Водич низ СКОПЈЕ

Grinderman шири поинаква енергија од Bad Seeds

Интервју со Џим Склавунос  (Nick Cave and the Bad Seeds & Grinderman): „Ние сме музичари со различни интереси“.

Grinderman

После долг низ години предводејќи го својот матичен бенд Bad Seeds, Ник Кејв, се одлучува со својот долгогодишен, неименуван (и претходно ретко виден) соло бенд да оформи поконкретен проект кој ќе има поинаков пристап и кој ќе внесе звуци и пристапи кои Bad Seeds не биле во можност да ги инкорпонираат во нивната работа. Резултат на тоа е Grinderman, бенд со збесната музика која подеднакво и забавува и шокира со својата директност, сировост и бруталност. Grinderman се всушност членови на матичниот состав Bad Seeds и тука се и Ворен Елис, Мартин Кејси и Џим Склавунос.  Оваа еруптивна панк блуз експлозија повеќе го приближи Кејв кон оној одметнички и нерафиниран звук кој одамна го беше запоставил, што се гледа по тоа дека тој го заменил пијаното за електрична гитара. Двете студиски изданија, грстот синглови и одличните настапи се доказ дека бендот има поинаков, посериозен, пристап кон овој проект. За тоа како нивната музика звучи во живо можеше да се види, чуе и осети на 12 издание на фестивалот Егзит, каде нивниот настап беше еден од најдобрите кои фестивалот воопшто ги видел.

Џим Склавунос е член на Bad Seeds од 1994, а неговото богато CV вбројува работа со разни noise бендови меѓу кои најпознати се  Teenage Jesus and the Jerks на Лидија Линч, во времето на No Wave сцената во Њујорк, како и култните Sonic Youth и the Cramps. Со завршувањето на турнејата во Австралија во декември 2011, Кејв најави затворање на овој бенд/проект барем што се однесува до снимање студиски материјал, но не ја исклучи и можноста за некое понатамошно повторно концертно собирање. За нив следно е нов албум на Bad Seeds кои се во нова фаза после заминувањето на единствениот преостанат оргинален член на овој состав, Мик Харви.

Бендот Grinderman се состои од членови од познатите Bad Seeds. Што е тоа што го прави Grinderman поинаков од Bad Seeds?

– Што се однесува до звукот на оваа група луѓе, тука можете да им верувате на вашите уши. Ако ви звучи различно тогаш е различно, но ако не ви звучи различно, што да ви кажам освен да се обидете да направите да биде. Но тоа беше една од работите што се обидувавме да ги постигнеме, да направиме два различни типови на бендови бидејќи ние сме музичари со различни интереси и сакавме да ги изразиме тие различни интереси. Еден бенд не можеше да го постигне сето тоа. До тој момент Bad Seeds веќе постоеја голем број години и поминаа низ многу различни фази, но тука постеја работни методи кои се базираа на работни навики и концепти, а со Grinderman сакавме да ги отфрлиме сите тие навики и концепти и да се присилиме себеси да работиме на поинаков начин. Сето тоа со цел да видиме што ќе произлезе од таквиот приод. Поради тоа, кога заминавме во студиото, немавме замисла дека Grinderman ќе биде нешто специфично туку едноставно еволуираше на тој начин. Исто така, веќе со години истите ние настапуваме како соло бенд на Ник Кејв и со тоа почна да се јавува тој полу-гаражен, полу-психоделичен звук. Потоа, Ник и Ворен работеа на музика за повеќе филмови, па експериментираа со лупови и други работи и идејата за комбинирањето на овие две работи беше тука, а идејата за импровизирањето не оддалечи од тоа да работиме песни.  Се додека не влеговме во студиото и не почнавме да импровизираме не знаевме што ќе се случи. Не знаевме дека дури и ќе можеме да направиме албум. На времето кога го завршивме првиот албум помисливме ајде да направиме уште еден бидејќи бевме навистина задоволни со резултатите.

Значи енергијата и возбудата од првиот ве натера да го направите и вториот?

– За вториот ни требаше повеќе време. Кога имате два бенда и кога се обидувате и двата да ги држите активни, тешко е, а и станува помалку конфузно ако тие не се преклопуваат премногу.  Следно што направивме беше да заминеме на турнеја со него наместо да  го запоставиме. Сите ние имаме свои проекти на страна. Ник и Ворен се активни со филмска музика, Мартин Кејси работеше со The Triffids, јас се занимавав со продукција на други бендови и ремикси, а кога не работевме се фокусиравме малку на Grinderman, а потоа на Bad Seeds и обратно.

Ако се земе во предвид идејата за поинаков пристап кон работа со овој бенд и импровизирачкиот пристап, колку сте задоволни од крајниот учинок со двете изданија?

– Мислам дека генерално сме задоволни иако имаме една линија на постојано незадоволство која оди под сето ова, бидејќи секогаш гледаме кон следната работа која треба да ја работиме односно што можеме да работиме на поинаков начин. Ние не можеме да седиме мирни, а тоа особено важи за Ник, кој постојано притиска и испитува што е сработено до сега и секогаш е спремен да продолжи понатаму. Мислам дека е многу добро што не придвижува на тој начин. За нас никогаш не можеш да кажеш дека сме сосема задоволни со она што сме го направиле, но сепак сме доста задоволни со двата албума. Тие звучат различно еден од друг, но може да се види заедничката линја која минува низ нив. Првиот е директен, се внесува во вашето лице и не претставува нас кои сме, на еден едноставен начин. Вториот е поширок и поконтрадикторен со повеќе атмосфера, повеќе психоделични текстури. Некои теми имаат повеќе грув или се поапстрактни, како што се да кажеме Evil или Worm Tamer. Понекогаш работиме со тоа што сме го сработиле во студио, како што е случајот со Bellringer Blues.  Тоа што ритам секцијата и Ворен го правиме на таа тема е тоа што го правевме во голема мера кај првиот албум – импровизации врз кои се доснимени делови без никакви додатни промени. Некои нумери, како што се Evil и Worm Tamer ги градевме слој по слој. Тоа се начини на кои Ник некогаш работел во раните денови на Bad Seeds, вклучувајќи го албумот Tender Prеy. Значи користевме многу методи, вклучувајќи и живи настапи, импровизирање.

Интересно за Grinderman е и гостувањето на култниот гитарист Роберт Фрип од King Crimson на песната  Heaten Child.

– Ние сме големи фанови на една песна од првиот албум на Брајан Ино, Baby’s On Fire,  каде Фрип свири едно лудо соло и сакавме да имаме нешто такво. Фрип направил многу работи и одамна не е во таа фаза, но Ник го поттикна и наговори да направи нешто во тој дух. Всушност, тоа е мојата омилена верзија од песната. Добрата страна на ремиксите е различниот пристап на луѓето кон ремиксувањето. Понекогаш тоа е сосема блиску до оригиналот, а понекогаш нешто сосема поинакво. Со еден бенд направивме dubstep верзија на Evil. Членот на бендот The Horrors, Ферис направи одличен ремикс на When My Baby Comes. Ова е првпат ние да направиме не само ремиски туку тие ремикси беа и интересни и возбудливи и дадоа поинаква димензија на песните. Видеата исто така беа посебни, особено тоа за Heaten Child. Многу од периферните работи врзани за албумот, како што е дизајнот за кориците, видео спотовите и ремиксите му помогнаа на самиот албум на начин на кој никогаш не би очекувале. Спотовите беа поинакви и чудни, и тие помогнаа со тоа што сугерираа приказна за која не бевме свесни дека е присутна во песните, во стиховите.

Мене ме потсетија на филмовите од Б продукција од 80-те, како тие на Џон Карпентер.

– Токму на тие филмови беа базирани овие спотови.

Дали беше лесно магијата од сесиите во студио да ја пренесете на живите настапи?

– Се обидуваме да ги одржиме работите свежи, а што се однесува до мене јас се трудам секогаш да имам импровизаторски пристап кон свирењето колку што е тоа можно, со одредени насоки. Со овој бенд и тоа што го правиме не е можно да направиме импровизација која би траела 20 минути инаку не би имале време да го отсвириме остатокот од песните. Што се однесува до самите песни, до она внатре во нив, се обидуваме работите да бидат спонтани. Јас сигурно не свирам на ист начин секоја вечер. Кога веќе го реков тоа, сепак во сето тоа постои голема постојаност и се е зацврстено од басот на Мартин. Тој е тврдото јадро околу кое сите ние осцилираме.

Џим Склавунoс со авторот на интервјуот Ненад Георгиевски

Каков е балансот помеѓу Grinderman и Bad Seeds ако се има предвид дека се работи за исти членови. Дали Grinderman во одредена мера ги кочи Bad Seeds?

Единствено кочење е она кое се однесува на времето, но сигурно тоа не се случува кога се работи за креативноста. Едното го поттикнува другото.  Следниот албум на Bad Seeds ќе биде продолжување и реакција на вториот албум на Grinderman, на ист начин на кој Dig Lazarus Dig беше продолжување и реакција на првиот албум на Grinderman.  Првиот албум на Grinderman беше продолжение и реакција на нешто друго. Бидејќи се работи за исти луѓе тука постои континуитет и бидејќи сакавме да направиме нешто поинаку, а и бидејќи сме поинаков бенд, со поинакви музички цели, следното ќе биде реакција на сето тоа. Но, нема да го наруши или попречи бендот. Единствено попречување е тоа што нема доволно време во еден ден или нема доволно денови во годината за да направиме албуми и со Grinderman и со Bad Seeds, а и за да ги промовираме на турнеи. Тие турнеи нудат повеќе задоволство бидејќи се изведуваат песните на поинаков начин од студиото и тука повеќе доаѓаат до израз првичните идеи кои сте ги имале.

На кој начин заминувањето на Мик Харви од Bad Seeds ќе се одрази врз овој бенд. Тој беше последниот од првата постава на бендот и еден од најпрепознатливите ликови покрај Кејв. Иако луѓето имаат тенденција на вас да гледаат како Ник Кејв и останатите, сепак бенд е бенд.

– Да, иако во повеќето случаи луѓето на нас гледаат на овој начин, тоа воопшто не е така.  Со заминувањето на Мик ќе се променат работите, повторно. Бендот веќе има поминато низ многу промени. Мик беше последниот член од оригиналната постава покрај Ник. Мислам дека тој веќе одамна сакаше да си замине и дека чувствуваше потреба да остане уште малку. Сега тој си замина, а ние ќе продолжиме понатаму.  Ќе биде интересно да се види што ќе произлезе од тоа, но Bad Seeds имаат поминато низ неколку фази и ова е претпоставувам ново поглавје во неговата историја.

Коментари