Островот Тинос, трет по големина во архипелагот Киклади, нуди по нешто за секого: млади кои уживаат во журки на плажа, романтични двојки, вљубеници во традицијата, медитерански гурмани, верници на аџилак, спортисти, љубители на природата, уметноста и семејства со деца!
Тинос се наоѓа во северните Киклади, близу до Сирос, Андрос и Миконос. Од двете пристаништа во Атина, Пиреа и Рафина, секојдневно заминуваат траекти и бродови кон Тинос а патувањето трае од 2 до 5 часа.
Постои мрежа на локални автобуси кои ги поврзуваат поголемите населени места на Тинос, но потребна ви е мапа за полесно да ги најдете (со автомобил, мотор, такси или со стопирање) многубројните културни знаменитости и плажи.
http://www.e-tinos.gr/downloads/map-of-tinos-A4.pdf
Хора: Главен град и пристаниште
Тинос има околу 8500 жители, а половина од нив живеат во Хора (што значи главен град). Таму се наоѓаат и главната пошта, крајбрежната стража, банките, агенциите за изнајмување на автомобили и скутери, такси компаниите и супермаркетите. Покрај пристаништето и низ тесните улички на градот се наоѓаат многубројни пекарници кои нудат вкусни бели пецива, а Кикладите се познати по своите колачиња со бадеми и арома на портокал (amygdalota).
Хора е модерен град. Во минатото градовите на Егејот се граделе во внатрешноста на островите поради стравот од пирати. Денес Хора е познат во Грција како град кој го посетуваат православни верници во текот на целата година на поклоничко патување до големото светилиште на Пресвета Богородица. Црквата Евангелистриа (Благовештение), од раниот 19ти век, е изградена за да во неа биде поставена чудотворната икона на Пресвета Богородица пронајдена на островот. Огромен број верници доаѓаат на празникот Успение на 15ти август кој е исто така државен празник во Грција.
Долго време во антиката Тинос бил единственото место каде се негувал култот кон Посејдон, богот на морето и заштитник на здравјето во овој регион. Аџиите застанувале на Тинос за да се помолат за здравје пред да продолжат кон светиот остров Делос. Остатоците од храмот на Посејдон се наоѓаат близу Хора а предметите најдени на тој и други локалити на островот може да се видат во Археолошкиот Музеј во Хора.
Тинос е место каде се родени голем број сликари и скулптори од 19тиот и 20тиот век кои сè уште имаат влијание на развојот на уметноста во Грција. Најдобро место на кое можете да уживате во делата на овие мајстори и на други грчки уметници се Уметничкиот Музеј на Тинос и Уметничката Галерија во дворот на црквата Евангелистриа. Исто така, ценетата Фондација за култура на Тинос се наоѓа покрај самиот морски брег. Погледнете ги N. Lytras, N. Gizis, Y. Gaitis, K. Parthenis, M. Renieris, I. Altamouras, Y. Roilos, Y. Halepas, D. Filippotis, Y. Vitalis, L. Sohou, I. Voulgaris чии дела ја красат Националната Галерија на Атина, зградите на главниот град, гробишта и паркови.
Nikolaos Gyzis (1842 – 1901)
Ветерница со поглед
Ветерниците беа неразделен дел од животот на островот до пред четириесетина години. Денес можат да се забележат нивните остатоци а само две ветерници сè уште функционираат.
На главната улица која води нагоре по ридот надвор од Хора се наоѓа најдобриот бар на Кикладите. “Кактус” бар е сместен во реновирана традиционална ветерница на место кое нуди поглед кон целиот остров. Сопствениците на барот, и неговите кактуси, и дале на сушната медитеранска природа малку мексикански изглед. Уживајте во текила коктели и тематски забави во барот со неверојатен поглед кон островите Сирос, Делос и Миконос на морскиот хоризонт.
Географски карактеристики
Тинос има 114 км крајбрежје над кое се издигаат ридови со преку 40 села кои се белеат на падините. Патиштата редовно се одржуваат и сите села се пристапни, дури и оние кои се наоѓаат на карпите издигнати над море и кои нудат спектакуларен поглед.
Селото Истерниа со препознатливиот поглед кон островот Сирос.
Секоја падина е обележана со огради од варовник (xerolithies) кои помагаат во обработката на земјиштето и обезбедуваат еколошки баланс. Оградите се од витално значење за почвата и се резултат на вековна заедничка работа на селаните, а денес се под заштита на грчките и законите на ЕУ.
Тинос е препознатлив по своите голубарници кои се наоѓаат во централниот и источниот дел на островот близу села, фарми и извори на вода. Венецијанците го освоиле Тинос во 1207 г. Вовеле систем на одгледување голуви со што се обезбедувало доволно протеинска храна за растечкото население и доволно ѓубриво за полињата. Денес постојат преку 600 голубарници а неколку од нив се во употреба. Тие датираат од 18тиот и 19тиот век и се заштитени како културно наследство.
Цитадела (Exomvourgo) е највисоката карпа на островот (640м) а нејзината стратешка положба и погледот кон архипелагот Киклади е причина зошто Тинос бил избран за административен центар на Кикладите во текот на петстогодишното владеење на Венеција. Населбите овде датираат од времето на Хомер. Остатоци од замокот можат да се забележат и денес иако тој е уништен за време на отоманската опсада после која следело релативно кратко (70годишно) отоманско владеење. За тоа време Тинос бил нарекуван Истендил.
Густа мрежа на камени патеки е остаток од не така далечното време кога превозот на луѓе и добра се одвивал пеш или со магариња. Патеките денес повторно ги откриваат посветени планинари а се одржуваат со меѓународна волонтерска работа. Планинарењето е добар начин да се стигне до старите цркви и ветерници, и да се истражи локалната флора и фауна.
Пиргос: Уметноста на скулпторите со мермер
Најпознат центар на уметноста на изработка скулптури од мермер во Грција е селото Пиргос кое е само по себе отворено уметничко дело. Од автобуската постојка на влезот (не е дозволено да влезете со автомобил) до фонтаните во уличките кои водат до главниот плоштад во сенка на еден огромен јавор, скулптури од мермер го украсуваат секое делче од селото.
Близу влезот на селото, Музејот на Уметниците од Панормос поседува колекција дела од многу славни уметници кои потекнуваат од островот. Тинос е голем производител на бел и зелен мермер па така уште од антиката бил колевка на уметници и занаетчии чиишто дела можеле да се најдат дури во Александрија, Египет или Истанбул, Турција. Тие значително придонеле за оживувањето на античката уметност во современа Грција. Локалниот мермер се користел за изградба на зградите на Универзитетот и Археолошкиот Музеј во Атина во 19тиот век, како и изградбата на Лувр и Бакингемската Палата.
Не зачудува фактот што најпознатиот скулптор во современа Грција потекнува островот: куќата на Јанулис Халепас (Yiannoulis Halepas 1851 – 1938) со поставка на неколку негови дела е отворена за посетители.
Традицијата денес се одржува во Училиштето за Уметност во Пиргос кое е уникатна образовна институција во Европа каде се изучува уметноста на обликување мермер. Импресивна изложба на скулптури од мермер е изложена во Пиргос Музејот на уметност од мермер кој се наоѓа веднаш до училиштето.
Куќите на Тинос се украсени со мермерни светларници над вратите кои се во облик на фолклорни мотиви на птици, папагали, делфини, киприси итн. Низ овие отвори куќите добиваат ефикасна вентилација, но и заштита од силното сонце и силни ветришта.
Волакс: геолошки феномен од огромна корист
Чудни гранитни камења се расфрлени низ оваа особено сушна област на Тинос и пределот изгледа како површината на месечината. За впечатокот да биде потполн и страшен локалните жители препорачуваат да го посетите ова место на полна месечина.
Шармантното село Волакс е една од најстарите средновековни населби на Тинос. Куќите се изградени врз огромни камења кои се некаде видливи како органски елементи од архитектурата.
Населението расте во пролет кога областа ја преплавуваат учесници на шампионатот во пеинтбол, алпинисти кои се качуваат по карпи и планинари кои ги истражуваат патеките стари неколку векови кои водат до и од селото.
Таверните во Волакс се традиционални и едноставни. Може да пробате деликатеси од месо како што се: loutza (зачинета, сушена шунка), froutalia (омлет со компири и Тинос колбаси) и Volakiotiko katsikaki (локално јарешко месо) кое е многу ценето јадење за свечени прилики. Тинос не е остров на рибари и морнари, туку повеќе на фармери и сточари кои обезбедуваат производи од врвен квалитет на грчкиот пазар.
шунка loutza, спој на Егејот и Венеција
Неверојатни плажи
Тинос е дом на многу убави и разновидни плажи кои ги има за сечиј вкус. Некои се подалечни а повеќето се песочни или со ситни камчиња.
Плажата Ливада е една од најубавите
Туристичките капацитети околу лесно пристапните плажи лоцирани близу поголемите населби воглавно привлекуваат семеен туризам. Песочните плажи Агиос Фокас, Киониа,Агиос Јоанис и Панормос (близу Пиргос) се популарни и кај семејствата и кај младите.
Агиос Јоанис
За интерактивна мапа на најпознатите плажи на островот видете на http://www.tinos.biz/map_beach.htm
Спремни за сурфање!
Што друго може да се прави на северниот брег кога дуваат сезонските северни ветришта (Meltemia) и прават бранови кои ги плашат пливачите? Сурфање! Часови по сурфање може да добиете на поголемата од двете плажи Колимбитра. Овде журките на плажа може да бидат организирани но и спонтани – како и да е, секое лето ги има.
Неодамна, блиското село Склавохорио кое не се наоѓа на брегот, реши да возврати со свои журки.
“Сега сме во 2012 н.е. Сите села во Като Мери се подготвуваат да ги исклучат светлата и да спијат: СИТЕ? НЕ…” Склавохорио дава отпор!
Селото на “Љубовта”
Ова навистина е името на селото (Aghapi што значи љубов) но во денешно време младите го гледаат како добар знак и место да се венчаат, или само да го посетат богот Ерос (Купидон), или Св. Агапитос (Саканиот), мала црква која се наоѓа во лавиринт на блескаво бели улички и совршено се вклопува во романтичната атмосфера на селото
Коми: Страшни самовили и вкусни артичоки
Сушната природа ја заменува зелена долина во областа Като Мери а главното село Коми е центар на земјоделското производство. Но внимавајте ако ја поминувате долината сами, особено на полна месечина, бидејќи локалните самовили (Yeloudes) можат да ви го земат јазикот! Немојте да мислите дека старите верувања исчезнале во современиот материјалистички свет, има и страница на Facebook посветена на самовилите каде луѓето ги раскажуваат своите приказни, некои со страв, некои со љубов…
Официјалната страница на Yeloudes:
https://www.facebook.com/groups/26042916952/?fref=ts
На централниот плоштад во Коми локалните власти организираат мајски фестивал на жетвата каде се промовирата артичоката од Тинос, која е најскапоцениот зеленчук на островот. Годишно се продаваат околу 10.000 артичоки кои се користат за подготовка на домашни традиционални и современи јадења, вклучувајќи ја и артичоката скиселена во лимон која ја подготвуваат локалната организација на жени.
Римокатоличко наследство во Егејот
Една третина од населението се римокатолици. Седиште на Тинос-Наксос бискупијата е селото Ксинара и катедралата во “кикладски барок” стил Cathedral of Our Mary of the Rosary (1860) која е секогаш отворена за посетители.
Најголемото организирано поклоничко патување на сите римокатолици од Грција се случува во језуитскиот Манастир на Светото Срце (1724) кој се наоѓа на подножјето на карпата Exomvourgo. Посетителите се добредојдени во текот на летните месеци и секоја втора недела во јули кога се одржува главната прослава.
Во селото Лутра манастирскиот ред на Св. Урсула основаа секуларно училиште кое се здоби со таква добра репутација што сега привлекува деца од атинската и медитеранската елита. Миграцијата од островот после втората светска војна па наваму беше толку драматична што училиштето се префрли во Атина. Исклучително убавите згради, заедно со језуитската црква Св. Јосиф имаат панорамски поглед над зелената Като Мери долина и морето зад нејзе. Во текот на летото тука се одржуваат културни настани и носталгични изложби на уметности и занаети кои се практикувале во минатото.
Час по уметност на тема “Микеланџело на Тинос” во катедралата Св. Јосиф
Отоманската врска
Иако отоманските траги се навистина едвај постоечки на Кикладите, Тинос е местото од каде потекнува најнеобичната жена во времето на Отоманската Империја. Косем Султан (1589-1651), вистинско име Анастасија, ќерка на свештеник но продадена како роб, станува моќна сопруга на Султанот Ахмед I, мајка на двајца султани (Мурат IV и Ибрахим I) и баба на уште еден! (Мехмет IV) Типичен пример на 130годишната ера на таканаречениот Женски Султанат, таа одиграла централна улога во владеењето со царството и била единствена жена која која родила два владетели.
Локални прослави
Тинос има многу села и две деноминации па затоа и многу прослави. Придружете им се на жителите на Тинос во прославата на локален светец заштитник (Panigyri) каде храната и пијалокот ги обезбедува заедницата. Секоја прослава има свој сезонски специјалитет а постои и посебен фестивал на медот од листови од мајчина душичка кој го организираат пчеларите на 15ти септември во селото Кампос.
Селската слава претставува можност да се слушне оркестар во живо кој свири виолински мелодии типични за егејот и да се танцува до зори. Танците од Кикладите се лесни за учење а и никој нема да се пожали ако не играте совршено па…повелете!
Сиртос танц во селото Калони
Проверете на постерите во Хора дали има некоу настани (не очекувајте точност од шампионатот во табла – тие почнуваат кога почнуваат!). Редовни настани и список на селата и датумите каде се одржуваат летни фестивали:
Јуни: Aghia Triadha, Kardiani, Falatados, Hatzirados (4th), Arnados (5th), Smardakito (13th), Triantaros (29th)
Јули: Arnados, Marlas, Porto (1st), Vaketa, Hora, Tsiknias (20th), Tzados (25th), Ysternia (26th)
Август: Priastro, Karya (6th), Panayia, Brysi (15th), Aghapi (18th), Pyrgos (23rd), Komi (29th)
Септември: Aghios Sostis (6th), Vourniotissa (8th), Ktikados (14th), Hora (15th)
Најдобар начин да се поздравите
Назад во Хора и време е да се вратиме дома. Најдобар начин да се запамети Тинос е да поминете во продавницата на локалната заедница, лоцирана во дворот на црквата Евангелистриа. Освен вкусните артичоки и мед, островот има најдобри сирења, органски вина а доматите сушени на сонце едноставно не смеете да ги пропуштите!
Поздрав од Тинос! Се гледаме Наскоро!
Софија Николау