Сладоледот, омиленото летно освежување, се подготвува на милион начини и со најразлични вкусови, а подеднакво е обожуван на сите континенти. Сепак автентичниот турски сладолед „дондурма“ е еден и единствен и се разликува од сладоледот кој се прави во останатите делови на светот. Тајната е во тоа што Турците на вообичаениот рецепт за сладолед додаваат прав за салеп и ароматична смола, кои го прават растеглив и му даваат посебен вкус.
Турскиот сладолед е уникатен во однос на две работи: составот и отпорност на топење. Дондурма (на турски „заледено“) најчесто се прави од млеко, шеќер, салеп и ароматична смола. Се претпоставува дека потекнува од регионот Караманмараш и затоа е познат и под името мараш сладолед. Салепот, вид на брашно кој се добива од раната виолетова орхидеја, и арматичната смола придонесуваат сладоледот да може да се џвака.
Регионот Караманмараш е познат по мараш дондурма (maraş dondurması), вид на сладолед кој содржи многу повеќе салеп од вообичено, и кој поради својот цврст и леплив состав, понекогаш се јаде со виљушка и нож. Дефинитивно најзначајниот квалитет на турскиот сладолед е тоа што не се топи лесно на високите летни температури. Затоа следниот пат кога ќе го посетите Истанбул, задолжително вкусете го ова летно задоволство, а пред тоа ќе можете да уживате во вештините на мајсторите кои подготвуваат „дондурма“.
Кристина Ангелеска