Водич низ СКОПЈЕ

Last Expedition подготвени за нова експедиција

Интервју со Сеад Хаџиќ Сецко – Долгата пауза беше грешка

Некои бендови се големи бидејќи сите ги сакаат, а кај некои бендови привлечноста е во тоа  што не им се допаѓаат на сите. Односно, им се допаѓа на помала група луѓе, но луѓе кои со посебен интерес и посветено ги слушаат и следат во нивниот музички свет. Таквите бендови ги нарекуваат култни бендови. Од основањето па до сега Last Expedition отсекогаш важеле за гаражен бенд за луѓе со посебни афинитети. Оформени во средината на 80-те, горди жители на Ѓорче Петров, овој бенд позади себе остави трага со над 5 одлични албуми и уште повеќе препознатливи песни. После 6 години пауза Last Expedition се вратија во живот со одличниот настап на  Scream Festivalot каде настапија со старата постава и гостинот, Ади Имери. На нивниот концерт се чекаше долго време, а според гитаристот Сеад Хаџиќ Сецко овој концерт отвора ново поглавје во работата на бендот. Сецко, покрај тоа што е еден од оснивачите на бендот е и пасиониран колекционер на гитари,а воедно е и предводник на повеќе бендови и проекти меѓу кои најважни се Ексик, Мугер Фугер и Авангардистика.

фото: Димитар Петровски/Кајгана

Само пар денови по големиот камбек Сецко за Балкон3 зборува за вечерта која многумина ќе ја паметат како онаа кога се врати Last Expedition.

Какво е чувството да се свири со еден бенд како што е Last Expedition после толку време пауза?

-Неверојатно и неописливо! Кога ги видовме луѓето во публиката кои се чуствуваат исполнети и среќни, ја сфативме грешката која ја направиме со долгата пауза. Сите ние понекогаш грешиме, но добро е кога имаме време да ги поправиме грешките.

фото: Димитар Петровски/Кајгана

Дали бендот за време на повратничкиот настап на Scream фестивалот беше изненаден од реакцијата на публиката која го дочека бендот?

-Па добро, на свој начин ние сме навикнати вака да реагираат на музиката на бендот. Така беше и 80′ и 90′ Но, сепак ова е нова генерација и убаво е да се видат и слушнат реакции како од тоа време, каде и новите генерации ги пеат нашите песни од 80-тите па наваму. Таа вечер се чуствував горд на себе и на своите другари, и колку и да звучи нескромно, сепак така беше!  Знаеме дека животот ретко ни носи такви ситуации и сега знам дека сето она што сме го поминале и жртвувале за да дојдеме до ова вредело.  Секоја жртва која сме ја направиле за овој бенд вредела.

фото: Димитар Петровски/Кајгана

Дали тоа е показател за вонвременоста на песните кои биле напишани многу одмана?

Ние сме апсолутно свесни за она што сме го постигнале, знаеме за љубовта која луѓето ја имаат према нас, но тоа носи и обврска према нив. Секоја љубов заслужува да биде наградена, а јас лично се надевам дека ќе им подариме барем уште едно ремек дело. За време на пробите постоеше мал скептицизам дали да се свират Песна за песот, Далеку си, песни кои се направени во доцните 80′, но се соочивме со фактот дека скоро целата публика ги пееше во еден глас. Ние сме среќни момци кои сме оставиле убава трага и не сме го протрошиле залудно своето време. Верувам дека убавите нешта допрва доаѓаат и дека ние ќе ви ги подариме. Сега знам дека ќе биде баш така.

На концертот заедно со вас настапи Ади Имери, еден од најталентираните гитаристи и фронтмен на бендот Јаболко за Даскалот. Како се вклопи тој во бендот?

Мене лично најмногу ме радува тоа што Ади се радува на секоја одсвирена нота и тоа што со нас е како другар кој како да растел со нас во Ѓорче Петров.  Другото е веќе познато дека тој е еден од најталентираните гитаристи кај нас а со тоа како да е созаден за бенд како што е Last Expedition.

-Што ке следува после овој прв настап? Дали ќе има и понатаму свирки или евентуално дали ќе се работи на нов материјал?

Тоа и јас би сакал да го знам. Сега за сега битно е дека меѓу нас владее оној ист ентузијазам како во 80′, а кога ќе договориме да работиме на нешто ново знам дека сите ние ќе дадеме се од себе. Можеби е ова последна експедиција но таа уште долго ќе трае.

-Како гледаш на проектот со бендот Exic (Ексик) од оваа дистанца? Тој на некој начин беше платформа за твојот актуелен бенд Мугер Фугер (Mooger Fooger)?

Па она што јас како гитарист посакував да го развивам беше токму проектот Ексик, затоа што можев повеќе да експериментирам со алтернативните гитарски штимови и да дојдам до нови гитарски хармонии. Од тоа излезе прекрасен албум кој има песни како што се So many loves, Странец, Таксист, песни кои ме охрабрија да продолжам понатаму во тој правец, што како резултат ги донесе Мугер Фугер.

Позитивните критики и пофалби за последното издание на Мугер Фугер „4 јули“ не стивнуваат иако помина доста време откако беше објавен. Каков е статусот на овој бенд сега кога ги активира Last Expedition?

Па во Моогер Фоогер покрај мене членуваат и Огнен и Диме, луѓе кои се присутни од почетоците на Last Expedition, а Енко секогаш бил со нас како морална подршка, така што на свој начин Мугер Фугер е продолжеток на тоа што го правевме со Last Expedition. Најважната работа е дека иако успеавме да направиме 5 прекрасни албуми, сеуште имаме желба за нови истражувања и создавање подобри албуми од предходните. Веќе во март, ќе се подготвуваме за снимање на новиот Мугер Фугер албум, така што приказната од 4 Јули продолжува понатаму.

фото: Димитар Петровски/Кајгана

-Веднаш после настапот на Last Expedition, следи настап со Авангардистика. Каков проект е ова?

Вистинските уметници секогаш се желни на својата публика да и поделат подароци, а вистинскиот подарок е кога некој позитивно ќе ве изненади. Ние ќе се обидеме да го сториме тоа свирејќи мандолини, саз, гитари, деф, армоника, noise kit,…додека одат поетските читања на Ронит и Џабир. Верувам дека пак ќе успееме да ја изненадиме публиката и дека пак ќе видам многу насмеани лица.

Коментари