Иако популарноста на оваа игра се намали со појавата на комјутерските игри и мобилни телефони, сепак речиси во секој дом ќе се пронајде некое заборавено долапче во кое се крие понекоја џамлија. Пристигна убаво време, се што ви е потребно се неколку џамлии, ако сте добри ќе ќарите плус, патика со добар ѓон за копање шлајки и пријател, кој веднаш по првото фрлање ви станува добар ривал на теренот каде што владеат тие. Џамлиите!Саботно попладне. Сончев пролетен ден. Градот полека но сигурно се буди. Се враќам од традиционалната саботна шема, кафе, чај муабет со пријателите во турската чаршија. Во главата сеуште ми се „вртат“ „тешките“ теми за кои денеска дебатиравме. Наеднаш ми се прекинува мислата, ги здогледувам малите деца од моето маало. Погледот, во вистинска смисла на зборот ми се „заглави“ во таа површина од неколку квадратни метри, земјена површина. Далеку од секојдневните проблеми, занесени во џамлиите, децата имаат само единствена цел, како да ги истуркаат џамлиите во малото дупче во форма на полукруг популарно наречена шлајка, која најдобро се изработува со петата од чевелот.
Во нивните очи се забележува дека се желни за победа. После секое џиткање (исфрлање) на џамлиите се развиваат различни стратегии. Се води `борба` за победа, и секако во нивните лица очигледен е и стравот од пораз, бидејќи може да останете за една џамлија помалку. Противничкиот играч може да ви го ќари и „коњакот“ – твојата омилена џамлија. Тоа е вистински пораз за страстниот љубител, на порано, многу популарната игра кај младите.
Џамлиите се една од моите нај омилени игри од детството. Во шарените, понекогаш и едно бојни стаклени топчиња се криеше добрата забава, натпреварувачкиот дух и секако колекционерството. Се доближувам до децата и ги прашувам од каде им дојде идејата за играње на џамлии, посебно во денешно време, во ерата на компјутерите, во времете на кога „Кантер страјкот“ и многу други слични игри доминираат. „Играме и кантер, но дома, сега е веќе пролет, со џамлиите дружбата е поинаква“ ни велат младите бутелчани.
Џамлиите значат пријателство, дружење и борба за победа. Ги прашувам дали се подготвуваат за играта имаат ли некои стратегии, или некоја тајна за победа. „Во текот на ноќта во сон ја развивам стратегијата за да ги победам моите другари. А тајната е во мојата црвенкаста џамлија, таа ми носи среќа“ ни објаснува малиот Енвер, возбуден од тоа дали ќе ја погоди шарената џамлија на незгодниот противник.
Резултат на играта секогаш е убавото поминато време, и тоа само со неколку денари, колку што чини една џамлија во трафика, и сигурно, прашливите раце, и дупнатите панталони на коленото на кое се потпираш додека мериш кон противникот.
Името на гратчето Тинсли Грин кое се наоѓа во Англија е непознато за повеќето луѓе. Но, овој град од западен Сасекс еднаш годишно е центар за натпреварувачи и фанови на натпревари во џамлии. Токму така.. Овде се одржува Британското и Светско првенство во џамлии ( името е заедничко, британско и светско). Почнувајќи од 1932 година, национални тимови од повеќе земји доаѓаат во оваа мала живописна заедница со надеж дека ќе го освојат победничкиот прстен. Натпреварите традиционално се одржуваат пред градскиот паб, кој е изграден во 1936 година, а за потребите на првенството, но и заради локалното население, во задниот двор се инсталирани таканаречени прстени за потребите на играта. Името на овој град во Британија веднаш се поврзува со џамлии, а тоа е доказ за пасијата која овие луѓе ја имаат кон играта.
Освежете ги сеќавањата од детството со Балкон3:)
Хусаметин Гина