- Што е фрапе?
Тоа е ладен пијалок од кафе кое се мати за да се добие пенест прелив. Се служи во висока чаша полна со коцки мраз и се пие со сламка.
- Што содржи фрапе?
Само инстант кафе и вода. Шеќер и млеко се додава по избор и по вкус. Млекото треба да биде свежо или кондензирано (млекото во прав ја растопува пената).
- Што НЕ е фрапе?
Кафе кое не е инстант, кафе со сладолед, кафе со чоколаден прелив, кафе со шлаг, кафе измешано со узо, со газирана минерална вода…итн. Аке го сервирате во обична шолја за кафе веднаш престанува да биде фрапе.
- Со каков вид храна се служи фрапе?
Без храна.
- Дали постојат правила за подготовка на фрапе?
Секако. Ова не е еспресо кое се пие набрзина, фрапе се подготвува за да трае прилично долго (некои луѓе го пијат со часови). Затоа се потребни многу коцки мраз и сламка: мешањето на пената и мразот го одржува фрапето свежо долго време. Па, не брзајте, закажете дружба со пријателите, земете табла и уживајте!
Важно: никогаш не наздравувајте со кафе – тоа носи несреќа:)
- Како е создаден овој пијалок?
Случајно. Во 1957 за време на Меѓународниот Саем во Солун (HELLEXPO). Пронаоѓачот е Димитрис Вакондиос, претставник на Nestle (компанија која прва промовирала инстант кафе на грчкиот пазар). За време на саемот компанијата демонстрирала како да се користи коктел шејкер за подготовка на нов ладен чоколаден пијалок. Продавачот сакал да се напие кафе но немал топла вода па затоа ги искористил работите што му биле при рака и … останатото е историја!
Фрапе на француски значи “матено” и името е добиено исто така случајно инспирирано од еден француски пијалок кој не содржи кафе. Неколку години подоцна Вакондиос ќе изјави:“Сè уште не можам да сфатам како еден мал експеримент доведе до пронаоѓањето на најпопуларниот пијалок во Грција!” За волја на вистината, Вакондиос сега ќе беше милијардер ако го патентираше рецептот.
- Која е врската помеѓу фрапе и грчката поп култура?
Во комедиите од 1960-тите познатите актери често пиеле фрапе на романтичен состанок.
Во денешно време (во телевизиските комедии), фрапето се поврзува со клише ликови кои со часови дискутираат за разни работи, ништо не работат и се најчесто саркастични.
Се разбира постои и фрапе жаргон кој се користи да ја искажете вашата потреба за пијалоков или мислењето за луѓе кои се однесуваат како веќе споменатите клише ликови.
- Каде може да се најде фрапе на планетава?
Туристите во Грција бргу го открија и засакаа овој пијалок. Многумина го промовираа во своите градови понекогаш адаптирајќи го вкусот (види прашање бр.3) но името е секаде исто.
Постојат податоци дека фрапе е забележано во далечни земји како Белорусија, Либан, Камбоџа, Малезија и Кенија. Други необични места се кафетеријата во Музејот Едвард Мунк во Осло, Норвешка, кафетеријата на Универзитетот во Билбао, Шпанија и за време на еден хип-хоп фестивал кој се одржува во Чешка. Во градовите каде има голема заедница на Грци (Чикаго, Њујорк, Мелбурн, Торонто, Будимпешта, Брисел, Лондон и многу градови низ Германија) лесно ќе пронајдете фрапе. Исто така, фрапе ќе најдете на оние места кои редовно се посетувани од голем број грчки туристи.
Реклама за фрапе близу Вселенската Патријаршија во Истанбул, Турција.
Но, Солун отсекогаш бил и ќе остане центарот на фрапе културата.
Барот на врвот на Белата Кула едноставно мора да го посетите!
- Како сами да подготвите фрапе?
Потребни ви се 2 основни состојки. Инстант кафе (од најлош квалитет, скапите брендови или здравите варијанти не доаѓаат предвид) и електричен миксер за коктели (прави многу густа пена).
1: Сипете малку вода во чашата.
2: Ставете го посакуваното количество кафе (и/или шеќер по вкус). На пример, за средно благо фрапе потребни се 2 полни лажички кафе и 2 полни лажички шеќер.
3: Ставете го миксерот во чашата и мешајте одоздола нагоре како што се формира пената.
4: Дополнете ја чашата со вода (и/или млеко по вкус) и додајте што е можно повеќе коцки мраз. Ставете сламка во чашата и послужете.
Уживајте!!!! (и без наздравување:)
Софија Николау