На наша среќа и општо задоволство, денес во Скопје настапува легендарниот Ману Чао. Скопското лизгалиште ќе биде повторно центар на светот за почитувачите на ликот и делото на поранешниот фронтмен на Мано Негра кои ќе уживаат во Me gustas tu, Clandestino, Mi vida, Welcome to Tijuana… Во секој случај еден од оние забавни концерти.
Информациите велат дека голем број музички туристи ќе дојдат во Скопје за да бидат сведоци на, се надеваме, уште еден незаборавен настап на оваа музичка легенда.
Група фанови од грчкиот град Волос, во организација на алтернативната рок радио станица Лос Алмирос доаѓаат во Скопје, а Балкон3 им посакува добредојде. Радио станицата го добила своето необично име од зборот „Алмирос“ кој се преведува во „солен“. Патувањето за концертот со Лос Алмирос не е воопшто скапо, во споредба со други патувања организирани од агенции, и се чини дека е доста забавно бидејќи сите луѓе кои патуваат ја имаат мислата „музиката ги обединува луѓето“ во своите глави.
Ова само колку да истакнеме дека се случува и обратен процес во поглед на музичкиот туризам. честа глетка во нашата земја се полните автобуси со фанови на музиката кои патуваат да ги видат своите омилени групи како настапуваат во живо кај некој од нашите земји-соседи. Најчести дестинации за ваквите музички туристи се главните и поголемите градови во нашите земји-соседи. Солун, Белград, Нови Сад, Софија, Атина итн. се навистина градови во кои има многу музички случувања.
Убаво е што може да се види дека не само македонските фанови патуваат далеку да ги видат своите омилени групи, пејачи, туку и нашите соседи би дошле да уживаат на концерт или друга културна манифестација во Македонија. На сите што ќе одат на концертот им посакуваме да си поминат убаво и незаборавно.
Благоја Стаматовски