Балкон3 на Филмскиот фестивал во Стариград Пакленица, местото каде моќниот Велебит влегува во морето
Секое мое патување во Хрватска е приказна за себе. Најчесто одбирам места на кои никогаш не сум била и тргнувам без очекувања, едноставно бидејќи сакам да се изненадам од единственоста што секое место си ја носи за себе и со себе, пријатна или не. И овој пат беше така.
За Starigrad Paklenica Film Festival знаев одамна, но оваа година конечно се намести сложувалката да бидам дел од ова меѓународно збиднување единствено од овој тип во светот – фестивал на музички документарен филм.
Стариград Пакленица е местото каде моќниот Велебит влегува во море. А на две места, кањоните Голема и Мала Пакленица, природата дозволила границата меѓу планината и морето да се измеша во ‘пеколна’ убавина. Самите кањони се рај за алпинисти, планинари и секаков вид љубители на помалку или повеќе екстремни спортови. А по напорните искачувања и уживањето во височините, симпатичното местенце ви овозможува гушкање со морето на повеќе убави места… Кој како љуби – на карпи, на песок, на уредени плажи.Пакленица ми беше еден од дел од Хрватското приморје каде не сум била и тоа беше предизвик само по себе, а спојот со музиката и филмот ми се чинеше како идеална околина да запознаеш едно парче од рајот на земјава. И не згрешив…
Тимот на SPFF не можел да одбере подобро место за да ги спои музиката и филмот во прекрасна симбиоза со природата. Чинам дека немаше посетител кој не беше оставен без здив. Некој од исклучително квалитетниот избор на филмови кои земаа учество на фестивалот проектирани во магичните кина под ѕвезди, некој од концертите кои се одржуваа под ѕвезденото небо на Мала Пакленица, некои од храната, некој… Но сите заедно од прекрасната енергија за време на дружбите на сите учесници. Како да сме едно, како е да Пакленица центарот на светот.Како што кажа директорот на фестивалот Адмир Чулумаревиќ во интервјуто за Вечерњи лист, најголемото богатство на фестивалот беа луѓето. Сите ние се споивме на посебен начин. Начин кој за секогаш го смени нашиот поглед на музиката, филмот и двете заедно споени во овој жанр.
На фестивалот бевме 6 дена, но на крајот се чувствувавме како да сме таму кој знае од кога, споени во една компактна маса од љубители на убавини, поврзани со планината, морето, музиката и филмот. Самите проекции се одвиваа во трите кина кои секој ден за нас ги подготвуваше тимот на SPFF, по едно во кањоните на Мала и Голема Пакленица, а како новитет од минатите изданија на фестивалот беше киното на плажа.
Од 148 пријавени филмови на фестивалот, селекторот Зоран Пезо ни овозможи да уживаме во 28 наслови. 22 филмови се натпреваруваа за награди, по 11 долгометражни и кратки музички документарци. 4 филмови погледнавме во рамките на Словенечката недела, бидејки Словенија беше земја партнер на фестивалот оваа година. А како бонус, надвор од конкуренција погледнавме уште 2 филма. И ако некој ме праша да одвојам кој филм најмногу ми се допадна, ќе речам дека во овој жанр, тоа е многу тешко, посебно за љубители на добра музика и филм. Секој наслов си носеше приказна за себе, раскажана на посебен начин, онака како што раскажувачот тоа го видел.
Searching for Sugarmen (SWE, Malik Bendjelloul) низ солзи и смеа не’ прошета од едниот на другиот крај на светот, во една сосема откачена приказна со непредвидлив крај.
Marley (USA, Kevin McDonald) биографска сторија за Bob Marley раскажана од неговите најблиски, во негов манир – весело и полно со позитивна енергија која тој така умешно знаеше да ја сподели низ своите песни. Hugh Laurie: Down by the river (UK, John Paul Davidson) не’ запозна со музичката страна на познатиот актер (Dr. House) преку неговото патешествие низ Америка, по трагите на неговиот омилен музичар. 60 минути музика за почит. Шабан (СРБ, Милош Стојановиќ) неизбежен балкански зачин на атмосферата на фестивалот со приказната за Шабан Бајрамовиќ. До солзи се смеевме и уживавме во единственоста на овој балкански блузер чии песни се длабоко врежани во нашите генетски кодови.Ова се само неколку наслови, а ги погледнавме и Fredie Mercury: The Great Pretender, Hrvatska rapsodija: Maksim Mrvica, Coldplay, Supersonic: Tribute to Sun Ra, Martino Unstrung, Damir Avdić: Pravi Čovjek za Kapitalizam и Marko Brecelj: Priletni parazit, ali kdo je Marko Brecelj.
Во конкуренција на кратки филмови погледнавме една широка лепеза на кратки приказни од сите страни на светот исполнети со многу музички жанрови, но и приказни за изработувачи на гитари, за колекционери на грамофонски плочи… за луѓе кои едноставно живеат за и со музиката. На листата на прикажани филмови беа Klapa Cambi: Piva klapa Kornelija, Fink: Warm Shadow, Music Man Murray, Za sve je kriv Earl Jones, Randy Parsons: American Luthier, Northern Haze: Living the Dream, Why Amsterdam, Big Bang Percussion, Rosario, Sedam Tamburaša čika Marka и All Hail the Beat.Сепак, и покрај многуте одлични филмови кои беа во конкуренцијата за награди, жирито мораше да додели награди на 6 од нив: две награди Special Mention од стручното жири за филмовите Шабан (СРБ, Милош Стојановиќ) и Music Man Murray (USA, Richard Parks) и 4 од публика за филмовите Klapa Cambi: Piva klapa Kornelija (CRO, Sandra Polić Živković), Marko Brecelj: Priletni parazit, ali kdo je Marko Brecelj (SLO, Janez Burger), Martino Unstrung (UK, Ian Knox) и апсолутниот победник на фестивалот Searching for Sugarmen (SWE, Malik Bendjelloul).
Словенечките автори се претставија со Otroci Socijalizma, Toše – The Hardest Thing, Vlada и Jan Plestenjak: Priznam. А музичко-филмскиот колаж надвор од конкуренција го дополнија Nick Cave: Road to god knows where и Jazz Apartman.Со еден дел од режисерите, продуцентите и ликовите од филмовите имавме можност да се дружиме во рамките на прес конференциите и работилниците и од нив да научиме од поблиску за создавањето на овие филмови, да научиме дека овој жанр нуди една огромна слобода на изразување, широк дијапазон на теми и приказни и што е најважно, многу, многу музика.
Така поминавме корисно време со Andy Markowitz (UK) еден од основачите на MusicFilmWeb.com најголемиот online извор посветен на информации и критики за музички документарни филмови, Thomas Norgaard (DK) млади и иновативни продуценти на филмот за Pearl Jam, Rada Sesic (NL) креатор на програми и селектор на многу филмски фестивали, предавач на Master of Film во Холандија и претседател на жирито, Uli Schueppel (GER) режисерот на филмот Nick Cave: Road to god knows where и Marko Brecelj, главниот лик во филмот Marko Brecelj: Priletni parazit, ali kdo je Marko Brecelj.Посебна енергија на фестивалот донесе рубриката Film&Food во рамките на која сите заедно се дружевме во филмскиот центар, а дел од познатите учесници готвеа за нас. Не ретко овие дружења завршуваа со гитара и песни од сите страни на светот.
А пак ноќите беа резервирани за концерти и ДЈ сетови во просторот на Мала Пакленица. Тешко се доловува атмосферата која беше секоја вечер посебна на свој начин. Дарко Рундек и неговото Карго Трио не’ дигнаа на нозе и сите во еден глас пеевме. Тамбурашите не прошетаа низ сите простори на поранешна Југославија.Ќе заклучам дека организаторот успеа да ни ги задоволи сите сетила… Гледавме ѕвезди под ѕвездите, уживавме во прекрасна музика, мирисавме море и јадевме прекрасна храна.
За крај, ќе го цитирам Wim Wenders со мисла со која и претседатлеката на жирито Рада Шешиќ ја заврши својата работилница: “Кога одите во кино, мора да дојдете како една личност, а да излезете како друга. Филмот мора да ве допре, смени…”
Starigrad Paklenica Film Festival сосема ја исполни оваа мисија. Се гледаме догодина пак!
Анита Палческа