Водич низ СКОПЈЕ

Игрите можат да почнат

Почнува трката за највредните спортски одличја. В петок, палењето на олимпискиот оган ќе го означи стартот на триесетите летни олимписки игри, кои ќе се одржат во Лондон. „Колепката на фудбалот“ 17 дена ќе биде арена за над 10.000 спортисти, кои ќе ги одмерат силите во 26 спортови.

Организацијата на Олимпијадата, Велика Британија ја чинеше околу десет милијарди евра. Земјата домаќин очекува да бидат продадени над 6,5 милиони билети. И додека трае одбројувањето до почетокот на најпрестижниот спортски настан годинава, Балкон 3 ви ја раскажува олимписката историја на Грција, Турција и Македонија.

Грција е татковина на олимписките игри и токму затоа во Атина во 1896-та година се одржани првите модерни олимписки игри. Грчката престолнина беше домаќин и на олимпијадата во 2004-та година. Грција е една од само четири земји кои учествувале на сите летни олимписки игри одржани до сега. Исто така, Грција секогаш ја преводи парадата на нациите на церемонијата на отворањето на олимписките игри. Во олимписката историја, грчките спортисти имаат освоено 109 медали (30 златни, 43 сребрени и 36 бронзени), од кои дури 47 на првата олимпијада во 1896 година. Токму тогаш маратонот го освоил, веројатно најпознатиот грчки олимпиец, Спиридон Луис, овчар од селото Маруси. Во Лондон боите на Грција ќе ги бранат вкупно 107 спортисти, кои ќе се натпреваруваат во 16 спортови. Грците најголеми очекувања имаат од натпреварувачите во атлетика, стрелаштво, борење и кревање тежина.

Турција првпат на олимписките игри учествуваше во 1912 година во Стокхолм, кога боите на земјата ги бранеа двајца атлетичари. Сепак спортот кој на земјата и има донесено најмногу олимписки медали е борењето. Од вкупно освоени 82 медали (37 златни, 23 сребрени и 22 бронзени), дури 57 се од боречките дисциплини. На олимпијадата во 1948 година, која исто така се одржа во Лондон, златни медали блеснаа на градите на шест борачи од Турција. Годинава, земјата на Босфорот ќе ја претставуваат рекордни 114 натпреварувачи, а куриозитет е што повеќето од нив се жени. Спортската јавност во Турција очекува да биде срушен и рекордот на освоени медали, а нормално најголеми надежи се полагаат во борачите.

Македонија е со куса традиција на олимписките игри како независна држава, а првото учество беше на олимпијадата во Атланта во 1996 година. Од тогаш земјата има свои претставници на сите олимписки игри. Единствениот медал, и тоа бронзен, на Македонија и го донесе борачот Могамед Ибрагимов на игрите во Сиднеј во 2000 година. Сепак македонските спортисти во минатото имаат освоено уште 12 олимписки медали, но под знамето на поранешна Југославија. Со златни медали се имаат закитено фудбалскиот голман Благоја Видиниќ и борачот Шабан Трстена. Во Лондон под македонското знаме ќе настапуваат четворица спортисти, по двајца пливачи и атлетичари. Шанса за учество имаа и машките репрезентации во кошарка и ракомет, но беа поразени на квалификациските турнири за олимпијадата.    

Олимпискиот стадион во Лондон

На спортистите од трите земји им посакуваме успешен настап и што повеќе освоени медали и нека не забораваат на олимпиското гесло на Пјер де Кубертен: „Не е важно да се победи, важно е да се учествува!“.

Мирко Трајановски

Коментари