Водич низ СКОПЈЕ

Концерт на скопскиот рок-бенд Lincoln Letter во МКЦ – Филм за нашите уши

Музичката година завршува со концерт на еден млад, но сериозен рок бенд од Скопје, Lincoln Letter, на кој сум веќе голем фан. На почетокот на месецот во Public Room го промовираа својот прв спот. Вистинско вестерн ремек дело, со македонски пејзажи и вестерн сцени во кои се препознаваат македонски верзии на легендарните Џеси Џејмс, Били Кид, или режијата на големиот мајстор на шпагети-вестернот, Серџо Леоне.

Тоа беше „филм за нашите уши“, сериозен, полн рок настап, од кој беше тешко да си заминете. Затоа, со рокерска радост, едвај ја чекам продолжената верзија на минатиот настап. Утре, 29 декември, во МКЦ со почеток во 20 часот со целовечерен концерт Lincoln Letter ќе го промовираат својот прв албум „Bedtime Stories“. Влезот е бесплатен.

Бендот го сочинуваат Јаков Наумоски, Јулијан Мицевски, Борјан Гаговски и Стефан Сајковски, а албумот содржи 12 песни кои функционираат како засебни вестерн приказни. На објавата работеа музичките продуценти Ади Имери и Милош Краљевски, како и самиот бенд, а првиот спот го режираше Звонко Наумоски.

Фронтменот Јаков Наумоски вели дека бендот со нетрпение го чека утрешниот ден, ветува гласна свиркa, на која и претходеа сериозни подготовки. И ние сме нестрпливи, бидејќи очекуваме концерт кој не само што ќе биде филм, туку и празник за нашите уши, и тоа made in Macedonia.

По концертот за слушателите ќе бидат достапни и бесплатни „download“ кодови за албумот.

Д.Ч.

Коментари