Интернационалните филмски продуценти многупати досега ги имаат искористено пејзажите на грчките острови како сет за многу успешни филмови. Со години тоа претставува добитна комбинација за кино благајните и за промоција на локалниот туризам.
Ајде да се потсетиме на неколку од нив!
Хидра за Софија Лорен (1957)
“Момче на делфин” е првиот интернационален филм снимен во Грција. Главните улоги ги толкуваат Софија Лорен, Ален Лед и Клифтон Веб. Како сиромашна нуркачка која живее на рибарски остров Лорен го отпеа на грчки (надсинхронизирано) хитот на Такис Моракис “Што е тоа наречено љубов” (Ti ine afto pou to lene aghapi) и натера милиони фанови ширум светот да запеат зедно со нејзе. Наскоро елитните уметници и интелектуалци го избираат овој остров во Саронскиот залив за нивна омилена дестинација за одмор. Популарноста трае во текот на целата декада од 60-тите, а Леонард Коен дури купи и куќа на Хидра.
Аморгос за “Големото Синило” на Лик Бесон (1988)
“Големото Синило” (Le Grand Bleu) е волшебен француски филм за пријателството помеѓу двајца нуркачи. Сите сцени на нуркање се снимени во длабоките сини води на плажата Агиа Ана на карпестиот остров Амаргос, која е сè уште омилено место на љубителите на овој спорт. Неизбежна е посетата на бројните барови на Аморгос кои го носат името на филмот, а еден од нив, близу пристаништето Катапола, секој ден го прикажува филмот со превод на повеќе јазици!
Кастелоризо е во “Медитеранео” (1991)
Овој италијански, слатко-горчлив филм, добитник на Оскар, ја раскажува приказната на група војници заглавени на Кастелоризо, од островите Додеканези, во 1941 година. Еден од војниците се вљубува во девојка од островот и останува да живее таму засекогаш. Втората светска војна е одамна завршена но благодарение на филмот инвазијата на италијански туристи на островот трае до ден денешен.
Кефалонија во “Мандолината на Капетан Корели” (2001)
Уште еден италијански војник од Втората светска војна (Николас Кејџ) се вљубува во Гркинка (Пенелопе Круз) на Јонскиот остров Кефалонија со што го направи островот уште попопуларен кај италијанските туристи (Кефалонија е многу поблиску до Италија отколку Кастелоризо). Исто така филмот ги прикажа природните убавини на Кефалонија на публиката ширум светот.
Крит за “Гркот Зорба” (1964)
Изведба наградена со Оскар за Лила Кедрова, познатата сцена со танц на плажа… и веројатно филмот кој најдобро го доловува грчкиот слободен начин на живот, заедно со оскаровецот “Никогаш во недела” (1960) на Дасан. Ентони Квин како Зорба и Алан Бејтс како алтер егото на авторот Казанѕакис се ѕвездите на филмот снимен во регионот Ханиа на Крит. Денес на Крит може да присуствувате на најдоброто сиртаки шоу близу Платаниас (најпопуларното место за забава и ноќен живот на островот) и да гледате изведби во живо на најпознатите сцени од филмот, се разбира проследени со музиката на Микис Теодоракис.
Миконос на “Ширли Валентајн” (1989)
Средовечна домаќинка од Англија (Полин Колинс) на која ѝ е здодеано од сопругот и животот во Ливерпул заминува на летен одмор на грчкиот остров Миконос каде се впушта во романса со мустаќестиот сопственик на таверна (Том Конти). Филмот беше номиниран за Оскар, освои БАФТА награда и го направи Агиос Јоанис и тамошната таверна најпосетувано туристичко место години наназад.
Родос на Ентони Квин, Грегори Пек и Дејвид Нивен (1961)
Британските трупи се борат против нацистите во обид да ги разнесат “Топовите на Наварон” (всушност Родос, најголемиот остров од Додеканезите). Филмот ги прикажува најславните културни места на Родос а и денес постои плажа именувана по Ентони Квин (иако актерот никогаш не успеал да го купи ова место како што посакувал). Родос продолжува да биде врвна туристичка дестинација и локација за снимање филмови. Од Наварон досега се снимени безброј грчки и странски филмови во кои глумеле познати ѕвезди како Роџер Мур, Тели Савалас, Клаудија Кардинале, Жаклин Бизе, Бен Кингсли и Хелен Мирен.
Џејмс Бонд пие вино на Крф (1981)
Дванаесеттиот Џејмс Бонд филм “Само за твоите очи” е делумно снимен на Крф (и Метеора). Најпознатиот британски таен агент паѓа на шармот на Мелина, уште една грчка убавица. Таа размислува за своето минато на терасата на Ахилион, палатата на австриската царица Сиси на островот Крф каде Роџер Мур наместо неговиот заштитен пијалок мартини (протресен, не мешан) зачудувачки нарачува… Теотокис вино. Винаријата Теотокис навистина постои но никогаш не била толку позната како што е прикажано во филмот! Од друга страна, Крф отсекогаш бил омилена дестинација на Британците (барем за оние кои играат крикет на огромниот централен плоштад во Крф).
“Летни љубовници” на Санторини (1982)
Санторини стануваше омилена дестинација на грчките летувалци кога американскиот еротски триаголник го направи познат како Остров на Романсата – во некој задоцнет хипи стил. Филмот е снимен и на Миконос, Делос и Крит но Санторини ги освои срцата на “љубовниците” Питер Галагер, Дерил Хана и Валери Кенесан која зад филмските камери го поминувала времето лудо забавувајќи се со Грците дојдени на одмор. Куќата на “љубовниците” во селцето Оја денес е продавница за сувенири и се вика (па како поинаку?) Summer Lovers!
Многу години подоцна Анџелина Џоли како “Лара Крофт” (2003) помина по стрмните вулкански карпи на Санторини и оттогаш редовно доаѓа на одмор со својот познат партнер.
“Мама Миа”! Навистина е Скопелос! (2008)
Мерил Стрип, Колин Фирт и Пирс Броснан се ѕвездите на овој мјузикл кој ги раскажува летните авантури на мајка и ќерка и е длабоко носталгичен по музиката на АББА. Продуцентите на филмот дојдоа до ново откритие: прекрасниот остров Скопелос во егејскиот архипелаг Споради. Но, во филмот островот е наречен Калокери што на грчки значи лето. Плажата Кастани никогаш не очекувала да биде толку поврзана со музиката на АББА но единствениот бар кој се наоѓа таму ги пушта нивните (незаборавни) песни секојдневно!
Софија Николау