„Границите се само визуелна реалност. Ако летате со авион, нема да ги погледнете тие граници. Ние ги правиме тие во самите нас.“
Музичарот и композиторот Костас Теодору или Дине Донеф е еден од оние музичари чијашто несмалена страст за следење на својата муза го послужила добро. Неговиот некомпромитирачки став и пристап кон музиката му овозможила публика која постојано расте, како и почит од неговите колеги. Неговиот номадски начин на живеење и музичките активности се доказ за успехот на неговите животни филозофии. Поради тие причини, тој е баран соработник и редовен член на неколку реномирани бендови, како што е Савина Јанату и нејзиниот бенд Primavera en Salonico, а работи и со големи ѕвезди во Грција. Освен тоа, тој бил член на неколку all-star бендови кои обединуваа познати музичари од Балканот, меѓу кои најпознати се Balkan Horses и Balkan Wind. Воедно е и еден од ретките музичари на Балканот кој може да се пофали со бројни соработки со колеги од најразлични меридијани на светот. Богатите искуства и ставови на Теодору најдобро се претставени во неговите изданија, каде што звуците на џезот се мешаат со влијанија од балканската и класичната музика.
Вашата рана музичка историја е обвиена во мистерија бидејќи за вас и за вашиот живот нема многу податоци. Ве молам, кажете нешто повеќе за вашите почетоци во музиката.
Со музика почнав да се занимавам кога имав 15 години, но тоа беше повремено. Мајка ми донесе дома една евтина гитара и почнав да пеам. Една година подоцна, го напуштив школото и со него, сета формална едукација. Во исто време го напуштив и својот дом поради што не бев во можност да одам во музичко училиште, бидејќи морав да работам секакви работи за да преживеам. Кога имав 22 години, почнав да патувам по светот, свирејќи на улица и снимајќи. Мене ми се допадна идејата за авантуризмот кога се патува и кога се открива животот преку музика. Чувството беше дека музиката е средство, еден вид јазик преку кој би можел да ги изразам моите мисли и чувства засновани врз моето искуство, т.е. ова беше начин да го откријам светот.
Кои беа музичарите кои имаа некакво влијание врз вас и врз патот што го одбравте за себе и што ве довел до местото каде што сте сега како музичар?
За мене, како жител на Балканот, имаше многу различни влијанија во музиката поради силните традиции кои останаа или, со текот на годините, беа на минување низ овие предели. Некои луѓе од надвор би доживеале културен шок со самото живеење на Балканот. Вие може да сте под влијание на источната музика, звуците на макамите, а во исто време да слушате добро наштимана западна музика. Сето ова има влијаено врз различни јазици и песни во регионот. Во областа каде што пораснав, музичарите ги свиреа тие типични македонски ритми и мелодии со инструменти како што се труба, тромбон, кларинет, хармоника и тапан. На тој начин уште од мал се навикнав да играм на тие „чудни“ ритми.
Инаку, моето село се наоѓа многу блиску до границата, помеѓу Воден и Лерин. Некогаш ја слушав многу таа музика. Кога имав 12 години, за првпат видов електрична гитара. Тоа беше културен шок, морам да признаам (се смее). Подоцна, како и многумина на таа возраст, слушав многу рок-музика, а кога имав 17, имав среќа да запознаам некого кој беше од Атина. Тоа беше музичар кој служеше војска во моето место и беше многу добар пијанист. Инаку, тој беше 8 години постар од мене и заедно делевме соба еден период. Во тоа време, неговиот избор за музика за слушање беа Кит Џерет, Сесил Тејлор, Бил Еванс итн., а јас не можев ни да замислам дека овие работи би можеле да постојат. Почнав да го слушам Чарли Хејден. Бев во голема мера изненаден од звукот на контрабасот. Така почнав да слушам многу џез музика, работи издадени од ЕСМ, Blue Note, а во исто време многу македонска традиционална музика, како и грчка, бугарска, турска, арапска, африканска и многу звуци од разни други поднебја. Некако, сета оваа музика си најде место близу моето срце.
Во тој период вие се одлучивте да се впуштите во светот и да живеете номадски живот, притоа заработувајќи од свирење по улици.
Кога бев, условно речено, доволно стар, почнав да патувам по Западна Европа. Купив едно старо комбе, кое јас го претворив во куќа на тркала, и патував во разни земји, од град до град, заработувајќи со свирење музика. Тоа го правев прилично долго. Со текот на времето, од улиците почнав да свирам во театрите, клубовите, да снимам, итн. Подоцна се вратив во Солун и го оформив својот прв бенд, со кој се обидував да ја свирам музиката што ја компонирав попат. Во тој период почнав да работам како аранжер, бидејќи пишував аранжмани за различни снимки. Тогаш работев за изданијата на неколку важни и познати композитори.
Кажете ми нешто повеќе за вашиот ангажман на грчката музичка сцена!
За време на периодот од 1993 па сè до 1999, работев како ’сешн‘ музичар. Јас сум потпишан како музичар на повеќе од 80 албуми, а сум продуцирал и аранжирал уште неколку. Од ’93 па до ’99 работев многу. Потоа работите ми станаа многу здодевни. Тоа беше причината поради која престанав да соработувам со сите тие големи ѕвезди.
И како формално започна вашата музичка кариера?
Во 1995 г. го снимив својот прв албум, “Nostos,” а го објавив 4 години подоцна. Некаде во тоа време го оформив својот квинтет со неколкумина мои пријатели и оттогаш настапуваме насекаде. Во 2004 г., го снимив својот втор албум, “Rousilvo,” кој е втор дел од трилогијата што започна со “Nostos”. “Rousilvo” беше објавен во 2010 г. (се смее). Него го чував во својата архива цели 6 години. За мене е секогаш тешко да објавам нешто. Денес во светот се објавуваат безброј изданија и јас сакам да бидам сигурен дека ова е вистинското.
Веќе неколку години сте член на бендот на Савина Јанату и Primavera en Salonico, со кои и настапивте во Скопје. Како станавте член со Савина Јанату?
Со Савина почнав да работам многу бргу откако одлучив да ја променам својата насока во музиката. Во периодот кога се запознав со Савина, морав да го менувам басистот во бендот за два концерти. Некои од музичарите во бендот беа мои пријатели. По некое време, перкусионистот не можеше повеќе да настапува со бендот, поради што ме замолија да го заменам. На тој начин почнав да свирам перкусии и нивни член сум од 2002. Заедно снимивме 2 албуми за ЕСМ – “Sumiglia” во 2004 и “Songs of an Other” во 2008 г.
Колку е важен аспектот на соработување за вас?
За мене најважната работа во музиката, а и во животот воопшто, е можноста да се споделува. Кога ќе почувствувам дека некој има дарба, што е многу важно, тогаш тоа природно резултира во добра музика или во нешто друго.
Последните 15 години вие остваривте бројни соработки со многу музичари од Балканот, почнувајќи од проектот Balkan Horses. На кој начин функционираат тие соработки со музичари од Балканот?
Balkan Horses беше еден навистина интересен проект. Тогаш ги запознав Теодосиј Спасов, Влатко Стефановски, Сања Илиќ, како и останатите од бендот, во периодот околу 2000 г. Направивме еден концерт во Софија, а потоа и балканска турнеја. Мислам дека настапивме во Скопје во 2002. Во тој период, јас настапив и на Скопскиот џез-фестивал, заедно со Теодосиј и Хајг Јаџиан од Ерменија, кога перкусионистот Глен Велез ненадејно откажа, а јас морав да го заменам во последната минута. Тоа беше авантуристички потег, но сè испадна како што треба. Потоа ги запознав Тони Китановски, Зоран Маџиров, Јордан Костов и некои добри музичари со кои сè уште често настапувам.
Вие сте едни од ретките музичари од Грција кој, всушност, соработува со музичари од Македонија или од други земји на Балканот. Според вас, колку музичарите во Грција или луѓето кои се интересираат за музика, знаат што се случува на музички план во нивното блиско соседство?

Костас и Ненад 🙂
Општо земено, луѓето во Грција знаат што се случува на места како што се Лос Анџелес или Лондон, но не знаат за случувањата во Албанија, Бугарија или Македонија. Медиумите во Грција имаат таква уредувачка политика што воопшто не се знае што се случува наоколу. Постои едно големо табу, и тоа е последица на политиката. Тоа, на свој начин, ја урива заедницата на Балканот и ние сме лишени од вестите од нашето најблиско соседство.
Дали постојат некои други музичари од Грција кои имаат желба да соработуваат со другите музичари од Балканот на начинот на кој вие го правите тоа?
Во последно време тоа почна да се случува сè повеќе. Во минатото постоеја само неколку музичари кои имаа желба да го прават тоа. Ние, уметниците, треба да размислуваме за политичките теми поинаку од нашите политичари. Ние треба да сме дијалектични за тоа што ни го нуди реалноста. Границите се само еден вид визуелна реалност. Ако летате со авион и ако погледнете озгора, вие нема да ги видите тие граници. Ние сме тие кои ги прават и градат во самите нас.
Дали можете да предвидите исчезнување на тие граници помеѓу нациите и културите?
Како што спомнав претходно, не постојат други граници освен тие кои самите ги правиме. Ние имаме многу работи кои ни се заеднички. Тоа е само еден поинаков агол на гледање на работите, каде што ќе се види што може меѓусебно да се сподели, а не што може да се подели. Тоа ќе го објаснам со една чаша вода – можете да кажете дека таа е половина полна или половина празна. Ако кажете дека е половина полна, тогаш сте за споделување и обратно. Меѓутоа, ние имаме тенденција да ги делиме работите. Вистинските уметници ве мотивираат да ги видите тие поделби и ве инспирираат да споделувате. Можеби ќе бидат потребни две или десет генерации за луѓето да го сфатат тоа, но сигурен сум дека тоа ќе се случи, тие ќе сфатат, и тогаш ќе бидеме слободни.
Фотографии: Хусамедин Гина и Виктор Соколовски