Сме слушале многу приказни (или митови) за јапонската култура на минимално искористување на непосредната околина, за тоа дека не се користи ништо повеќе од неопходното, па оттаму малите станови, градини, крајно рационализираните сообраќајни решенија итн. Тоа што ни беше помалку познато, пак, е дека Јапонците го имаат истиот пристап и кон традиционалната театарска уметност.
Во Скопје за првпат беше изведена претстава од класичниот јапонски „Но“ театар. Сосема неочекувано и невообичаено искуство, кое на многубројните посетители им понуди нов начин на сфаќање на уметноста, па дури и на животот. Малиот, но преполн театар во центарот на градот се премести неколку стотини години низ времето и над 9.000 километри кон далечниот исток.
Но каков е тој театар штом толку многу ги изненадил тие што го виделе, што е толку необично за него? Приказната за „Но“ ни ја раскажа Кјутаро Хашиока, човек што го имал првиот настап уште на тригодишна возраст, главна улога на осум години, а денес е професор и еден од најдобрите познавачи на оваа древна јапонска традиција. Пред неговиот настап, тој ги подготви гостите за то што ќе го видат. Тоа е најстарата театарска уметност што континуирано се изведува и настанала два века пред Шекспир. Секако, Јапонците знаат дека грчката класична драма е многу постара, но нејзината традиција се прекинала, додека „Но“ се одржува веќе 700 години.
„Но“ влече корени од јапонскиот Зен будизам и тоа веќе кажува доволно. Во целосна согласност со светогледот на оваа земја, тоа е театар кој користи многу малку, за да покаже многу. Накратко, претставите ги игра само еден актер, облечен во традиционален костум, кој ги менува своите маски кога треба да го промени ликот што го толкува. Исто така, нема никаква сценографија, само ритмична музика од изведувачи во живо (иако на претставата во Скопје беше пуштена снимка), преку која се раскажува приказната во претставата, а актерот неа ја доловува со својот танц. И тоа е се`. Премногу едноставно, се` до зен-моментот кога ќе сфатите дека е всушност премногу сложено. Тоа е театарска претстава која публиката, додека ја гледа, треба да си ја создаде во своите глави.
– Актерот ги менува маските и во една претстава може да биде и стар и млад, и маж и жена, и човечко и божествено суштество. Јас, на пример, подоцна ќе настапам во улога на женско божество. Зарем можете да ме замислите така? Сценографијата е минимална. На запад, ако треба да се претстави замок од 5.000 соби, сцената ќе се гради долго време за да се направи тоа. Но во „Но“, тој замок ќе треба да го замислите. Првиот актер што ќе настапи ќе изведе небесен танц. Ве молам, додека го гледате, да си замислите некое рајско убаво место – ни рече Кјутаро Хашиока.
И приказните во „Но“ се едноставни, без комплицирани ликови и испреплетени настани, со морална порака. Како на пример таа за рибарот Хакурјо, кој што нашол убава наметка закачена на борово дрво, и сакал да ја однесе дома. Но тогаш се појавил женски ангел и го замолил да ја врати наметката, бидејќи без неа не може да се врати на небото. Рибарот прво одбил и ја условил да му изведе еден небесен танц за да ја добие наметката назад. Таа се согласила, но му одговорила дека не може да го стори тоа без моќта што ја добива од наметката. Но Хакурјо ја прашал како може да биде сигурен дека ако и` ја врати, таа нема едноставно да избега на небото без да го исполни ветувањето? На тоа небесната девица одговорила дека само луѓето ја имаат способноста да лажат и тоа не е својство на божествените суштества. Рибарот се засрамил и ја вратил наметката, а ангелот го извел танцот. Во театарот го видовме ангелскиот танц.
Светлата се гасат. Осамениот актер излегува на празната сцена. Јапонската песна, неразбирлива за нас, како и ритамот, се слушаат во позадина. Нема никакви акробации или тешки движења, само строго определени едноставни чекори без чевли. Тоа е, исто така, само навидум, инаку податоците покажуваат дека танцот на „Но“ е една од најисцрпувачките физички активности што постојат. Чекорот и звуците што ги создава се многу важен дел од претставата и се вклопуваат во ритамот. Актерот застана. И музиката запре. И ова е важен дел. Како тело кое, согласно законите на физиката, се смирува кога ќе го достигне максимумот во движењето. Потоа продолжува. Го изведува небесниот танц ветен на рибарот Хакурјо. Нема ни небо, ниту многу танц (како што би бил сфатен според западните стандарди), ниту рајска градина. Илјада луѓе гледаат илјада различни претстави додека еден единствен актер изведува една. Се` друго се случува во главите. Така продолжи и настапот на мајсторот Хашиока. Тој одигра дел од претстава со маска, во која беше божество што благословува еден стар брачен пар и нивната вечна љубов и заедништво, со нагласок дека како што игличките на борот растат по две, се` во природата доаѓа во пар.
Тоа е театарот „Но“, и тоа е неговиот начин на кој што го менува светогледот на луѓето.
Гоце Трпковски