Водич низ СКОПЈЕ

Грчка сарма

TR GR EN

На Балканот многу имиња на јадења, обичаи и слично носат називи на соседни држави и поради тоа се претпоставува дека се типични за нив. Но, често се случува она што кај нас го носи името турски или грчки, во овие земји речиси и да не е познато или пак рецептот и изгледот на храната да е сосема поинаков. Но, иако расправата околу имињата овде е сериозна работа, сепак за вкусовите и храната не се расправа. Па одиме со нашиот рецепт за вас драги пријатели. Правевме грчка сарма, иако не сме сигурни дали и во Грција овој рецепт е познат под ова име или можеби изгледа поинаку 🙂

grcka sarma1

Состојки:

– Телешко или јунешко месо – 850 грама
– Три парчиња модар патлиџан сецкани на тенки гругови
– Пет парчиња црвен патлиџан сецкани на кругови
– Две китки магдонос
– Сол
– Бибер
– Зачин
– Црвен бибер
– Една чаша пиво

Подготовка:

Целото парче месо го пропржуваме кусо во тава со масло за да фати боја. Потоа додаваме околу половина литар вода, една чаша пиво, бибер, сол и зачин по вкус. Го оставаме да се динста околу час и половина. Потоа месото го вадиме и го сецкаме на тенки правоаголници. Малку ги запржуваме круговите модар патлиџан и ги оставаме на страна да се изцедат. Подготвуваме тава за печење. Во неа ставаме еден мал филџан зејтин и 250 милилитри пиво.

grcka sarma5

Месото кое сме го исецкале на правоаголници потоа го виткаме како сарма заедно со пржениот модар патлиџан. Ги редиме во тавата како сарми. Ги посолуваме и им ставаме малку бибер, половина лажичка црвен бибер и зачин по вкус. Ги покриваме со кругови исецкан црвен домат и ги ставаме во рерна да се печат околу еден час на температура од 200 степени.

Потоа ги вадиме од рерна. Врз целата површина на јадењето редиме свеж магдонос и повторно го ставаме во рерна да се допече уште половина час. Ако има потреба додаваме малку вода. Потоа јадењето се вади од рерна и се остава да се олади неколку минути. Највкусно е кога се јаде со овчо кисело млеко и црвено вино по ваш избор.

grcka sarma4

Не заборавајте да ги поканете и соседите 🙂

Добар апетит со Балкон3!

Коментари