Водич низ СКОПЈЕ

Како да ја направите вашата прва сложувалка?

TR GR EN

Сложувалките – популарно хоби на Балканот 

Жител на Родос ја има составено најголемата сложувалка на светот, широка е над пет метри, висока два метра и има неверојатни 32.000 парчиња. Еден Солунчанец, пак, има уште само малку место на ѕидовите во својот стан за да закачи нови составени и врамени сложувалки. Полни се од долу до горе, па наскоро можеби ќе мора да ги закачува на таванот. И еден човек од Бурса ги има покриено своите ѕидови со десетици сложувалки, од најмали до најголеми.

Се` на се`, ова е популарно хоби во нашиот регион, што може да се види и од интернет-форумите или од фејсбук-групите каде што се собираат вљубениците во сложувањето, меѓу кои секогаш има многу луѓе од Балканот. Тоа може и да се очекува од место на кое пред илјадници години старите народи правеле огромни мозаици од ситни камчиња. Нивната традиција продолжува и денес, наместо со камен, со картон, и на неспоредливо полесен начин, но со истото чувство на возбуда и на задоволство додека се прави нешто големо од илјадници мали парчиња.

Многумина мислат дека никогаш не би можеле да направат сложувалка. Тоа можеби не е лесно, но сигурно не е невозможно. Еве неколку едноставни совети како да ја направите вашата прва сложувалка.

За почеток, што да се избере, која големина и илустрација? Сложувалките од 1.000 парчиња се прифатени како некаков стандард, доволно големи за да не бидат здодевни, но и доволно мали за да не бидат напорни. Може да се почне и од 500 или од 1.500 парчиња, но со другите големини веројатно би направле грешка во чекори. Исто така, најдобро е илустрацијата да биде шарена, но боите да не бидат премногу испреплетени, за полесно да може да се види кое парче каде припаѓа.

puzzle 1

Првата фаза е селекцијата. Земете неколку празни садови или пластични кутии за да ги поделите парчињата во нив.

puzzle 2

Постојат неколку форми на парчињата. Тука се оние со една рамна страна, што значи дека се од крајот, од рамката. Другите имаат комбинација од празнини и израстоци што меѓусебно се прицврстуваат како „клуч“ и „брава“. Има со четири „брави“, со три „брави“ и еден „клуч“, со по две „брави“ и „клучеви“ поставени едни наспроти други (овие се најмногубројни ), потоа со по две „брави“ и „клучеви“ поставени едни до други, со три „клуча“ и една „брава“ и со четири „клуча“. При спојувањето може да бидат завртени на која било страна, хоризонтално или вертикално. Освен наопаку, секако. Кај поквалитетните сложувалки, на секоја „брава“ и одговара само по еден „клуч“, па затоа е невозможно по грешка да споите две парчиња што не си одговараат.

puzzle 3

Можеби понекогаш е добро парчињата да се поделат според формата, но многу почесто тоа се прави според бојата, по која се препознава каде најверојатно припаѓаат. Овие ги поделивме во пет групи: деловите од рамката (каде што формата сепак беше критериум), птиците и цвеќињата, деловите од пандите, зелената околина и околината што не е зеленило. Ако некое парче не можете да определите каде е, ставете го каде било, и онака ќе му дојде редот. Ако потоа наиде некое слично, ставете го на истото место. Оние што припаѓаат на две групи (на пример имаат и зелен дел и дел од пандата) одлучете каде ќе ги ставате и групирајте ги на истото место. Подобро би било да се стават во помалото купче. Нормално, ако при селектирањето видите парчиња што си одговараат, спојте ги и оставете ги настрана. Посебно издвојте ги ќошевите, оние со по две рамни страни. Тие ќе ви бидат почетокот.

puzzle 4

Конечно почнувате да редите. Прво направете ја рамката, на некој поголем картон или на друга површина. Потоа решете од која група ќе почнете. На пример, од птиците и цвеќињата. Наредете ги парчињата во линија, за да бидат попрегледни.

puzzle 5 puzzle 6

Тука триковите завршуваат и се` се сведува на барање кое со кое одговара. Не мора да одите по некој ред. Секои две парчиња споени се чекор поблиску до големата слика, бидејќи окрупнувањето ја олеснува понатамошната работа.

puzzle 7

Не очекувајте дека ќе им го најдете местото на сите парчиња од кутијата. Кога нивниот број ќе се намали, отворете ја следната и додајте нови парчиња. Продолжуваме со деловите од пандата. Кога и нивниот број ќе се намали и ќе почне да ви оди бавно, одете понатаму. Следна група ќе биде незелената околина. Како што ќе ги отворате новите кутии, така ќе ги наоѓате и парчињата што претходно ви недостасувале, односно ќе ги пополнувате дупките.

08 puzzle 9

Се` ќе биде полесно кога ќе ја извадите и последната група парчиња и ќе знаете дека кое и да ви треба, можете да го најдете на масата.

puzzle 10

Најверојатно во некој момент доцна во ноќта, ќе ја добиете целата слика.

puzzle 11

Следно – обидете се да застанете само на една. Тешко, бидејќи сложувалките знаат да бидат вистинска зараза. Можете да продолжите со некој поголем предизвик. Тоа не мора да биде сложувалка со повеќе парчиња. Може на пример со илустрација на која боите се многу слични, па повеќето од триковите што се користат за да се олесни работата, не може да се употребат.

puzzle 12

Еден интересен податок. Според Алцхајмеровото здружение на Канада, како и според многу други експерти, составувањето сложувалки е еден од подобрите начини да се спречи развојот на Алцхајмеровата болест, затоа што ја подобрува краткотрајната меморија, создава рамнотежа и синергија меѓу левата и десната страна на мозокот и го поттикнува излачувањето на допаминот, кој ја подобрува концентрацијата и мотивацијата.

На крајот, погледнете го и ова видео од составувањето сложувалка од 5.000 парчиња. Ќе се шокирате од тоа како завршува.

Гоце Трпковски

Коментари