Рибарското минато живее…
Бела куќа со сини капаци на прозорците. Силни бои и изразен контраст. Боите на небото и на морето, како и на грчкото знаме. Рецепт за совршена фотографија, најдобар начин да се каже – ја посетив Грција. Сепак, тие не биле поставени таму за да им се допаднат на туристите, според некоја логика на тематски забавен парк. Нивната улога е поинаква, и го открива предтуристичкото минато на многу летувалишта.
Насекаде во медитеранот сликата е слична. Шарени куќи со силни бои. Црвено-жолти нијанси во многу места во Италија, сино-бели речиси насекаде во Грција, бели во Шпанија… И насекаде тие се голема инспирација за фотографирање. Секако дека станува збор за традиција, зад која стојат мошне практични причини. Повеќето приморски населби што денес се летни туристички дестинации, во минатото биле само рибарски населби. Некои од нив биле такви до пред само неколку децении. Силните бои на куќите им овозможувале на рибарите полесно да се ориентираат во невреме, да ги забележат своите живеалишта и да се насочат кон нив. Тие за нив биле многу повеќе од животно значење, отколку од естетско.
Дел се зачувале како компактни целини и денес служат како потсетник на тоа минато, и голема атракција за посетителите. Но траги од рибарското минато може да се најдат и на неочекувани места, кои што значително се трансформирале по напливот на туристите. Старите рибарски куќи во Лептокарија, под Олимп, се скриени меѓу новите, големи туристички вили со апартмани за издавање. Некои се целосно напуштени, други се адаптирале да примаат гости во еден порустикален амбиент.
Има и такви што се претворени во кафетерии и ресторани, како и во мали бизниси и во деловен простор, привлекувајќи го вниманието на потенцијалните клиенти со својот невообичаен изглед. Но еден дел се` уште се користат од рибарите. Минатото продолжува да живее, а гостите, пак, ја добиваат можноста да ја направат својата совршена грчка фотографија.
Гоце Трпковски