Истанбул e град на легенда и историја. Не залудно велат, кој еднаш отишол ќе сака повторно да се врати.
И тоа е така, затоа што Истанбул не е само Капали чаршија, Сината џамија, Аја Софија, Топкапи, Босфор. Истанбул има се и затоа измамува воздишки. Има душа за топло добредојде за странците. Ваше е да појдете, а за останатото препуштете му се на градот, тој нека ве води, бидејќи знае што да направи, знае што да ви даде, знае што да ви покаже, но пред се има што да ви понуди.
Ако сакате да го посетите Истанбул топло ви препорачувам тоа да го сторите во месец април кога се случува Фестивалот на лалињата. Верувајте дека тогаш во вистинско светло ќе ја почувствувате пролетната магија.
Првата асоцијација за лалињата е Холандија, каде денес постои најголема комерцијална култивација на лалињата. Но, нивното потекло и име се поврзува со Отоманската империја или поточно со турбаните (на турски тулбенд, муслин, газа). Турскиот збор газа, со која се мотаат турбаните, се чини дека се користел за ова цвеќе, бидејќи целосно отвореното лале потсетувало на турбан.
Најшироко прифатената сторија е таа на Огиер Гислен де Бусбек, Амбасадор на кралот Фердинанд Први во империјата на Сулејман Величенствениот во 1554 година. Тој во едно писмо истакнал дека насекаде има изобилство од цвеќиња како зумбули, нарциси и оние што на турски се викаат лале. Не е коинциденција што овој период – најраскошниот во Отоманската ера е наречен Ера на лалињата (Lale Devri).
Меѓународниот фестивал на лалето во Истанбул се одржува од 1 до 30 април. Ако во овој период се најдете во Истанбул Вие сте среќни. Во тој период сите авении, паркови, градини, кружни текови се обоени и украсени со овие пролетни цвеќиња. Посетете го Емигран паркот, еден од најголемите јавни паркови во Истанбул. Сместен на Босфорот во областа Саријер, после вториот мост на Босфорот. Овој парк поседува неколку градини со лалиња. Паркот е отворен секој ден од 7 до 22.30 часот. Посетете го паркот сместен во Топкапи сарајот, навистина има што да видите.
Нема зборови кои и најдобриот патеписец или поет може да ги искористи за да ве примами да појдете. А, впрочем и не чекајте да читате нечии туѓи зброви, посетете го Истанбул и напишете ја сами својата приказна. До тогаш уживајте во нашата фото галерија.
[nggallery id=5]
Текст и фото: Кристина Ангелеска