Пензионерите сакаат да ја видат Македонија во ЕУ, не поради сопствениот стандард, туку поради подобрата иднина на своите деца. Скептични се, но се надеваат дека ќе го доживеат тој историски ден.
„Кога поминувам на пешачки чекам да дојде некоја жена. И ако таа тргне и јас одам по неа. Инаку, овде не им верувам на сообраќајните правила. Тука кај нас возачите на жените им го прават ќефот и подзастануваат. Инаку во себе си велат. Кој го шиша, пензионер е, евтин човек е“, низ насмевка ни раскажува 76-годишниот пензионер, Никола Миленковски, надевајќи се дека овие навики ќе се променат откако ќе станеме членка ЕУ.

Миленковски: “Кога влегуваме во автобус, младите велат, еве ги вампирите. Тоа е многу лошо.”
Со скопскиот пензионер Никола разговараме во паркот “Жена борец”, наспроти парламентот. Во омиленото место на скопските пензионери, тука најчесто се игра шах, се дебатира за актуелни настани, а понекогаш и за понежниот пол.
СО ЕДНА НОГА СУМ ВО ГРОБ
Следната дестинација каде што можеме да разговараме со пензионери, секако е чајџилницата АТ-АЛ, која се наоѓа во близината на турската чаршија. Местото може слободно да се нарече како гнездо на пензионери. Во чајчилницата се забавуваат со многубројните друштвени игри, како што се карти, домино, табла и океј.

Мехди Етиш: “Иншала, би сакал да го пробам тој лезет”
Во дилема сме до кого да се доближиме, затоа бараме помош од сопственикот на чајџилницата, младиот Доган. Тој, без да се двоуми ни го препорачува г-динот Мехди Етиш. “Добар соговорник е” ни вели Доган.
Мехди има 72 години, работел како мајстор за изолација во градежната индустрија. Има две пензии, една од Србија една од Македонија.
“Иншала, би сакал да го пробам тој лезет, можеби вие ќе го дочекате тој ден, јас сум стар и тоа најверојатно нема да го дочекам. Со една нога сум во гроб. Сакам барем младите да го видат тоа, ние изгубивме многу години. Не мавтаат 20 години, се уморивме веќе од ова чекање”, ни вели Мехди, загрижено.
Нашиот разговор со пензионерите не потсети на антидрамата “Чекајќи го Годо”, од Семјуел Бекет. Овој театар на апсурдот преставува само празно губење на времето додека се чека нешто што нема да дојде. Животот сепак е поткрепена со надеж за подобра иднина, надеж, дека утре ќе биде подобро, дека утре можеби ќе “дојде” ЕУ.
“ВАМПИРИ”
Пензионерите сакаат да ја видат Македонија во ЕУ, не поради сопствениот стандард, туку поради подобрата иднина на своите деца, но воопшто не се задоволни од нивниот однос кон нив.
“Кога влегуваме во автобус, младите велат, еве ги вампирите. Тоа е лошо. Јас не им сметам на младите бидејќи се возам во 11 часот, кога нема гужва. Но, има и несовесни пензионери, кои се возат во најфрекфентниот период. Затоа не ги сакаат пензионерите. Не почитуваат само кога им требаат пари” се пожали, Никола, дотеран како вистински скопски џентлемен, во одело и шешир.
“Како пензионер јас им помагам, но и тие ми помагаат. Имаат земено кредит, тоа треба да се одплати. Мене воопшто не ми требаат пари, за еден чај имам доволно, мене единствено ми е потребен срдечен муабет со пријателите” додава, стариот скопјанец Мехди, кој е задоволен од односот на младите кон него.

“Чајџилницата АТ-АЛ, гнездо на пензионери”
5,10,12…
Нашите пензионери се скептични дека набргу ќе влеземе во ЕУ. “И ако се случи тоа, нема да тече мед и млеко” сметаат тие, свесни дека животниот стандард зависи од состојбите во домашната економија, којa што нема да се промени преку ноќ.
Проценката на Мехди е од 5 до 12 години, а Никола смета дека членството може да се случи најрано за десет години.
“За да Македонија стане членка на ЕУ, треба да исполнат многу критериуми, но за жал не ги исполнуваат. 20 години сме независни држава, нас никаде не не примаат”, револтирано раскажува Мехди.
Никола пак со различен став. Тој смета дека нашите соседи се главната пречка во нашиот пат кон ЕУ. Но, истотака вината ја гледа и во неединството на политичката елита.
“Ете тука го гледаме парламентот. Има пратеници кои се културни и поминуваат на пешаки премин, но има и такви кои не ги почитуваат сообраќајните правила. Тие треба да бидат пример и да ги почитуваат законите кои ги носат во парламентот”, ни објаснува Никола.
МАКЕДОНИЈА СТАРЕЕ
Според податоците на Евростат, има нагорен тренд на стареење на населението во ЕУ. До 2060-та година речиси 30 отсто од вкупното население на ЕУ ќе бидат лица со над 65 години. Во 2010 на таа возраст во ЕУ биле 16 отсто од населението. ЕУ 2012-та ја прогласи за година на активно стреење и солидарност на генерациите.
Целта е да се подигне свеста за придонесот кој старите луѓе можат да го дадат во општеството и да се охрабрат сите инволвирани страни, на сите нивоа во општеството, да преземат акција со цел да создадат подобри услови за активно стареење и за зајакнување на солидарноста помеѓу генерациите. Во периодот од 2000 до 2010 година, во Македонија учеството на старото население (65 и повеќе години) е зголемено од 10.1% на 11.7%.
Никола и Мехди, како голем дел од македонските семејства живеат во заедница со своите деца, со своите редовни пензии се столб на домашниот буџет.
Хусамедин ГИНА и Ердем АМЕТ