Улиците на Санторини се пренатрупани со вљубеници во островот, но на Фолегандрос, уште еден остров од Кикладите, може да најдете слична архитектура, но без турканиците. Ова го пишува магазинот Travel + Leisure за Фолегандрос, сместувајќи го меѓу 12-те најубави села во Европа.
За Фолегандрос се вели дека може да се најде се што се очекува од таков остров, улици поплочени со камен, куќи со блескаво бели фасади украсени со разнобојни цвеќиња, понекоја грчка православна црква со светлосина купола и сето тоа во многу помирна атмосфера.
Ако сакате и да пливате, отидете до Катерго, појас од плажи заградени со карпи, каде што брановите од смарагдно-синото море скокаат врз камчињата на плажата. Така Travel + Leisure го опишува Фолегандрос.
Другите 11 најубави села во Европа според магазинот се Теларо во Италија, Бибјури во Англија, Халштат во Австрија, Колмар во Франција, Рејне во Норвешка, Телч во Чешка, Албарасен во Шпанија, Пучишќа во Хрватска, Конг во Ирска, Гриер во Швајцарија и Блед во Словенија.
За сите нив се вели дека се како замрзнати во старите времиња, потсетувајќи дека туристите со векови се во потрага по села што се како насликани на разгледници. Поради тоа тешко може некое убаво место на Европскиот континент да остане сокриено подолго време. Кога ќе станат популарни, многу такви села се пренатрупани со посетители па прошетката низ нив тешко може да се нарече уживање.
Но сепак, според Travel + Leisure, останале неколку места каде што може да се доживее шармот на минатото време без патникот да се чувствува како да е среде забавен парк. До некои од овие дестинации не се стасува лесно, но на крајот трудот вреди, заклучува магазинот.
http://www.travelandleisure.com/articles/europes-most-beautiful-villages
Гоце Трпковски