Градскиот парк е скопската оаза. Најголемиот јавен парк во Македонија се простира на површина од 486.000 метри квадратни. Почнал да се формира во XIX век за време на Османлиското владеење, но се текот на годините постојано се надоградувал и проширувал. Денес паркот е омиленото место на скопјани за прошетка, спорт и рекреација. Речиси секој викенд на популарната „школка“ се одржуваат различни хепенинзи. Градскиот парк е едно од најчистите места во Скопје, со исклучок на неколкуте езерца на кои, ви препорачуваме, да не им се доближувате. Сепак се работи за исклучително мирно место каде можете да прочитате некоја книга, уживајќи во црцорењето на птиците.
Градскиот парк е најпосетен во летните вечери, кога голем број млади луѓе го користат како место за забава и дружење со пријателите. Неколкуте дискотеки и ноќни клубови работат до раните утрински часови, а не е мал бројот и на оние што со гитара и песна во паркот ги дочекуваат и утрата. Па, ако сте „party animal“, понесете само добро расположение и право во парк. Во рамките на паркот се наоѓаат и Зоолошката градина, Националната фудбалска арена Филип II, тениски терени, спортска сала и забавниот парк, кој со години е запоставен и заборавен.