Водич низ СКОПЈЕ

Илина Арсова – САМУРАЈ меѓу планинските врвови

TR GR EN

Планините не прават подобри и посреќни луѓе

Со месеци се оддалечува од удобен живот, води борба со освојувањето на планините. Но, сето тоа вели не прави поблагородни и подобри луѓе. Како врвен алпинист, но и ликовен уметник, тоа за неа претставува инспирација, композиција, перспектива.. Епитетот „Највисока Mакедонка“ го добива лани по искачување на врвот Аконкагва 6963м – највисок врв на западната хемисфера, Јужни Анди, Аргентина. Наскоро ќе тргне во освојување на врвот на светот.Алпинистите ги нарекуваат самураи на модерната ера? Се согласувате ли со тоа?

Искрено го немав слушнато ова порано, но ми звучи магично. Дефинитивно прифатливо. За жал не многу луѓе се запознаени со целата посветеност и пожртвуваност која овие спортови ја бараат затоа и успесите и резултатите од алпинистички подвизи не секогаш вистински се ценат и вреднуваат. Планинските спортови се тешки за категоризација бидејќи во нив скоро и да не постои натпревар. Ако планината ни дозволи да ја искачиме тоа не значи дека сме ја победиле, доколку пак не ја искачиме, тоа не е пораз. „Алпската уметност е уметност на страдање“ вели полскиот алпинист Вождек Куртука. Со месеци се оддалечувате од удобен живот, водите долга `борба` со освојувањето на планините. Што добивате за возврат?

Тешко да се објасни со зборови. Тоа е една огромна лична сатисфакција, мене лично како ликовен уметник ми претставува ликовна инспирација, композиција, перспектива необичен колорит… Секогаш кога ќе се соочам со невообичаен пејзаж ги разбирам сите сликари низ историјата на уметност кои природата ја претставиле на нереален начин. Тогаш увидувам деке се’ е можно и небото може да биде црвено, а снегот виолетов и облакот може да има секаков облик како на сликите на Ван Гог, како на некој стар цртан филм или пак некоја хипер модерна видео игра. Секое искуство од подолг период на планина, не учи на опстанок и преживување. Но, и на соживот со природата. Стануваме поблагодарни кон животот и малите работи што не прават среќни. Се оддалечуваме од материјалните здоволства и уште еднаш себе си си го потврдуваме фактот дека животот не се состои само од интернет, ТВ, и социјални мрежи (особено ако се користени за непродуктивни цели).

Какво е чувството кога сте сами на тие височини? Се случило ли некогаш да `разговарате` со некој врв?

Многу често, понекогаш помислувам дека разговорот со планината претставува еден вид молитва. Во тие моменти искрено ја изразувам својата љубов кон врвот, планината, опкружувањето. Понекогаш тоа е само восхит од убавини кои не опкружуваат, наспроти реалниот урбан хаос во кој мнозинството луѓе претпочитаат да живеат.

Сигурно имате контакти, се дружите и со алпинисти од другите држави. Сте имале ли алпинистички искуства во Грција или во Турција?

Грција и Турција со мојот качувачки и експедициски партнер сме ги посетиле повеќе пати. Во Турција интересна авантура беше скоро 40 часовното патување со воз од Истанбул до градчето Ван, близу иранска граница, каде искачувавме интересни вулкани високи до 4300м. Потоа посетивме неколку спортско качувачки локалитети во Југо западниот дел на Турција. Цело време за транспорт користевме јавен превоз, типично за нашите досегашни патешествија. Имено, во Турција имам работено уште од своја 19 годишна возраст во 2002 година, кога работев како хотелски сликар и оперативец во параглајдерска компанија во местото Олудениз.

Грција исто така нуди огромен избор за качување по карпи, што е одличен тренинг за нашите наредни подвизи. Имаме посетено неколку дестинации во околината на Кавала, но има уште доста карпи и планини во Грција кои ќе бидат дел од нашите следни активности.

Кој е најинтересниот момент во вашата кариера, која никогаш нема да го заборавите? Може ли да го споделите со читателите на Балкон3?

Секое искуство се бележи по нешто незаборавно. За разлика од други планинари, алпинисти или спортски качувачи, нашите подвизи малку се разликуваат во начинот на реализација, организација и логистика. Всушност кај мене/нас, организација и логистика скоро и да не постои бидејќи најчесто главен предизвик секогаш ни била средбата со непознатото. Секогаш сме имале повеќе време од колку финансии па сме се претопувале во активностите како дел од локалното население, а не како туристи или комерцијални клиенти. Скоро никогаш не користиме водич (во облик на книга или човек) освен во ситуации кога активноста навистина го налага тоа. Со овој вид на доживувања имаме поголема можност да се запознаеме со културата и традицијата на секое ново место кое го посетуваме не зависно од неговата географска позиција. На тој начин нашите искачувања стануваат по комплетни и добиваат уште една димензија настрана од главната спортска цел. Покрај искачувањето на карпа, планински врв или масив, јас секогаш се обидувам и ликовно да се изразам на местото. Честопати сме биле и волонтерски ангажирани во организација на разни настани, спортски натпревари, подучувања и едукативни презентации.

Не можам да одвојам најинтересен момент. Се обидувам да селектирам, но постојано ми се мешаат разни искуства и случки. Еве на пр. искачувањето на највисокиот врв на северноамериканскиот континент, врвот Денали 6195м во Аљаска за мене беше навистина поинакво искуство од дотогашните. Секоја вечер шаторите беа затрупани во снег па понеколкупати во текот на секоја ноќ, на смени моравме да ги откопуваме, за да сабајлето успееме да излеземе од нив. Температурите на глечерот на висина од 4300м, беа многу ниски. Таму поминавме 13 дена чекајќи подобрување на временските услови. Интересно е чувството да спиете затрупан во снег со денови, при навистина основни и ограничени услови за хигиена, исхрана и комодитет.

Неодамна имавте изложба во Скопје, на денот за елиминирање на насилството врз жената, а сте изложувале и во други земји. Кажете ни повеќе за вас како уметник?

Дипломирав на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје 2005 год. 2006 ја имав првата самостојна изложба „Пејзаж без цензура“ во Младинскиот Културен Центар, Скопје. Од тогаш имам направено преку 10 самостојни изложби во земјава и во странство, а редовно учествувам и на разни тематски групни изложби. Лани во Националната галерија мала Станица се претставив со проектот Ретроменада, каде за прв пат пред македонската публика изложив дела работени и изложувани на 5 континенти. Освен сликарството користам и експериментирам во разни техники со користен рециклиран материјал. Имено борбата против загадувањето и прекумерната конзумација се едни од најчестите теми на кои работам и ликовно се изразувам веќе 7 години. Една од темите кои ме инспирирале низ светов и кои сликарски ја претставувам е и силата на жената и нејзината најразлична функција на глобална сцена.

Амбасадорот на САД, Волерс на отворањето на изложбата рече дека сте силен пример на она што се човек може да постигне има волја и издржливост? Како се стекнуваат овие особини низ животот?

Со многу многу обиди, истрајност, желба и љубов. Јас за себе си би рекла дека не сум остварила ни половина од она што сум го имала наумено. Сепак тоа е во ред, бидејќи целите секогаш треба да ги поставуваме повисоко од моменталниот досег. Му благодарам на амбасадорот Волерс, бидејќи тој со својата поддршка како и поддршката на тимот на Американската Амбасада, токму ја поттикнуваат истрајноста, мотивираност и не потсеќаат дека не сме сами.

Избрани сте во светскиот врв меѓу 17 надежни спортистки од целиот свет во програмата на Стејт департментот која има за цел обединување на женските спортски лидери. Што значи тоа за вас?

За почеток номинацијата од Американската амбасада во Скопје многу ми значеше. Понатаму искрено не очекував дека ќе бидам одбрана и заминав на редовен три месечен работен престој во Африка, каде работам на проект за развој на активен туризам. Навистина пријатно се изненадив кога добив писмо со честитки од амбасадата пратено од Стејт департментот на САД. Така без размислување веднаш го прекратив престојот таму и резервирав нова авионска карта. Дојдов во Македонија за да ги обезбедам потребните документи и за недела дена заминав во САД. Знаев дека тоа е многу престижна програма и дека тоа многу ќе значи за мојот понатамошен развој и надградба. Но овие зборови не доловуваат ниту 5% од она што вистински до добивме за време на програмата во САД. Освен многу темелни обуки, едукативни тренинзи и практична работа, се здобив и со многу нови пријатели и уште дваесетина сестри од најразлични краишта на светот.

Кога планирате да го освоите врвот на светот, подготвени ли сте?

Почнувам зимска стратегија за физички тренинг и подготовки. Сето слободно време го користам на планина а сега веќе ја отворивме и сезоната на „бек кантри“ скијање по Македонските планини кои се многу погодни за тоа.

Сепак заради мојот животен стил и постојана активност во последниве десет години, мислам дека сум подготвена за искачување на Чомолунгма. Ние овој проект го најавивме уште пред 2 години но не успеавме финансиски да ја изменаџираме неговата реализација. Експедицијата почнува на крајот на Март 2013 кога треба и нашиот тим да пристигне во Непал.

За Илина Арсова, многу повеќе на….

http://www.ilinaarsova.blogspot.com/p/ilina-arsova-personal-data.html

Хусамедин Гина

Коментари