„Ова е најдоброто турско кафе кое некогаш сум го испил во животот, верувајте ми!“ , ни вели искрено нашиот пријател и фотограф Аркан Чинетчи откако посети мало кафуле во историскиот град Хасанкејф во Југоисточна Турција.
Градот лежи на познатата река Тигар која заедно со Еуфрат се реки кои се протегаат низ регионот некогаш познат како Месопотамија. Тигар извира во Турција и тече низ Ирак, за на крајот да се спои со Еуфрат сочинувајќи ја реката Шат ел Араб или „Арапски поток“ која пак се влева во Персискиот залив.
И како што реките давале живот за многу цивилизации од дамнина па се до денеска така и кафето било и останало дел од традицијата и од секојдневниот живот на локалните жители. Со векови го подготвувале, се до создавање на совршеното турско кафе.
„Мислам дека тајната е во тоа што додаваат малку млеко додека го прават кафето“, ни вели Аркан обидувајќи се да ја открие тајната на убавото и кремасто кафе кое го испил во ова интересно место. Ова кафе буквално му останало во душата и ќе го памети цел живот.
„Да пиеш кафе со ќеиф во Хасанкејф“, си помислуваме ние додека ги слушаме зборовите на нашиот пријател Аркан и додека ги разгледуваме фотографиите кои ги направил од ова место.
Најдоброто кафе, според неговите зборови, го испил во локалот „Уolgeçen hanı“ или во буквален превоед „место каде често застануваат патниците“.
Искреното воодушевување на Чинетчи не поттикна да побараме и повеќе податоци за ова место со интересно име-Хасанкејф. Историскиот град е лулка на една од најстарите цивилизации која датира уште пред 10.000 години. Во варовничките карпи кои го опколуваат градот има илјадници пештери кои ги изработила човечката рака, стотици археолошки споменици и други локалитети од историска важност. Хасанкејф бил прочуен во средниот век како место низ кое минувал познатиот „Пат на свилата“. Местото сега е познато и по хидроелектраната Илису која се очекува да биде завршена годинава, а која според многумина може да ги загрози историските локалитети.
За овој град се пишувале многу книги и патеписи. Се претпоставува дека и прочуениот истражувач Марко Поло минал низ мостот кој се протегал на реката Тигар во Хасанкејф. Денес од овој мост се останати само камените столбови, но и приказните за Марко Поло. Уверете се и самите, слушнете уште многу приказни и испијте го најдоброто кафе во ова место, кафе за ќеиф во Хасанкејф.
Автор: Балкон3
Фото: Аркан Чинетчи