Водич низ СКОПЈЕ

Довидување во „Ван Гог“!

“Ван Гог” не е само име на кафуле во Скопје. Денес тоа е веќе топоним. Едно од култните места кои постојат непрекинато повеќе од две децении. Помина низ разни фази, го водеа луѓе со различни визии. За оние што го познаваат од почетоците, ништо нема да ги замени доцните осумдесетти…

Еден ден низ маало се појави Сецко. Веќе многу луѓе го знаеја како еден од поинтересните гитаристи на скопскиот андерграунд, јадрото на “Ласт Експедишн”, бендот од наше маало. Рече: “Што правиш? Како си? Ај да те носам на едно место”. Лесно беше да те кандиса некој што бил гласник на прогресивното, на андерграундот, маалски батко кој секогаш знаел да нафрли некоја интересна музика, некако природно прифатен како “повозрасeн брат” додека братот служеше војска во ЈНА.
Есен, 1989. Отидовме на местото за кое веќе се зборуваше по градот, за кое зборуваа луѓето со кои се среќававме на повремените концерти во Дом на млади “25 Maj”, денес МКЦ. Се случи љубов на прв поглед. Oтидовме во место од кое ќе биде тешко да се разделите, со години, се’ додека таму владееше филмот што тогаш го видовме. Го откривме местото каде што ќе го поминеме историски времиња – крајот на Југославија и почетоците на самостојна Македонија – временски ориентир за илјадници млади од тогашно Скопје. Местото каде што ги поминавме ноќите кога се броеја гласовите од референдумот; кога ЈНА собираше наши врсници за на фронт во Хрватска; вечерите кога вриеше од девојки зашто, машките се криеја од воената полиција на ЈНА. Немаше човек што свири, собира музика и открива нови музикки, слика, пишува, ваја, глуми.. што гравитира кон андерграунд уметност, а да не излегува пред “Ван Гог”, во “Ван Гог”, на ѕитчето спроти “Ван Гог”.

Ноќта почнуваше кај 8 навечер. Ако малку пораните, ќе ги затекнете Тасе и Зоки Панкер штотуку пристигнати со темносиниот „ситроен-спачек“ од по набавки.. Кај да е, за некоја минута ќе се појават предвесниците на разните дружини; поздравувајќи се со домаќините, веќе седнати на масите на пред кафулето; нафрлајќи поздрави кон веќе дојдените. Веќе сте отпиле една третина од пијачката. Чувствувате дека веќе ве фаќа јанѕа. Чекате да наиде некој, да решите каде ќе се сместите – внатре, надвор или од карши, на ѕитчето. Со последната третина од пивото, коњакот, вотката кворумот е веќе доволен. Ја препознавате музиката која веќе го најавува следниот стадиум од вечерта. Веќе ви е јасно – со која касета завозиле, натаму ќе оди флуидот – ќе ги штедиме силите, или, ќе „возиме“ кон еуфорија, сите заедно, како и секогаш.
Каде и да застанете.. на некоја или покрај некоја неколкуте маси од двете страни на непишаната влезна патека; потпрени на шанкот; накрепени на некој ѕид, покрај “типот што го боли заб” од сликите на Глигор Чемерски; “Девојката” од Никола Мартиноски, “Типот” во масло на платно од Сергеј Андреевски или покрај легендарната слика на Глигор Чемерски со стихови од Богомил Ѓузел (“Непроспиена ноќ што не може да се надокнади“). Каде и да ве затекне најавата, веќе знаете дека ви претстои добро расположение, опкружени со пријатни луѓе, креативци со кои секогаш ќе си најдете убав муабет.

“Гледано од оваа дистанца, чувствувам голема возбуда. ‘Ван Гог’ беше навистина култно место. Се’ почна со мојот голем мерак за сликање. Не успеав да се запишам на ликовна академија, студрирав сосема друго, но таа страст кон сликањето постојано ме прогонуваше. Во тоа време почнавме да одиме по музеи, отидов во Холандија, бев во Музејот на Ван Гог и многу го засакав. Кога се вратив во Скопје, сакав да правам нешто паралелно со студиите. Веќе познавав многу луѓе – решив да отворам ‘кафич’, во куќата на дедо ми, 1986 година. Сакав да направам нешто што ќе биде различно од тогашната скопска шема. И, го отворивме ‘Ван Гог'”, се сеќава секогаш ведриот домаќин, Тасе – како што го познававме сите, или, официјално, Зоран Тасев, газдата на “Ван Гог”.
Барајќи го начинот како да направи место што ќе биде различно од тогашните места за излегување, сепак, не можел да отиде далеку од неговата страст кон сликарството. Решил токму такво да биде и местото што ќе го отвори. Со првите пари што ќе ги заработи решава да купи слики – сликите што и ден денес се изложени во “Ван Гог”, дела на Глигор Чемерски, Петар Мазев, Никола Мартиноски и Сергеј Андреевски.

“‘Ван Гог’ беше некако најкул место од местата во кои излегувавме. Се собираа неконвенционални луѓе, меѓу нив едно чудо авангарни селебрити ликови. Имаше константна публика. Во тие години на поп музика ‘Ван Гог’ беше најалтернативното место во Скопје. Затоа беше поинакво. За нас беше точка на собирање. Порано оделе на корзо, ние одевме во ‘Ван Гог’. Секој ден беше убав: друштво, муабети, пиво, цигари, заебанции. Локалот беше мал, па луѓе стоеа и надвор, околу кафичот. Мене, лично, посебно ми беше убаво ѕитчето преку улица, спроти влезот на ‘Гог’ “, се сеќава Сани Шалом, девојка што ја запознавме во “Ван Гог”, жител на Тел Авив.
Златните времиња на “Ван Гог” уредно се архивирани во приватната архива Билјана Стефановска, уште една девојка што секојдневно ја гледавме таму, денес архитект во Франкфурт на Мајна, Германија.
“Тоа беа некои времиња кои не беа лесни, време на барања, пронаоѓања и губитоци. Почнав да одам таму кон крајот на средно и кога почнав да студирам. После се префрлив со студиите во Германија, и секогаш кога доаѓав во Скопје ‘киснев’ во или пред ‘Ван Гог’. За некоја година се промени атмосферата таму, може да се каже и аурата. Таму се чувствував како да сум меѓу свои луѓе, а не како вонземјанка. Запознав интересни индивидуи, битија, со необичен хумор, кои ми отворија нови светови за цудење и воодушевување. Тоа беше место за размена на идеи, музика, поезија. Не чувствував притисок за конвенционално однесување, без разлика дали се работи за восклици, театрално-сатирични дискусии за некој писател или композитор, или за тагата заради неразбирањето на светот или некоја љубовна мака. Можев да отидам таму еуфорична или ‘мивкеста’, не ми беше непријатно. Благодарна сум што имав прилика да го доживеам тој период на ‘Ван Гог’ особено на таа возраст”, се сеќава Билјана.
“Ван Гог” оттогаш помина низ разни фази и филмови. За луѓето што го открија на крајот на осумдесттите, приказната за “Ван Гог” заврши набргу, кога “Ван Гог” се фузира со “Мондријан” – “шминкерскиот” кафич од Чаршија, кога стилот му омекна и кога многу од луѓето што таму доаѓаа дотогаш беа пречекувани од “странци”, луѓе кои не ги пуштаа зад вратата на местото што некогаш им било свето. Такво било искуството и на Сецко, кого не го пуштиле внатре, на договорена средба со новинар на БиБиСи, кому требало да му ги предаде најновите студиски снимки.
Но, било како било. “Ван Гог” прослави 25 години од основањето. Кафулето денес го води Коста, човекот што долго време работеше во “Ван Гог”. Гледајќи го тоа што го работи, се чувствувате охрабрени. Неговиот филм е поинаков, но, знае да ја негува традицијата. Имаме повод да се собереме одново! Довидување во „Ван Гог“!

Васко Марковски

Коментари