Недела наутро. Тивко радиото пее, низ џамовите влегуваат последните убави зраци сонце за годинава, а боите? Ех боите се друга приказна, од жолта на липите на Ѓуро Ѓаковиќ, до црвена на костените на Наум Наумовски, или дури и златна на дрворедите на Ленинова и Орце Николов. Да, јас и мојот крај, сами наутро в недела. Ова е единствениот ден, од седумте кои ни се зададени, во кој можам, како некогаш да уживам во мојот крај. Велам крај, а не маало а? Премногу го почитувам овој дел од мое Скопје, наше Скопје, ама не и нивно Скопје за едноставно само да го крстам маало, зашто Буњаковец и Дебар Маало се многу повеќе од само маала. Тоа се приказни за растењето во крај каде од два до пет дури ни возила не ја рушеа попладневната дремка, каде секоја приквечерина ќе се собереа постарите на легендарната клупа да си прикажат, каде секој септември гореа казаните за ракија, каде секој октомври мирисаше на тазе печени ајварски пиперки, каде клуч на врата беше чудна работа, каде се живееше во центар на градот, ама пак не толку во центар.
Пак сум сам со крајот, па нели недела е. Убаво си се присетувам, зашто само тоа и остана, само сеќавања измешани со чувства и мириси и ликови и случки од едно друго време, кое сега изгледа како дамнешно, кое полека избледува за наскоро можеби и ич да го нема. Ми текнува на Томче кројачот и неговата работилница од привремен карактер, која за 40 години стана дел од карактерот на крајот. Дури и името и беше такво како што се чувствуваме – Шампион, па нели и бевме шампиони на истекот на 80- тите, а Вардар ни беше тука само право преку Илинденска. А чичко Томче налицкан, стегнат само ќе не поздравеше на крајот на денот, кога ќе си го поднаместеше шеширот и ќе си заминеше, за утредента пак да ја повтори рутината. А кога си го гледам ликот со шеширот, се ми се чини дека в раце ја држам смоквата украдена од дворот карши од, како што го викавме, лошиот Егеец, кој не знам зошто се лутеше за смоквите кои и така му скапуваа. Па кругот, или за нас Кругче, еј што трки со точаци сме удирале таму. Толку кругови правевме што дури и ќе ни завртеше во главите.
А паркот, Градски нели, ама каков Градски тој беше наш, личен, од сабајле до вечер таму да се било, дали со точаци, дали пешки, само да ги отриеме сите скришни местенца, за утре да се фалиме дека го знаеме подобро од другите. Од паркот си се префрливме на истражување на крајот, па од кај Стоп, кучето кое везден не лаеше, знаејќи ги нашите намери, близу стара Идадија, кога ќе се качевме на гаражата, па оттаму по секое шупиче, кујниче, низ дворови, преку плотови, крај насмеани лица, намуртени комшии, ќе излезевме на другиот крај од нашиот крај. Што повеќе не караа, толку посреќни бевме од мисијата. Мирисите беа незаменливи – зимница за наесен, анамските раце и липите за пролет – знак дека крајот на школото доаѓа, а летото беше резервирано за црешата одзади во дворот. Ама тоа не беа цреши, абе чиниш сите сокови од природата се збрале на едно исто место. Каде подобро да ти почне распустот од качување на цреша и поглед на црвените керамиди на комшиските куќарки.
А пак ликовите, ама не ликови туку легенди, кои познати по добар, ама и по лош муабет, или барем така ни кажуваа. Што повеќе сакате од луѓе познати по прекарите, за кои по толку лисја паднати и снегови навеани, дури и малку тешко си припомнувам. Еве на пример, Киро Бугаринот и неговите веѓи – натстрешници, кои секогаш биле извор на страв кај мене, а мислам и кај другите помлади генерации, или пак на пример т.н. Секси Лазе. Зошто Секси ич не ми стана јасно, имаше неколку верзии – непотврдени, секако лафови за низ крајот, ама експлицитноста на тие муабети не ми дозволува да Ви ги пренесам. Ха, ха, ха или пак вицовите и подметнувањата на постарите, кои ние помалите само ги гледавме, а и до крај не ги разбиравме. На пример, кога маалските мангупи убедиле друг маалец, инаку машинист по струка, дека тој мора секоја недела да си ги продувува свеќичките на ладата, за дострелот на советската автомобилска индустрија, да не му се распие. Ај малку им беше тоа, па дури и го натераа, дека секој ден треба да го менува воздухот во гумите. Уште ми е врежана сликата како човекот, едно добри три дена, ги издувуваше и ги пумпаше четирите гуми на ладичето. Се смилостија и му кажаа дека се било за мајтап. Имаше ли реакции од насамарениот? – Малку, ништо страшно, дружбата си продолжи.
Знаеш, како што повеќе ги редам зборовите на хартија, така повеќе сликите ми се редат в глава, како стар филм, пуштен на уште постар кинематограф, излижан, пожолтен, некаде дури и скинат, ама квалитетен со приказна. Исто како што беа добро изработени кунг-фу филмови што секоја сабота си ги гледавме со немерно уживање во кино Карпош. Да, да, сегашното кафуле, постои на темелите на старото кино и добро е што барем некому му текна да го удостои скопскиот Одеон. Мерак, надвор зима, ама онаква скопска, со снег и мраз, а внатре исто така ладно, нема греење, ама си се сластиме со Шаолиновите монаси, надсихронизирани со лош англиски, на по нашки, бајат „прожектор“ со влакна од операторот закачени на страниците. А овие тепаат ли тепаат. Ништо живо не остана. Нормално, се пратеа и светските трендови и кога некоја година подоцна глобални икони станаа јапонските средновековни убијци во црно, ние си го гледавме „Амерички нинџа“. Дали поради влијанието на поранешната држава, или поради фактот што титловите беа почесто на тогашниот српско-хрватски, „амерички“ ни беше поприфатливо од „американски“. Кога вака читам, што сум наредил, ќе си помислам дека тоа беа безгрижни денови. Знаеш што, па навистина и беа. Тоа беше период на златните години на ју-економијата. Или така нам ни изгледаа. Видовме дека имало други чоколади освен оние на „Краш“ и на „Европа“. Мислам дека тогаш првпат некој виде и киви на пазарите. Сите мисела дека се работи за некој нов вид на т.н. „влакнести компири“. Тоа беа златни денови и за крајот, иако не знаевме дека дека и тие се при крај. Мирот си остана и наспроти немирната транзиција. Се уште, барем на почетокот од два до пет попладне, слабо по старите улици се движеа возила, Идадија уште единствена, обединета си ги чадеше ќебапчињата и ребрата, невознемирена од каква било конкуренција, во Шампион работеше „сингерицата“ ,во „Слобда – Чачак“ си се сервисираа правосмукалки и машини за перење, на Вардар добро му одеше во новиот амбиент, старите и понатаму дробеа на „клупата“, уште се чукаше и штрафеше по разни фиќовци и стојадини кај комшијата, црешата убаво си раѓаше зад куќата, а смоквите и понатаму беа скапани. Дури можевме да седиме, а некој и првата цигара да ја запали, пред се уште за нас познатата зграда на ЦК. И после немало демократска промена. Како не бе. Имаше промени, ама какви? Тектонски и тоа набргу, многу набргу. Некому му текна дека крајот е убав, погоден, подложен за разубавување. Ама не за корективна, туку за пластична хирургија за промена на личен опис, а и попис. Ќе си урнам едно куќаре, а може и две, за да направам зградуле. Не големо, малечко, со едно триесетина станчиња. А бе знаеш, за семејството, за најблиските, за синчето, за ќеркичката. Не само што оваа идеја помина кај еден, двајца, туку бе тренд стана. Едно, две и оп зградиче, едно две и оп блокче. Ново, демек поубаво. Зошто стари куќичиња од цигла, кога може зградиште од бетонче и стакло.
Нов простор, отвора и нови можности за вселување и тука доаѓаме до делот на промена на пописот. Од старомаалци, се претворивме процентуално не во новомаалци, туку во новодојденци, доселеници од секаде, а и од никаде. Чуден мерак, се што ќе влезе во престолнината, сака во стариот центар. Чудно, можеби сите претходно си живееле во центар во своите градови. Потоа се појави и вториот феномен – под зградичето, не гранапче, не колонијалче, туку кафуле, ама не едно, туку милион. Шупиче-кафуленце, ама не „На здравје“. Како може да има здравје од неподнослива бучава, од автомобили како на сто метри со пречки, од кои не можеш дома да си влезеш, од самобендисани пејачи-дрекачи, од гости кои терминот „култура“ го ставиле во категорија апстракција или несуптилно го заборавиле дома. Е, тоа е новиот изглед на стариот ми крај. Ја нема веќе клупата, исто како и Шампион – привременото објектче со постојан карактер кое исчезна во темелите на едно чудовиште, а со него и звукот на „сингерицата“. Томче и шеширот останаа само во мислите. Ја снема и „Слобода – Чачак“ заедно со правосмукалките и машините за перење. Не го слушам Бугаринот, а не ги гледам ниту веѓите-натстрешници. Го нема и Секси. Црешата е исечена. Не додржаа ни смоквите да скапаат. Ја откорнаа смоквата. Не се штрафи веќе на фиќовци и стојадини. Ги заменија поршеа, бемвиња, јагуари, мечки и други животни, квалитетни, кои не треба да се заштрафуваат. Тие се менуваат со нови. Кој има ќе плати, нели?
Фалат и шаолин филмовите, а уште повеќе Карпош киното. Тоа меѓу првите замина во историјата. Што убава зграда – касарна никна таму. Мерак. Се случија и поделби, големи, значајни. Од една добивме две Идадии, две за подобро да се справат со конкурентите кои ги има колку ти душа сака. „По три меани на метар квадратен“ – се смеат маалците, врста која за жал е на работ на исчезнување, и велат „Рај за алкохоличарите“ кои со промените како повеќе да ги има. И на Вардар не му одеше најдобро, да не кажам ич, а и Градски ни го земаа, а ни го испорачаа Филип Втори – важно име за постарата историја на паркот и на крајот, нели? Пишувајќи ги редовиве на ум ми дојде легендарната реченица на Гери Олдман од „Состојба на убавина“ кога вели: „Ти се верува ли колку го сменија маалото што дури од Пеколна кујна ни го преименуваа во Клинтон“. Што друго останува освен на ваков, неделен ден со последните зраци на сонцето, некој да се присетува за времињата минати, незаборавни, мили, ама неповратни.
Населувањето во тоа што денеска е познато како Дебар маало и Буњаковец почнало во 20-тите години од 20-от век, на тогашната периферија на старо Скопје. Според достапните информации, земјиштето на територијата на сегашен Буњаковец било сопственост на поединци, Варон и Буњак, на претпријатија или банки. Жителите и на едното и на другото маало, во најголем дел се доселеници од дебарскиот крај од каде заминуваат поради сиромаштија. Карактеристично за нив е што биле добри еснафи, црта вградена како во нивната работа, така и во нивниот живот. Со текот на времето и ширењето на Скопје двете маала се инкорпорираат како дел од стариот град и важеа за, и покрај промените по земјотресот, едни од најсочуваните примероци на предвоено Скопје, кои ја преживеа и 63-та и транзицијата, но за жал не и ,,неоколонијализмот,, кој од почетокот на 2000-тата го зафати главниот град.
Владимир Мирчевски