Водич низ СКОПЈЕ

Kонтраверзни приказни на четвртиот ден на „Македокс“

КУРШУМЛИ АН

18.00 –20.00ч.

„Дискусии под смоква“

Запознајте ги и дискутирајте со Алис Шмид (режисер на филмот „Децата на планината Напф“), Жужа Божормени (член на жири за награда Кромид), Васја Бибиќ (член на жири за награда Млад Кромид), Јана Цисар (член на жири за награда Млад Кромид).

КИНО ФРОСИНА – МКЦ

19.00 ч.

„ОЧИТЕ И УШИТЕ НА БОГА“ (Словенија, 2012,Tomo Križnar, MajaWeiss)

Кон крајот на 2010 година, со помош на хуманитарната организација Х.О.П.Е., публицистот и активист Томо Крижнар успева да прошверцува 400 видеокамери во Дарфур преку Чад, како и првите две направи за испраќање видеослики на интернет преку сателит.

Малите камери, кои во Кина чинат нешто повеќе од 10 евра, им ги дели на волонтери во воените зони во Судан, со чија помош и е направен овој филм. Нивните снимки се покажаа како поефективни од 20 000 војници на ОН и Африканската унија заедно. Зошто? Затоа што се сведоштво за тајното истребување на африканските домородци од предели во Судан, привлечни поради природните богатства: планините Нуба, Дарфур, Абиеј и Синиот Нил. Ова е документарна приказна и за раѓањето на независниот Јужен Судан, но и за новите војни што отпочнаа по неговото отцепување.

21.00 ч.

РЕПРИЗА „УТРЕ“ (Русија, 2012, Andrey Gryazev)

КУРШУМЛИ АН

21.00 ч.

ФИЛМ ИЗНЕНАДУВАЊЕ

21.35 ч.

„СЕКС ЗА ШУМИ“(Полска/Германија, 2012, Michał Marczak)

Сместена во Берлин, организацијата Fuck For Forest е една од најнеoбичните добротворни организации во светот. Водена од идејата дека сексот може да го промени светот, оваа невладина организација собира пари за еколошки цели преку продажба на домашно направени еротски филмови на интернет. Дени го открива овој неохипи свет на изобилство и радост, каде што сексуалната слобода станува едно со глобалниот алтруизам и ѝ се приклучува на акцијата. Од улиците на Берлин до длабоките шуми на Амазон, овие активисти ги здружуваат силите за да купат парче шума и да ги спасат домородците од болните апетити на Западот.

*Филмот содржи експлицитни сексуални сцени и не се препорачува за малолетни лица и лица со слабо срце.

23.15 ч.

„ЧИНОТ НА УБИВАЊЕ“(Данска, 2012,Joshua Oppenheimer)

По неуспешниот државен удар во Индонезија и интервенцијата на армијата во 1965 година, Анвар Конго и неговите пријатели од препродавачи на кино-билети преку ноќ стануваат водачи на ескадрони на смртта. Така, за помалку од една година, ѝ помагаат на армијата да убие над еден милион наводно прокомунистички ориентирани граѓани, етнички Кинези, уметници и интелектуалци. Само Анвар со свои раце убил стотици луѓе. Оттогаш власта ја „држат“ убијците.

Во филмот, Анвар и неговите пријатели се согласуваат да ја раскажат приказната за убиствата. Но, имаат поинаква замисла; не сакаат да дадат сведоштва, туку да снимаат сцени налик на оние од филмовите за кои на времето продавале карти: гангстерски, вестерн, мјузикли. Тие самите го пишуваат сценариото. И се играат самите себеси. Ама ги играат и жртвите.

00.35 ч. DJ Ненад Тонкин

Коментари