Шпанија, земјата која го прифати талентот и карактерот на Ел Греко, одбележува 400 години од неговата смрт (7 април 1614) претставувајќи на јавноста широка програма на изложби, предавања, музички концерти, ликовни манифестации и перформанси во чест на големиот уметник.

Поглед на Толедо
Доминикос Теотокопулос, познат под прекарот Ел Греко додека работел во познатата работилница на Тицијано во Венеција, е роден во градот Хераклион на островот Крит но поголемиот дел од животот го поминал во Толедо, Шпанија. Толедо бил инспирација за неговите уметнички дела и приватниот живот и токму таму Ел Греко го доведува до совршенство својот уникатен уметнички израз на прикажување религиски ликови и сцени комбинирајќи византиската ликовна традиција со тогашната западна ренесансна школа. Неговите авангардни дела биле прифатени со воодушевување од неговите современици но исто така претставуваат инспирација за современтата уметност.
Голем дел од неговите ремек дела се чуваат во Музејот Прадо во Мадрид и во Толедо (каде се наоѓа неговата куќа која е претворена во музеј) но за оваа пригода десетици други дела ќе бидат позајмени од познати музеи ширум светот како што се Лувр во Париз, Националната Галерија во Лондон, Метрополитан Музејот во Њујорк, Ермитаж во Санкт Петербург и многу други.
Музејот Прадо организира изложба насловена “Ел Греко и современата уметност” фокусирајќи се на влијанието кое делата на овој уметник го имаат врз развојот на уметноста во XIX и XX век и кое е особено забележително во делата на Пабло Пикасо, Оскар Кокошка, Џексон Полок и други. (Музеј Прадо, Мадрид 24 јуни – 5 октомври).

“Погребот на Грофот од Оргаза”, Толедо, Шпанија
Во Музејот Санта Круз во Толедо и во голем број други места низ градот веќе се одржува досега најголемата изложба на неговите уметнички дела насловена “Гркот од Толедо” (14 март – 14 јуни). Друга изложба “Ел Греко: Уметност и занает” ќе претстави дела кои претходно не биле изложувани во Шпанија (8 септември – 9 декември).
Фондацијата Ел Греко во Шпанија обезбедува детални информации за настаните во текот на 2014 и сеопфатен преглед на распоредот на настани, и креативноста и културната важност на уметникот (elgreco2014.com).

“Крштевање”, Хераклион, Грција
На Крит, во родното место на уметникот, во текот на летото па сè до месец октомври ќе се организираат бројни културно-образовни манифестации вклучувајќи младински фестивал (во Амудара) и симпозиум (во Фоделе, родната куќа и музеј на Ел Греко). Изложбата насловена “Теотокопулос помеѓу Венеција и Рим” која се фокусира на ликовни дела кои се во сопственост на Историскиот Музеј во Крит (во Хераклион) ќе биде отворена во јуни и ќе патува до Музејот Бенаки во Атина.

Потписот на уметникот
Во ноември во главниот град на Грција Византискиот Музеј организира изложба на тема “Уметноста и општеството во ерата на Ел Греко” а Музејот на ликовни уметности на Кикладите ќе ја претстави изложбата “Битката за Лепанто и Доминикос Теотокопулос”. Одделот за современа уметност при Музејот Бенаки ќе им овозможи на посетителите во Атина да се запознаат со “Кругот на пријатели на Ел Греко во Толедо” односно современите социјални и културни следбеници во неговиот омилен град во Шпанија.
Софија Николау