Водич низ СКОПЈЕ

Комшиска прослава на Ѓурѓовден на скопското Кале

И православните и Ромите муслимани, на Денот на пролетта излегуваат на пикник на зеленилото меѓу американската амбасада и касарната Илинден. Распалени скари, разиграни деца, љубопитни лица. Со игри, забава за децата и здравици за поберикетна и посреќна година го прославуваат Ѓурѓовден.

„Ромите муслимани го слават првиот ден на овој празник на 6 Мај, кога се дава јагне за Курбан, додека православните одат во црква за да им се отвори среќата“, раскажува Фатма Бајрам Азеловска една од главните организатори на оваа средба.

Додека разговараме за адетите, за како било во минатото и како е сега, на собирот забележав и една госпоѓа… Со посебна заинтересираност и космополитска смиреност го следеше пикникот.  Елзи Иванчич, професорка во пензија на Универзитетот во Калифорнија Лос Анџелес, истражувач на традиционални танци и ора. „Прв пат дојдов во Македонија во 1967 година. На местото на сегашната американска амбасада за Ѓурѓовден беа собрани неколку илјади Роми, играа народни ора во носии со зурли и тапани. Пред мене се отвори еден нов свет, стоев, ги гледав восхитено.. Се вратив со многу импресии, доаѓав повторно, но 10 години подоцна снимивме документарец за Ѓурѓовден“, вели госпоѓа Иванчич, родена и порасната во САД од родители Хрвати..

Како први соседи, на веселбата пристигнаа и гостите од американската амбасада. Амбасадорот Волерс им го честита празникот и седна на софрата да помуабети со присутните, да ја даде неговата поддршка за Ромите и ромските организации кои се борат за нивна подобра интеграција  во општеството, но и да поразговара за полежерни теми, во атмосфера, убава, весела, со топло добредојде, која верувам, како амбасадор, ретко може да ја почувствува при други вакви средби.

А наоколу среќни и насмеани лица, и, ќе се согласите, многумина од нас треба да учат од своите сограѓани од врвот на Калето, дека можеби и не треба многу за мир, спокојство и задоволство..

Дарко Чекеровски

фото: Хусамедин Гина

Коментари