Водич низ СКОПЈЕ

Државен и приватен пи-ар

Односите со јавноста, или пи-ар, е една од најпопуларните професии во последно време. Пи-ар е кратенка од англискиот збор Public relations, што во превод значи „односи со јавност“ и ништо друго. Луѓето што работат пи-ар се нарекуваат и портпароли, што во буквален превод од француски значи – оние што го пренесуваат зборот. И ништо друго.

Основната задача на пи-арот е да ја олесни или да ја отежни комуникацијата на граѓаните со некоја институција, организација или компанија. Зависи од потребите. Без пи-ар, комуникацијата изгледа вака: еден прашува, друг одговара. Со пи-ар, таа изгледа вака: првиот прашува, вториот го прима прашањето и го пренесува на третиот, третиот одговара, па вториот го зема одговорот и му го предава на првиот.

Теоретски, ова се прави за да се подобри комуникацијата со луѓето што се многу зафатени и ретко имаат можност директно да одговорат на сите прашања. Во пракса, пи-арот често значел поголема контрола врз текот на информациите.

Како и за сите професионалци, така и за луѓето што работат пи-ар, клиентот е на прво место и неговите интереси мора да се испочитуваат и да се исполнат. Кога се во прашање приватни организации или компании, работата на пи-ар службениците е јасна. Тие треба да го претстават клиентот во најдобро можно светло, белото да го направат блескаво златно, а црното да го претворат во сивкасто накај бело.

Но кога пи-ар службите ќе станат вообичаени за најголемиот број државни и јавни институции, работите знаат да станат покомплицирани. По инерција, пи-ар службениците повторно се обидуваат да го претстават клиентот во најдобро можно светло, белото да го направат блескаво златно, а црното сивкасто кон бело. Но најголемата забуна настанува кога тие ќе помислат дека клиент им е министерот, градоначалникот, директорот или некој друг јавен функционер што ги ангажирал.

Ако гледаме законски, тој функционер не отишол таму да работи за себе. Го поставиле граѓаните и граѓаните му даваат плата, а со парите од граѓаните тој ги плаќа и другите службеници што работат за него, меѓу кои и пи-ар службата. Значи на државните пи-ар служби вистинскиот клиент им се граѓаните, тие треба да ги исполнат нивните цели и да ги штитат нивните интереси.  Во никој случај тие не смеат да го штитат функционерот од граѓаните и од нивните прашања, бидејќи така би работеле против клиентот, а богами и против законот. Затоа, мора да се направат големи напори да се спречи можноста од дијалог со граѓаните, односите со јавноста да се претворат во пропаганда.

Секој функционер има право лично да си ангажира и приватен пи-ар, кој ќе го плаќа од својот џеб, и чија задача ќе биде да го обелува и да го позлатува. Секој има право за тоа да ја користи и пи-ар службата на својата политичка партија. Но државните пи-ар служби не смеат да го прават тоа. Тие се должни да пренесат се што прави функционерот и да ги одговорат сите прашања зошто нешто е направено и зошто нешто друго не е направено.  Сите прашања. Бидејќи клиентот мора да биде на прво место. А клиент е оној што ги дава парите. Тоа е граѓанинот.

Коментари