Луѓето сакаат неразјаснети мистерии, сакаат да веруваат или пак да читаат за митолошки суштества или пак за натприродни појави. Некои се фанови на овие приказни и ги слушаат и читаат само за забава, други пак веруваат во нив. Токму затоа денес се уште постојат далеку познатите легенди за Бигфут и за чудовиштето од Лох Нес или пак помалку познатите како онаа за Чупакабра во Месико и во Порторико.
Дел од овие приказни се и добар мамец за туристите кои привлечени од легендите и од митовите сакаат самите да ги истражат. Во минатата година тимот на Балкон3 се увери во ова додека го „ловевме“ чудовиштето Неси во езерото Лох Нес во Шкотска.
Истражувајќи на оваа тема дознавме за уште едно, можеби помалку познато чудовиште, но подеднакво интересно кое наводно живее во езерото Ван во Турција, најголемото езеро во оваа земја.
За разлика од популарната Неси чие прво видување е пријавено во шестиот век, а стана вистински хит во почетокот на 20-тиот век кога се појавија првите фотографии, видеа и масовни сведочења, чудовиштето од езерото Ван е „помладо“ и потекнува некаде од 1995 година.
Во Турција е познато како „Van Gölü Canavarı“ или едноставно како чудовиштето од езерото Ван. Во 1997 година, откако младо момче направи аматерско видео на кое наводно се гледа чудовиштето, од локална приказна таа стана светска вест. Од тогаш има над 1.000 луѓе кои пријавиле дека се сретнале „очи во очи“ со чудовиштето и сите ја преживеале средбата за да може да раскажат за неверојатната авантура.
Слично како и двојникот во Шкотска така и турското чудовиште има околу 15 метри должина и грпка која сведоците најчесто пријавуваат дека ја виделе над водата на езерото.
Можеби ова чудовиште денес не привлекува туристи како Неси, но сепак езерото Ван се почесто го посетуваат научници, ловци на авантури и љубопитни туристи во надеж дека ќе го забележат „новото“ чудовиште. Но и да не го видат, патувањето нема да им биде залудно бидејќи околината на езерото Ван, кое патем има солена вода, има неверојатни пејзажи, археолошки локалитети, вулкани…Доживејте авантура и посетето го езерото Ван и можеби ќе бидете еден од малкутемина кои се сретнале со чудовиштето.
Автор: Балкон3