Водич низ СКОПЈЕ

Фестивал каде се среќаваат филмот, музиката, морето и планините

Интервју со Адмир Чулумаревиќ, директор и основач на фестивалот

Адмир Чулумаревиќ, Никша Братош и Саша Лошиќ

Во последните 3 години, националниот парк Пакленица во Хрватска, на падините на планината Велебит, е домаќин на филмски фестивал кој се нарекува Стариград Пакленица Филмски Фестивал. Тоа е фестивал чија програма е насочена кон музички документарци славејќи ја музиката и културите од сите страни на светот. Секој август, фестивалот дочекува уметници,  режисери кои дале свој допринос во овој жанр и оваа година не е исклучок со многу нови документарци за прикажување. За фестивалот зборувавме со неговиот основач и генерален директор Адмир Чулумаревиќ.

Како дојдовте на идеја да го започенете фестивалот СПФФ кој е наменет склучиво на музички документарни филмови?

Слободно можам да кажам дека можеби малку ги лечев своите детски фрустрации, ха, ха. Мислам дека сите ние кои го сакаме филмот и музиката, барем еднаш во животот сме биле воодушевени кога на филмското платно или на тв екраните сме ги гледале некои од нашите музички идоли во некои потполно невообичаени ситуации, дали дома или во други животни ситуации во кои немаме можност да ги видиме толку често. Посебно ме воодушевуваше фактот дека филмаџиите ја искористиле можноста и направиле филмот за некоја музичка ѕвезда да ја добие и онаа потребната политичка, културолошка, па и социјална димензија. Тоа се одлични филмови и причината е едноставна.

Стинг на доделувањето на наградата

Фестивалот се случува на егзотични локации на планината Велебит, кој е всушност познат центар за планинарење.

Да, Велебит и Стариград Пакленица се одличен избор за локација. Всушност, малку е заборавено деа тука некогаш бил сниман огромен број филмови. Серијалот и филмовите за Винету, потоа Кирк Даглас тука го снимал Вагабундо, Ричард Бартон снимал делови од Сутјеска, Омар Шариф, многу партизански епопеи и копродукции кои ги правел Јадран Филм. Воглавно, од филмска страна, тоа е локација чија филмска традиција мора да се почитува и продолжи. Од друга страна, величествениот амбиентот на Велебит и кањонот на Пакленица каде ги сместивме кината се наоѓаат на само пар стотина метри од плажата, што гарантира уживање за сите, за гледачите, но и за гостите на СПФФ. Тоа едноставно мора да се види.

Кои се предностите но и недостатоците кога еден ваков профилиран фестивал се случува на такви локации, а кои не се во еден голем центар како што е Загреб?

Па би рекол дека скоро да нема недостатоци, освен скапото гориво, но Пакленица е близу до Загреб и тоа не ни претставува голем проблем. Тоа е продукциски тешка работа и полесно би било ако се реализира во Загреб, но од друга страна, сметам дека во Хрватска мораме да развиваме културен туризам што е можно повеќе и мислам дека за тоа даваме придонес баш поради тоа што го правиме СПФФ во Стара Пакленица. Тука е секако важен и фактот дека Стариград Пакленица е мало место и дека сите сме некако осудени едни на други на прекрасни дружења и пријателства бидејќи тука публиката доаѓа и си заминува од проекцијата скоро рака под рака со оскаровци и со своите омилени ликови кои до пред малку ги гледале на филмското платно.

Оскаровецот Роџер Рос

Зоран Пезо, Зоран Предин и Brian Rasic

Каков беше одзивот на луѓето за овој вид на филмови?

Музичкиот документарец стана жанр кој доживува голема експанзија. Пред нас стоеше задача додатно да го промовираме и мислам дека во тоа успеваме бидејќи од година во година имам се повеќе посетители во преубавите кина во Пакленица. Убаво е да се види дека и луѓето од регионот, од околните земји доаѓаат во Пакленица да гледаат филмови. Луѓето често се изненадуваат од квалитетот на покажаното, има тука и солзи и многу смеење, забава, бидејќи сето тоа напросто можете да го најдете и во филмовите од овој жанр.

Кои се критериумите по кои се избираат филмовите?

Селекторот Зоран Пезо, кој е режисер на еден од култните филмови од бившата кинематографија „Како пропадна рокенролот„, мојата маленкост и големиот продуцент Никша Братош , се стремиме филмската програма да биде пред се квалитетна и атрактивна. Пезо добива се повеќе и повеќе материјал од сите страни од светот, а оваа година за првпат добивме филм од Австралија, нешто на што сме посебно горди бидејќи тоа беше единствениот континент од кој до сега немавме пријавен филм.

Каква е продукцијата на музички документарни филмови од просторите на некогашна Југославија?

На овие наши простори дефинитивно секогаш нешто се случува. Секојдневно се уверуваме во тоа. Секоја година до сега имавме можност да видиме барем еден одличен филм од просторот на некогашната држава, што само потврдува дека ова подрачје е богато со талентирани и креативни луѓе. Тука има многу етаблирани филмаџии кои се бават со овој жанр, ете ќе го споменам Пјер Жалица, кој минатата година ја доби наградата Мала Пакленица за најдобар филм по избор на публиката. Ние доиваме филмови од целиот регион, од Словенија па до Македонија, што само го потврдува она претходно што го кажав дека е ова простор за посебно талентирани и духовити луѓе.

Што ќе има на репертоарот оваа година?

Посетителите ќе имаат можност да видат филмови од едни од најголемите режисери денес – Скорсезе, Дејвис Гугенхајм, потоа филмови за едни од најголемите бендови во историјата на музиката. Имаме и богат музички програм каде ќе настапи и Влатко Стефановски. Севкупниот програм е достапен на www.spff.hr. Ќе бидат присутни и некои од протагонистите од овие филмови. Како и да е, сигурно е дека програмата на 3 SPFF 2012 е еден од најатрактивните филмски случувања на овие простори. Ве поканувам Вас и вашите читатели да се уверите во тоа на лице место.

Коментари