Интервју на Балкон3 со Зинат Рахман
Зинат Рахман е специјален советник на државниот секретар на САД Хилари Клинтон, за глобални младински прашања и директор на канцеларијата за глобални младински прашања. Во тоа својство, таа работи на координација и унапредување на напорите на државниот секретар Клинтон во поттикнувањето, ангажманот и промоцијата на глобалните прашања за младата популација.
Г-ѓо Рахман, како специјален советник на државниот секретар Клинтон за пашања поврзани со младите,кажете ни кои програми и кампањи ги спроведувате во САД со цел да се постигне што поголема општествена интеграција на младите луѓе?
– Државниот секретар Хилари Клинтон навистина верува во силата на младите луѓе, дека тие се носителите на промените, тие се позитивните катализатори за промени во општествата. Моја задача е да осигурам дека нашиот ангажман, работите кои ги правиме заедно со младите луѓе имаат навистина реално влијание во нивните животи во врска со прашањата кои се важни за нив. Во таа насока, моја задача е да им дадам простор да ги кренам гласовите на младината, во нашата билатерална и мултилатерална дипломатија, да разговараме за проблемите на младите, бидејќи тие создаваат повеќе од половина од популацијата во светот. Над 50 проценти од светската популација е под 30 години.
Во САД има млади луѓе од различни религии и од различно етничко потекло. Како се справувате со нивните потреби, што е заедничко за сите нив?
– Во САД често велиме, а тоа го кажа и претседателот Обама минатата седмица за време на инаугуративниот говор, нашата различност е нашата сила. Ние сме нација на различности во секоја смисла на зборот. Имаме религиозна различност, етничка, културолошка, социоекономска различност. Така што, мислам дека прашањето е како го градите заедничкотоопштество, со почит на сите различности и со разбирање на заедничките цели. Што е она што можеме да го постигнеме заедно, а сотоа да ги подобриме нашите општества. Мислам дека дијалогот е важен, локалната акција, локалната заедница е од голема важност, како и почитување на нашите различности.
Сметате ли дека слични програми можат да работат и на Балканот?
– Да. Само што доаѓам од една школска програма, програма во средно училиште. Програма која ги учи младите луѓе на интеретнички дијалог. Тие тоа го користат во секојдневниот живот, а не само кога ги имаат овие средби и разговори. Нивното учество во оваа програма им овозможува да гледаат поинаку на различните од себе.
Кој е вашиот општ впечаток за ситуацијата со младите луѓе овде на Балканот?
– Ова е моја прва посета на Македонија, и за сега имам многу топли впечатоци. Мислам дека луѓето се многу искрени и пријателски настроени. Пред малку го посетив Американското катче во Тетово, на ручекот имаше околу 20-тина деца, од 13 до 16 години. И од она што го видов можам да кажам дека сум полна со надеж. Овие деца се навистина способни и полни со енергија. Сакаат да направат промени во нивната заедница, аборуваат англиски многу течно. Умеат да дебатираат, да разговараат за се, за правата на жените, за дијалог, и сакаат во сите овие дискусии да се вклучат и нивните врсници.
Невработеноста е многу голем проблем во Македонија. Многу млади луѓе ја напуштаат земјата. Како да се подобри оваа состојба?
– Мислам дека има многу предизвици со кои се соочуват младите луѓе во целиот свет, но овој проблем е број еден. Во светот има околу 75 милион и невработени лица. Ако го слушнавте Бан ки Мун минатата недела, тој рече дека ако не се справиме и не направиме нешто за решавање на овој проблем ќе имаме изгубена генерација. Јас мислам дека има многу работи кои треба да се направат на сите нивоа. Она на што сум фокусирана е претприемништвото. Мислам дека за да се биде иновативен, треба да се изнесат иновативни идеи, и со одредена помош да се направи тие идеи да станат реалност. Да се отпочне со претприемништво тоа е крајно придвижувачка и поттикнувачка работа. Тоа, во идеални услови, води до развој на малиот бизнис, кој пак треба да е главниот двигател на економскиот раст. Ние сме фокусирани на тоа. Мислам дека ако се фокусираме на партнерството, иновациите и поттикот, тие се трите делови на претприемништвото. Во различни региони од светот ние гледаме на кој начин да создадеме услови во кои младите луѓе можат да ги развијат и остварат своите идеи. Понекогаш преку ментор кој бил таму порано и одлично ги познава условите, или преку промовирање на нивната работа, или преку обезбедување контакт со некој кој сака да ја финансира нивната идеја. Бидејќи се работи за иновативна програма. Така што, има доста работа во тоа поле, но јас мислам дека тоа е поле кое многу ветува.
Постои гнев кај младите луѓе поради кризата. Ако погледнеме на ситуацијата во Грција и во некои други земји во Европа, нели сметате дека мерките на штедење само ќе ја влошат ситауцијата, кај младите, бидејќи на крајот тие ќе бидат најпогодените од тие мерки?
– Ова е многу важно прашање. Мислам дека живееме во свет на различни јата, различни групи, фаза која претходно ни била непозната. Тоа зборува колку многу сме меѓусебно поврзани, многу повеќе од порано. И мислам дека ако гледате на традиционалните начини на успех во животот, тоа некогаш било да се најде работа во владата или во државната администрација, да се има кариера од 30 години, да се обезбедат услови за пензија, да се живее со семејството во ист град… Тоа веќе не е така. Не е така во САД, ниту во Европа, и веројатно нема да биде случај ниту во Македонија. Така што, оваа генерација на новиот милениум, милениумската генерација или генерација на јата, таа се менува, нејзе и треба промена цело време, да биде иновативна да биде успешна и јас мислам дека ние се уште не знаеме кои се тие патишта на успехот, бидејќи токму тие треба да ги создадат, а тоа пак креира одредена несигурност. И затоа, сметам дека ја имаме таа нелагодност околу ситуацијата која се менува и недовербата во властите, и различноста од условите и вредности кои важеле за нивните родители, но не важат сега за нив. Но се надевам дека ќе се надмине овој тежок период, и тие ќе најдат начин, да бидат водечка сила во иновациите токму поради способноста да ја користат новата технологија. Бидејќи сакаат да ја сменат актуелната состојба, бидејќи статус кво позицијата не оди во нивни прилог.
Можеме ли да направиме споредба на проблемите со кои се соочуваат младите во САД, Европа, Азија? Кои се главните предизвици во специфичните региони?
– Од пред половина година сум на оваа позиција. Патував во Латинска Америка, работев со младината на Блискиот Исток и во Европа. И во секое место има разлики, но има и сличности меѓу генерацијата. Ако се фокусирате на сличностите ќе видите дека тие се технички добро потковани како групи, и честопати се служат со исти културни референци насекаде во светот, комуницираат едни со други на истиот начин, можеби не од една земја со друга, но комуницираат преку употреба на друштвените медиуми, употреба на нивни кодови, кратенки, и сите се иновативни, имаат идеи. Без разлика дали се од место во кое можат да ги развиваат идеите, или пак се судираат со доста предизвици, јас гледам искра во нив како носители на промените во заедниците. Мислам дека различноста меѓу луѓето, најголемата разлика меѓу луѓето не е поради разлилните региони, туку разликата помеѓу луѓето кои се поттикнати, храбри да направат промени и луѓето кои не веруваат дека можат да го сторат тоа. А, јас само што се сретнав со 20 деца во Американското катче во Тетово кои веруваат дека можат да направат промени во нивните заедници.
Ако има добар рецепт за подобра вклученост на младите луѓе кој би бил тој?
– Мора да им дадеме место на масата, да ги поттикнеме, да им покажеме дека нивните идеи се важни, значат нешто. Не сакам да поедноставувам, има многу предизвици, но ова е прво за почеток. Нашата амбасада во Скопје има младински совет, и ние младинските совети ги сфаќаме многу сериозно, од нив доаѓаат многу идеи и јас овде дојдов да ја поздравам работата што тие ја вршат во Македонија.
Кои се предизвиците на 21 век за младите?
– Мислам дека тоа е предизвикот од недостаток на економски можности. Сметам дека државите како мултинационални организации мораат да се фокусираат на создавање работни места и можности за младите луѓе. На светот има преголем број млади луѓе чии таленти се потрошени залудно бидејќи немаат пристап до образование или вработување.