Големиот српски писател со светско искуство го посети Скопје по повод македонската промоција на неговиот роман „Лудвиг“.
Српскиот, европскиот, светскиот писател Давид Албахари дојде во Скопје, за да биде дел од македонската промоција на неговиот роман „Лудвиг“. Деновиве во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар, пред почитувачите на делото на Албахари кои не беа во голем број како што се очекуваше, но веројатно беа вистинските, беше промовиран македонскиот превод на романот „Лудвиг“, чиј издавач е „Икона“. Српскиот култен автор на голем број романи, од кои досега шест се прведени на македонски, а кој изминативе две децении живее во Канада, во своето триесетгодишно патување со литературата стекна огромен број на приврзаници. Познати се неговите романи, но особено кратките приказни кои се најчесто автобиографски. Се прослави со својата втора книга „Опис на смртта“ за која ја доби наградата „Иво Андриќ“, а потоа следуваа и останатите престижни признанија. Се издвојуваат и „Мамец“, „Снежниот човек“, „Цинк“ и секако, „Лудвиг“, која на македонски ја преведе Александар Прокопиев.
Ова беше исклучителна можност скопската и македонската читателска јавност да се сретне со Давид Албахари. Авторот се заблагодари што е наш гостин и рече дека би сакал повторно да дојде, дека би сакал и неговите други романи, како „Ќерка“ на пример, или „Контролен пункт“ да се преведат на македонски.
За Давид Албахари (1948) ќе кажат дека е писател со прилично затворен, на моменти дури и херметички израз, дека е автор кој бара голем читателски напор. Неговиот роман „Лудвиг“ зборува за двајца писатели. Едниот се вика Лудвиг, а вториот е истиот тој Лудвиг кој ја користи буквата С. С е опседнат со својот колега писател, нешто слично како односот помеѓу Моцарт и Салиери.
– Драго ми е што ми се пружи можност да дојдам овде по повод преводот на мојата книга. Навистина е убаво да се види моето дело на друг јазик. Се надевам дека ќе изврши влијание, особено на писателите. Посакувам и ’Ќерка‘, па и последниот роман ’Контролен пункт‘ да се преведат на македонски, па да дојдам повторно“, рече Албахари и посочи ако некој помисли дека романот „Лудвиг“ има негативна критика кон Белград, дека тоа не е така и дека сите градови се во суштина, слични. „Јас потсетувам само на некои прашања и дилеми кои чекаат одговор“, рече Албахари, кој на крајот од неговата средба овде одговараше и на прашања од публиката, а во холот пред киното „Фросина“ ги потпишуваше своите романи. На прашањето, кои писатели извршиле големо влијание врз него, ги спомена американските метапрозаисти Џон Барт и особено Роберт Кувер, како инспирација на почетокот од својата кариера. За него, рече, голем број писатели извршиле влијание, како Сингер, што е сосема нешто друго од постмодернистите. „Но“, рече, „постмодернизмот го гледа како нешто со кое на писателот се му се дозволува“.„Никогаш не е доцна да се сака и Томас Пинчон“, додавајќи на шега, „или Давид Албахари“.
Тина Иванова