Водич низ СКОПЈЕ

Финска најдобра, Украина и Русија најлоши за моторџиите

TR GR EN

Интервју со Константин Јовановски – прес офицер во Канцеларијата на Европската Комисија во Скопјеnordkap_znak_balkon3

Константин Јовановски е прес офицер во Канцеларијата на Европската Комисија во Скопје. На работа секогаш во костум, насмеан, љубезен. Но ова интервју не го направивме да разговараме за реформи,за владеење на правото, за корупција и слични теми кои со десетици години ги дебатираме со Европската Унија. За Балкон3 поинтересна од неговата кариера како евробирократ е приказната на Константин, алијас Тино, како страствен моторџија. Има солидно моторџиско досие направено за само неколку години.. Па да почнеме со патувањето..arctic_circle_balkon3

Неодамна возевте моторџиска тура и стигнавте речиси до Северниот пол. И тоа возевте сам? Какво беше патувањето?

Па, доволно блиску до Северниот пол. Стигнав до најсеверната точка во Европа до која може да се дојде по копнен пат, Нордкап во Норвешка. И точно, ова патување го истерав сам, за среќа без никакви проблеми, но со прекрасни, прекрасни искуства.

nordkapp2_balkon3 nordkapp1_balkon3

nordkapp_balkon3 nordkapp5_balkon3

Колку време траеше патот и која беше рутата на патувањето?

Вкупно бев на пат 20 дена. Рутата водеше преку 12 земји, на одење преку Србија, Унгарија, Словачка, Полска, Литванија, Летонија, Естонија, Финска и Норвешка, а на враќање преку Шведска, Данска, Германија, Република Чешка, Австрија, Словенија и Хрватска. Се на се, 10,000 километри.mapa_nordkapp_balkon3

Која земја е најдобра за патување на две тркала?

Финска! Повторно, Финска! Ве плени во секој поглед, почнувајќи  секако од природата, па до неверојатно приемчивиот народ. Сепак, во секоја земја имате по нешто што ќе ви го одземе здивот: чистината на Бањска Бистрица во Словачка, внатрешноста на Шведска далеку од автопатиштата, непредвидливоста на Северна Норвешка. Но сепак, Финска е неспоредлива.motor_priroda_balkon3

Сте имале ли одмерување на моторџиски сили и способности?

Искрено кажано, не, можеби поради тоа што на мотор се качив на зрели години, над триесеттата. Лично, за мене возењето мотор претставува уживање, а не гледам некое уживање во тоа да ја ставате главата в торба.

Од она што сме гледале по филмовите моторџиите обично се жестоки момци, често во судир со законот, предизвикувачи и учесници на тепачки. Ова е вистина или стереотип?

Да, и тие момци се горди да се нарекуваат one percenters, бидејќи, нели, тие се вистински моторџии, а ние останатите 99 проценти сме само аматери, викенд возачи. За среќа, кај нас, се уште немам сретнато моторџија кој барем малку придонесува кон тој стереотип. Знаете, најголем дел од моторџиите кај нас, а тука се вклучувам и себе си, се пред се луѓе кои имаат други приоритети кои доаѓаат далеку пред моторот – семејство, работа…моторот му доаѓа нешто како викенд хоби. Понекогаш, кога средствата и времето ќе дозволат, на тоа хоби ќе му дадете повеќе простор, па ќе отидете и до Нордкап, но секако, тоа не може да ви биде основна цел во животот.tino_balkon3

Колку често возите? Има ли норма?

Возам секојдневно, моторот е мое основно превозно средство, а мора да кажам, во скопскиот сообраќај моторот е далеку попрактичен. На тура, дневната норма  зависи од тоа што дозволува патот, понекогаш 800-850 километри дневно, понекогаш и 350 се многу. Знаете, 800 километри од Скопје до Будимпешта се возат многу побрзо отколку 300 километри од Ивало до Нордкап да кажеме. Сепак, не дозволувам да поминам повеќе од осум часа на мотор во еден ден.

 Среќававте ли интересни луѓе по пат? Некоја интересна средба, случка?

Секако, посебно кога патувате сам. Среќавате секакви луѓе, и воглавно луѓето се љубопитни кога среќаваат моторџија. Сакаат да помогнат. Еве една случка од Талин; центарот е пешачка зона, налик на наша Стара Чаршија, каде е мисловна именка да паркирате бидејќи улиците се неверојатно тесни. Запрев пред еден клуб, каде на врата стоеше огромен момак, го прашувам каде да паркирам, човекот буквално ја отвори вратата за да го внесам моторот внатре во клубот, кој инаку беше преполн. Или пак во Будимпешта, каде ме запре полиција, па со полицајците, инаку на мотори, завршив на пиво до четири наутро.motordzii_balkon3

Патувањето на две тркала подразбира и опасност на патот. Сте се нашле ли во некоја ваква ситуација?

Да, минатата година со уште двајца пријатели возевме до Москва, преку Украина на одење и преку Белорусија на враќање. Е тоа е веќе опасно кога станува збор за возење мотор! Посебно Русија. Патиштата се очајни, имате ситуации каде патот едноставно престанува, без никаква најава, никаков знак. А и луѓето не се баш најпријателски, посебно не кон моторите. За среќа минавме без поголеми проблеми, но самото чувство дека сте постојано на штрек ви го убива филмот. Единствено полошо од патиштата низ Украина и Русија се улиците низ Киев, каде си ветив самиот себе си – никогаш повеќе.kiev_balkon3

Колку километри имате извозено на мотор?

Па, не толку многу, со оглед на тоа што на мотор се качив пред шест години, и до сега имам направено нешто под 60,000. Ама има време…

 Што возите во моментот?

Имам два мотори, едниот е Хонда Магна 750 В4, мотор кој е и моја прва љубов, и со кој сум секојдневно, од февруари до ноември, и Јамаха Ројалстар 1300, голем мотор со кој што одам на патувања.avtrija_balkon3

Се дружите ли со другите моторџии од земјава, регионот?

Секако, посебно со овие од Скопје. Токму тие мои другари, моторџии, ме качија на мотор. Пиењето кафе во Ван Гог ни е дневна рутина.

Патување кое ќе го памтите цел живот?

Уште го немам остварено, но планот е да се случи во јуни следната година. Планирам да ги извозам Алпите, по цела должина од Инсбрук во Австрија, преку Лихтенштајн, па превоите во Швајцарија, и големото финале – Стелвио и Кортина во Италија.tino_tanja2_balkon3

Дали и некој друг во Вашето семејство е љубител на мотори и моторџиски патувања?

Сопругата ми е верен сопатник на дневни тури до 500 километри. На совозачко седиште има поминато километри на кои можат да и позавидат многу моторџии. Сепак, се нема решено за поголемо патување, но белки ќе ја убедам.

Дарко Чекеровски

Коментари