Го посетив турското крајбрежје на Егејското море за првпат вон летната сезона. Претпоставив дека ќе биде прилично тивко и еднолично во есен, но за преубавиот Ајвалик традицијата повторно оживеа и оваа година – фестивалот на маслинките на почетокот на бербата на маслинки.
Трговската Комора на Ајвалик и Градското Собрание организираа еднонеделна отворена изложба на штандови поставени на централниот плоштад на Ајвалик. Учествуваа сите големи произведувачи од егејското крајбрежје промовирајќи ги своите брендови на маслиново масло, маслинки и широкиот асортиман на производи како што се сапуни и козметика.
Близу 80% од производството на маслиновото масло во Турција доаѓа од егејското крајбрежје. Прастарата култура на одгледување маслинови дрва ја одржаа во живот бегалците “на размена” кои го населија Ајвалик во 1923 доаѓајќи од Крит и Лезбос (подрачја чие главно производство е маслиново масло). Денес нивните наследници го чинат мнозинството жители на Ајвалик.
Сите се поврзани со старите и нови маслинови насади на некој начин – како сопственици, одгледувачи, производители или трговци (вклучувајќи глинени садови и колачиња!), и на крај како потрошувачи и консументи. Мала прошетка по улиците на Ајвалик и соседниот остров Кунда (Мошиниси) ќе ви посведочи за тоа.
Официјалниот почеток на настанот помина во празнична атмосфера. Познатиот Зејбек танц кој потекнува од овој регион, беше изведен од локалното фолклорно друштво. Локалната музичка група ѝ додаде една носталгична нота на целата атмосфера.
„Ayvalik Guzel“ или „Убавиот Ајвалик“ ја отпеа водачот на групата како потсетник на љубовта кон својот град. Тој гордо истакна дека веќе имале два концерти на Лезбос, родното место на неговите родители. Инаку, решив да присуствувам на фестивалот на негова покана.
Традиционалната прослава помеѓу маслиновите дрва беше организирана и за локалното население и за туристите, а превозот го обезбеди општината Ајвалик. Изгледаше како целиот град да се преселил таму.
И повторно имав среќа. Се договорив со пријателите од компанијата Тарис кои се погрижија за превозот до маслиновите насади и помогнаа околу подготвувањето на излетничките специјалитети на самото место.
Музичките инструменти кои ја вжештија атмосферата на отворениот собир имаат исто име и на грчки (daouli и zournas, тапан и зурли) често се присутни и на други собири од ваков вид. Посакував големиот број на грчки туристи кои редовно доаѓаат од Лезбос да дојдат и присуствуваат на настанот, но за жал, сите информации беа пренесувани само на турски јазик.
Според податоците од 2011 година светски лидери во производство на маслиново масло (во милиони галони годишно) се: 1. Шпанија (216); 2. Италија (147); 3. Грција (117); 4. Турција (59); 5. Тунис (44); 6. Сирија (34). Како долгогодишен проучувач на храна не можев да одолеам на поривот да направам едно истражување за тоа кои се проблемите и можностите на земјата која е четврторангирана во светот по количество производство, и што може повеќе да се стори, освен одличниот фестивал на кој присуствував. Домашната потрошувачка е споредбено пониска и не расте во текот на последната декада – едвај 1 кг годишно по глава на жител, (10 кг во Шпанија, 12 во Италија, 25 во Грција, 4,5кг е просекот на ЕУ) според податоците од официјалната статистика. Затоа многу компании и официјални лица имаат голема желба да создадат ефективни маркетинг кампањи кои ќе го промовираат користењето на маслиново масло во Турција.
Факт е дека надвор од егејското крајбрежје за готвење традиционално се користат путер и сончогледово масло, така да ова претставува културолошко прашање кое влијае на побарувачката, а со тоа и на проблемот со транспортот и цената на стоките кои доаѓаат од западот на Турција до останатите места во државата. Друг проблем претставуваат производството и извозот на големо, што е најчест случај со маслиновото масло и масло за готвење во Турција. Турција извезува голем дел од своето масло на големо во Италија, каде компаниите го продаваат по многу повисоки цени, на сличен начин како што прават Шпанија и Грција.
Турската Унијата на Извезувачи од Егејот (Turkey’s Aegean Exporters Union – EIP) известува дека во последната деценија извозот драстично се намалува а со тоа и приходите од него. Лошиот квалитет, високата цена која ја одредува државата (двојно повисока од цените во светот), несигурна финансиска поддршка и скапата имплементација имаат голем удел во намалувањето на извозот, велат експертите. Според Унијата, постојат две важни прашања кои се забележани во последно време, а тоа се: а) извозот на големо треба да се намали а наместо тоа да се промовираат брендови затоа што тие претставуваат висока додадена вредност на регионот и компаниите, б) значителна помош од државата за земјоделците, мерки за зголемување на производството и квалитетот (вклучувајќи поддршка во механизација) и промовирање и прифаќање на политика на стандардно географско обележување.
Беше повеќе од очигледно дека компаниите кои учествуваа на овој настан во Ајвалик ја имаа прифатено оваа агенда, а локалната Трговска Комора (основана 1923 со 1200 членови во моментов) работи многу на тоа поле. Географското обележување на маслиновото масло од Ајвалик е имплементирано во 2007 година.
На затворањето на тридневната прослава компанијата Комили организираше ручек за официјални гости и професионалци во оваа бранша. Во 2012 година Комили прославува 135 годишнина од своето основање.
Комили има една интересна случка од својата историја која локалните жители многу сакаат да ја раскажуваат – еден земјоделец од Крит, од селото Коми, се доселил на Лезбос за време на Отоманската Империја. Тој одгледувал маслинки и правел масло кое некако стигнало до палатата на Султанот во Истанбул во лимена кутија. Султанот го пробал и бил воодушевен од неговиот квалитет. Наредил целиот род од неговите насади да се носи само во палатата. Критскиот земјоделец на ова одговорил – „Не можам да го сторам тоа затоа што мора да ги нахранам моите луѓе. Можам да ви испраќам само олку, инаку ќе гладуваме.“ Можете ли да замислите некој на таков начин да разговара со Султанот? Но во овој случај тоа се исплатело – Султанот се согласил да му додели повеќе земја на која ќе одгледува маслинки исклучиво за палатата.
„Komili“ – човекот од Коми е компанија која го добила името по овој истраен Критјанин. На прославата на својата годишнина тие го резервираа најубавото место на ридот на Шејтан Софраси, најпопуларното место во Ајвалик кое има прекрасен панорамски поглед кон заливот и островите.
Како и секогаш, фестивалите завршуваат со добра храна, музика и одлично друштво. Додека гостите уживаа во храната и пијалокот “Aegean Band” од Истанбул ги забавуваше со својот широк репертоар на песни од егејското крајбрежје и Балканот.
ЕПИЛОГ: ПОВЕЌЕ ОД АРТИКЛИ ЗА ТРГУВАЊЕ…
Постојат околу 750 милиони плодни маслинови дрва на светот и околу 99 насто од нив се наоѓаат на во медитеранските држави. Маслинките биле за првпат култивирани во Палестина околу 4000 години пне. и се прошириле кон Сирија и Анадолија, стигнувајќи до Египет преку Синај околу 1500 години пне. (Египјаните користеле маслиново масло купено од Палестина долго пред тоа). Феничаните ги однеле маслинките во Картагена а пак Грците до југот на Шпанија, Франција и Сицилија. Божицата Атена му подарила маслиново дрво на градот наречен Атина во нејзина чест. Олимписките атлетичари се мачкале со маслиново масло пред игрите, слично на денешните пеливани. Од времето на Ное монотеистичките религии во Средоземјето го сметаат маслиновото дрво за симбол на надеж и Божја поткрепа. Исус бил помазан со маслиново масло (Христос значи Помазаникот), а видови на маслинка кои датираат од Римската Империја сè уште можат да се најдат во Палестина и Израел. За источното Христијанство помазувањето со маслиново масло е најчесто поврзано со крштевањето и прифаќањето на Христијанската вера. Маслиновото масло има значење и во Исламот. Спомнато е во еден од најубавите и најмистични стихови од Куранот каде маслиновото дрво симболизира земја на мир и спокој. Во исламската култура, особено во Либан, Палестина и Сирија, зимзелените маслинови дрва се симбол на вечниот Животодавец. Најстариот исламски универзитет во Тунис се вика al-Zitouna – Маслиново Дрво.
Софија Николау