Запознајте ја душата и срцето на вистинскиот Истанбул со Балкон3
Ако веќе сте заситени од Европскиот дел на Истанбул, Таксим, елегантниот Бејоглу, исполнетата со врева Капали чаршија, ги имате посетено Аја Софија и Сината џамија, тогаш е време да го посетите вистинскиот Истанбул.
Кога говорам за вистинскиот Истанбул мислам на неговото срце и душа кои се наоѓаат надвор од старите градски ѕидини, на врвот на Златниот рог, таму каде што Пјер Лоти неповратно се заљуби во Цариград и остана тука. Во овој текст дозволете ми да ве одведам на место каде што веројатно ниеден водич нема да ве донесе, тоа е областа Ејуп во Истанбул.
Сигурно се прашувате како да стасате до таму, па може да го користите градскиот превоз од автобуската станица во Еминону. Тука имате директни линии до Ејуп (автобусот со број 99), но сепак треба да знаете дека за да го користите автобускиот превоз мора да поседувате електронски билет (Akbil) кој може да го набавите во секоја продавница. Чини 6 турски лири и функционира на кредит систем – уплаќате средства и имате можност да ги користите сите превозни средства во Истанбул. Кога говорам за сите превозни средства тука мислам на метро, трамвај, ферибот, жичарници и слично.
Освен со автобус, до Ејуп можете да дојдете со брод крстарејќи по Златниот рог, но и секој таксист може да ве одведе на ова место. Јас сепак ви препорачувам да си направите прошетка која ќе ви овозможи да ги запознаете убавините на градот.
Што да посетите во Ејуп….
Кога ќе истражувате на интернет за Ејуп пред сé ќе го сретнете како Ејуп џамија, но тоа е само сегмент од градот во град, вистински ориентален комплекс со бројни содржини, но да почнеме со ред. Почетната точка на нашата турнеа ќе биде токму веќе споменатата Ејуп џамија.
Според верувањата, Мехмет Султан, освојувачот на Истанбул сонувал дека овде е закопан Ејуп, соборецот на пророкот Мухамед и токму поради тоа на ова место е подигната џамијата. Станува збор за свето место кое го посетува секој муслиман по враќањето од аџилак.
Турбето на Мехмет Паша Соколовиќ…..
Во дворот на џамијата се наоѓа гробот на Мехмет Паша Соколовиќ, за балканските народи многу познат лик од историјата, кој е погребан во близина токму на овој светец со цел да се нагласи неговата величина, неговиот ранг.
Овој грандиозен објект и свето место не е само дом на муслиманите, секој човек со развиено чувство за верата тука се чувствува како во свој дом. Тука ќе сретнете луѓе кои се молат на различни јазици и ќе ја почувствувате позитивната енергија која се шири наоколу. Надворешниот дел пред самата џамија ќе ве разлади големата фонтана, која ја красат многубројните гулабите кои во неа се капат.
Околу малиот плоштад во близина на џамијата има прекрасни места за седење и за уживање во глетката. Самата област изобилува со многу ресторани и слаткарници, па откако ќе ве напушти духовниот занес, можете да се препуштите на гурманските задоволства што ги нуди турската кујна во вид на Искендер ќебап или во некој тип на месо во сос.
Пјер Лоти кафе…..
За оние кои не знаат, Пјер Лоти е еден од најголемите романописци од првата половина на дваесеттиот век. Овој импресионист во пишаниот збор бил офицер во морнарица по професија и авантурист во постојана потрага по непознати дестинации и истражувања на особено ретки цивилизации.
Постојат два начина како да стигнете до Пјер Лоти кафе, едниот е да се искачите по скалите што ве водат низ живописните гробишта, а другиот е да ја користите жичарата која ќе ве однесе директно на панорамата под самата чајџилница.
Доколку сакате да уживате во панорамската глетка на Истанбул тогаш Пјер Лоти кафе е точката на која ќе ве упати секој вистински познавач на градот. Овде Лоти го поминувал своето време загледан во водите на Златниот рог. Тука го нашол својот мир, впрочем и самите ќе се уверите дека навистина нема поубав поглед од овој.
Од овде целиот град ви е на дланка, а доколку се најдете во приквечерина тоа е полн погодок. Самата чајџилница е доста шармантна, не е посебно ексклузивна, секогаш полна со насмеани млади луѓе, одлично место за sohbet (разговор) и за најубавиот чај од јаболко.
Ова е место каде што Златнот рог блеска од зраците на сонцето наутро и навечер. Место каде што најголемите реалисти стануваат поети и сваќаат зошто овој град владеел со светот, а сепак делува толку смирувачки.
Доколку кафулето е полно, земете го вашиот фотоапарат, спуштете се на самиот видиковец и направете незаборавни фотографии.
По Пјер Лоти кафе вашата турнеја може да ја продолжите во насока на Еминону или со прошетка низ Ејуп истражувајќи ги ситните детали на исламската архитектура. Може да го посетите интересниот комплекс Feshane кој најдобро би ви го опишала како панаѓур во ориентален стил. Имено, станува збор за еднокатна зграда со дуќанчиња и забавен парк придружен со базени. Овде постојано нешто се случува така да, може да си направите шопинг на текстил, накит, бижутерија, зачини, но и да ги пробате прекрасните слатки кои ги подготвуваат пред вас.
Ова е град кој се одразува во водата, град на живописно облечени жени, град полн со живот. Тоа што сакам да ви го препорачам при посета на овој дел од градот е да избегнувате посета во петок, за време на молитва, како и совет, оваа турнеја да ја направите во сопствена режија, за да може да ги избегнете временските ограничувања кои ги поставуваат туристичките водичи, затоа што навистина треба сами да го истражите ова волшебно место и да го допрете и почувствувате овој автентичен дел на Истанбул.
Уживајте во прошетката со Балкон3!!!!
Кристина Ангелеска