатаму. Во меѓувреме, ги предводеше Monade, бенд кој постоеше паралелно со Stereolab. Со распуштањето на Stereolab така и тој бенд беше распуштен за да таа своите изданија, почнувајќи од The Trip, објавен 2009 г. почне да ги потпишува под свое име. Оваа година таа ќе го издаде своето ново издание, Silencio кое своја промоција ќе доживее на овогодинешното издание на OFF Fest.Поминаа 3 години како започнавте соло кариера при што вашите изданија ги потпишувате под ваше име наместо Monade или евентуално Stereolab. Беа ли овие години поинакви во однос на претходните 19 кога работевте со овие 2 бенда?
– Изминатите 3 години го збогатија мојот живот на нови начини. Тие во голема мера ја зацврстија мојата автономија, нешто што се обидував да го сторам со Monade, на пример. Патував многу и бев на места каде претходно не сум била со Stereolab, како што беше неодамнешното патување во Колумбија или генерално Јужна Америка, а еве и во јуни, во Македонија! Јас целосно уживам во оваа фаза од мојот живот како уметник кој ја носи својата музика ширум светот. Ова најмногу се однесува на работите кои исполнуваат, како и на посетувањето разни места, што не мора да значи дека се далечни, да запознавам локални херои кои сакаат да внесат значење и нов живот во нивната заедница преку носење музика за луѓето. Тоа ми е секогаш возбудливо.
Во Скопје ќе го презентирате вашиот нов албум Silencio. Kaко беше работено ова издание?
– Креативниот процес е дел од континуумот. Прво, процесот имаше период на инкубација, без да сфатам дека јас со месеци само нафрлував идеи на снимачот пред самиот процес на пишување. После некое време, дојде поттикот да ги ставам сите делчиња на едно место. Тоа секогаш се покажувало како застрашувачки период, но овојпат знаев дека треба да му верувам на процесот и дека се ќе дојде на свое место, се додека го слушав, како да го објаснам, мојот инстинкт кој ми кажуваше што да правам. Беше забавно и знаев со кого сакав да работам, а се погоди дека и тие сакаа да работат со мене. Јас уживав во оваа синергија која ја открив додека работев со Џејмс Елкингтон во Чикаго. И се почувствував дека сум спремна да работам со моите пријатели со Тулуз, групата Aquaserge, кои се неверојатно талентирани, оригинални и вредни луѓе. Тие љубезно го ставија на располагање својот талент за моите песни. Се што требаше да направам беше да го оркестрирам ансамблот, што од своја страна беше големо задоволство. Иако имавме 4 дена за да снимиме 4 песни, мислам дека нешто свежо излезе од таа сесија.Велиш дека песните „истражуваат индивидуалната поврзаност со длабокото јас, кое е сместено во пошироко опкружување, но на сличен и свеж начин„. Што значи тоа?
– Мислам дека ние самите сме континуум од тоа што се случува внатре и надвор од самите себе си. Надворешноста не обликува, а за возврат ние ја обликуваме надворешноста, што за возврат повторно не обликува нас. За мене комерцијализмот не попречува да воспоставиме подлабока поврзаност со самите себе. Поради тоа мислам дека ова е причината зошто многумина се изгубени, изгубиле верба во животот или на било кој друг начин ова се манифестира. Silencio се обидува да ја изнесе оваа идеја надвор, дека мораме да управуваме со просторите со тишина во нашиот свет со што би можеле да се поврземе со самите себе. Сето тоа е со цел да се поврземе со себе си за да бидеме во склад со тоа што одекнува како вистинито во самите нас. Со тоа ние ќе можеме да воспоставиме поразумни односи со другите и надворешниот свет.
The Trip е издание кое дојде по еден трагичен настан во вашето семејство и се чини дека тоа влијаеше врз темите на песните бидејќи поголемиот дел беа пишувани за време на периодот на тагување. Дали беше лесно да се отворите на ваков начин?
– Уметноста служи за различни цели. Да пренесе чувствителност, гледишта и идеи, од било каква природа и тие. Таа може да претставува и катарзичен начин за изразување, комуницирање и пренесување емоции. Каква и да е темата која ја обработувате, искреноста е секогаш важен критериум за мене. Ако пишувам за нешто што целосно не го чувствувам, слушам или воопшто не размислувам, тогаш за мене музиката нема причина да биде и со тоа нема да постои. Не се работи за тоа дали е лесно или не да се отвориш – мотивацијата доаѓа заедно со неопходноста да се направи така.
Каква е вашата еволуција и развој како автор почнувајќи од првичните денови на Stereolab па до последното издание?
– За време на раните денови со Stereolab, се сеќавам дека имав соништа за песните. Во нив минував низ зелени полиња во Италија каде Ењо Мориконе заедно со својот оркестар ја изведуваше својата извонредна музика. Потоа, во мојот сон заминував во некоја пештера за да создадам прекрасна песна со помош на 2 лажици, која додека ја слушав се будев, но за жал никогаш не можев да се сетам на сите нејзини детали, освен дека е неверојатно убава и мелозвучна! Тоа беше единственото нешто што ми даваше самодоверба кога бев млад автор. Факт е дека секојпат кога ќе напишев песна значеше дека се случило чудо. Потребно беше време пред свесно да сфатам дека ова е нешто што јас можам да го правам, на свесен начин, дека беше навистина некакво чудо но дека беше резултат на мој труд, страст и способност. Тука немаше нешто кон што би се придржувала во смисол на наоѓање на слични пријателки кои го правеа истото. Во голема мера тоа е изолиран процес, но сега сфаќам дека е се помалку и помалку изолиран и дека постои вистински интерес кај култивирањето на особеноста на женскиот глас, како било чие музичко изразување ќе се манифестира различно и да се најде интерес во тоа, особено кај женскиот начин на музичко изразување кое беше замолкнувано и обесхрабрувано. Сега можам да кажам дека сум тесктописец, па дури и музичар. Но за тоа беа потребни години. Јас секогаш се чувствував како некој натрапник бидејќи никогаш не бев во училиште за тоа.
Како функционираат новите песни во живо?
– Тоа ти најдобро ќе го оцениш. Јас сакам да настапувам сама, да го има целиот тој простор за себе, за да бидам целосно слободна да се движам во песните и да дозволам емоциите да превземат. Планирам кога ќе заминам на турнеја по САД да оформам трочлен бенд, но тоа нема да се случи до септември.
Во Скопје , во рамките на Офф фестивалот во истата вечер ќе настапите со Tortoise. Едно време, и Stereolab и Tortoise беа под закрила на иста издавачка куќа Duophonic, а Џон Мекентаер го продуцираше Emperor Tomato Ketchup, а и гостуваше на Dots and Loops. Каква е поврзаноста меѓу овие 2 бенда? Во 90те тие се сметаа за новина и освежување на сцената.
– Се сеќавам дека Tortoise ги гледав за првпат во Сент Луис. Тоа беше еден од нивните први настапи. Тука бевме и ги гледавме тие момци како на лице место пред нашите очи и уши создаваат музика. Тие беа како архитекти, овозможувајќи и на публиката да ја види платформата која ја овозможуваше конструкцијата и нивната служена структура. И навистина беа како желки (tortoise), правејќи без брзање. Беа многу инспиративни. Тие се чинеа како правите луѓе на кои им се обративме за некои од албумите на Stereolab. Од тој концерт во Сент Луис ние сме пријатели. Тие ни се како семејство.Што беше тоа што ве поттикна да ги основате Monade во 1996, бенд кој постоеше паралелно со Stereolab?
– Причината за тоа беше поради тоа што освен Тим никој друг не смееше да пишува песни во Stereolab. Беше јасно дека ако некој сакаше да се изрази музички тие требаше да создадат свој простор за да се случи тоа изразување. По природа сум мрзлива и до ден денес останува мистерија што беше тоа што ме инспирираше да земам гитара, која не знаев да ја свирам, да пишувам песни, да ги снимам и да ги објавам. Многу сум среќна и благодарна за таа сила која ме натера да го направам тоа.
Каква е разликата помеѓу вашите соло изданија и Monade (бидејќи членовите на овој бенд гостуваат на првото соло издание)?
– Латиша Садиер соло произлезе од Monade, што всушност беше „проект на автономија„. Ми беше потребно време за да сфатам дека јас настапував со својот партнер во бенд кој се нарекува Стерео и јас си оздадов свој проект кого го нареков Моно! Се чини дека Monade постоеше поради и истовремено со Stereolab. Латиша Садиер носи поголема слобода од тоа и постои сама за себе. Автономијата е постигната – добро„ скоро сме таму„ како што би рекол мојот син.