Водич низ СКОПЈЕ

КОШАРКАРСКИОТ ЖОЗЕ МУРИЊО

Харизматичниот скромен лидер на кошаркарскиот клуб Галатасарај од Истанбул, Октај Махмути, годинава е избран за најдобар тренер на ULEB Eurocup. Скопјанецот Октај, задоволен од тоа што неговите фанови го споредуваат со Мourinho, но објаснува: “Побелена ми е косата, најверојатно тоа е главната причина што велат дека личам на популарниот фудбалски стратег Мурињо“.

Нема точно одреден пат што води до успехот, бидејќи тој е многу сложен. Тоа многу добро му е познато на скопјанецот Октај Махмути, во изобилство на голема конкуренција, но со макотрпна работа успеа да стане еден од најпознатите кошаркарски тренери во Турција и во регионот. Годинава е избран за најдобар тренер во ULEB Eurocup. “Многу сум среќен. Убаво е да се добие благодарност за тоа што го работите со години“, вели тој.

СПОРТОТ Е УМЕТНОСТ

Октај Махмути, кај и да работи има само една цел. Клубот каде што е тренер да биде на самиот врв, и во домашното првенство и во Европските купови. Затоа на клупата понекогаш може да биде многу темпераментен. “Кога ќе изгубиме, за жал многу им се лутам на моите играчи. Всушност не би се налутил ако на паркетот се применува она што претходно се договараме, ако се примени ќе нема никаков проблем. Моите реакции никогаш не се за претрпениот пораз. Нормално дека и тоа е дел од спортот. Едноставно она што сакам е мојот играч на теренот да даде се од себе, сто процентен перформанс. Ако тоа го исполнат ќе нема место за лутење“, вели Махмути.

Според него, да се биде спортист од највисок ранг е една од најтешките работи во светот. “Тоа е уметност, нема никаква разлика. Потребна е вештина и среќа. Треба да се наоѓате на вистинско место во вистинско време. Исто така потребно е да се вложи голем труд. Најмногу ми е жал што денес младината која се занимава со спорт, го занемарува образованието. Оваа работа е иста како да градите пирамида, од дното почнуваат илјада луѓе, на врвот завршува само еден“.

КОШАРКА – ПРИЈАТЕН И УБАВ СПОРТ

Октај Махмути е роден во Скопје. Фудбалот му е првата окупација. Со кошарката почнува да се занимава многу подоцна, дури во средното училиште. “Во тогашна Југославија имаше многу квалитетни екипи и голема конкуренција. Ми стана јасно дека нема да можам да станам добар, врвен кошаркар. Затоа одлучив да станам тренер“, раскажува Махмути. Првото тренерско искуство Октај го има во тимот на Работнички. Меѓународното пак во Еџзаџибаши, во 1991 година, а потоа  следуваат секогаш атрактивниот Ефес, италијанскиот Бенетон и сега во Галатасарај, еден од најеминентните турски кошаркарски клубови. “Среќен сум што сум во Галатасарај. Кошарката е многу пријатен и убав спорт. Денес најголемиот проблем во турската кошарка се гледачите. Дури и кога гостуваат познати клубови, понекогаш се забележува дека салата е празна, тоа е многу разочарувачка состојба. Во турската кошарка има ѕвезди, останува само публиката да ја доведеме во кошаркарските арени“, објаснува Махмути.

Дирк Новицки – Европска супер ѕвезда

Идол на Октај е познатиот југословенски тренер Божидар Маљковиќ. За Петар Наумоски вели дека во Ефес Пилсен, од добар играч, станал вистинска кошаркарска ѕвезда. “Тоа време Ајдин Орс, тренерот на Ефес, бараше бек. Го препорачав Наумовски. Дојде, тука покажа многу добри перформанси, секој изминат ден беше се подобар“, додава Махмути. Според него моментално најдобриот европски кошаркар е Дирк Новицки, кој може да ја промени судбината на целата екипа.

“Се обидувам да се облекувам елегантно, сам се грижам за гардеробата, така се чувствувам убаво, а за тоа што велат дека личам на Мурињо, најверојатно е заради побелената коса“, објаснува, и за крај додава: “Моите соништа се исполнети, желбата ми беше да бидам тренер во големи клубови, таа желба ми е исполнета. Сега најважно е да успеам да опстанам на ова ниво. Исто така и клубот каде што сум тренер да биде на самиот врв“. 

Хусамедин Гина

Коментари