Водич низ СКОПЈЕ

ДЕВОЈКИНА КУЛА – БОСФОРСКИОТ БИСЕР

Историската Девојкина кула, или Леандрова кула е еден од симболите на Истанбул и претставува олицетворение на тајните на водата – љубовта и митот. Како едно од најромантичните и најмистериозните места во Истанбул, малата кула била изградена на карпа на влезот на Босфорот. Кулата ја има задржано оригиналната фасада и сега служи како ресторан и платформа за разгледување.

Кога ќе се вратите од Истанбул, пријателите сигурно ќе ве прашаат „Што виде во Истанбул, каде прошета?“ Секако дека вашата приказна треба да почне со Девојкината кула, најромантичното и најмистериозното место во Истанбул, особено ако некој пред тоа ви ги раскажал легендите за кулата…

Болката на адмиралот

Една од најраните легенди за кулата припаѓа на Византиското време. Според оваа легенда, кралството на Атина за да го заштити Истанбул од можниот напад на македонскиот крал Филип, под командата на адмиралот Харес испраќа 40 бродови. Во тоа време починала Дамалис, сопругата на Харес. Харес многу ја сакал сопруга, така што ја закопал во гроб, направен на една од тие карпи…

Љубовта на Леандрос

Според една друга легенда, некој млад човек по име Леандрос во кулата сретнал некоја девојка и се заљубил во неа. Тој за да се сретне со девојката, секоја вечер пливал од спротивниот брег до кулата. Девојката за да му го осветли патот на својот сакан, врз карпите палела оган. Една бурна ноќ, огнот на младата девојка згаснува. Леандрос не можел да го најде патот до карпите и се удавил во ладните и темни води на Босфорот. Девојката не можела да ја преболи смртта на својот љубовник и си го одземала животот.

Змијата и смртта

Уште една друга легенда од Византискиот период има трагичен крај, исто како и грчката античка приказна. Бајачките му рекле на кралот дека неговата ќерка ќе умре од каснување на змија. Кралот за да ја спаси својата ќерка, изградил куќа на карпите во близината на кулата, и таму ја затворил својата ќерка. Но, еден млад офицер се заљубил во царевата ќерка. Еден ден офицерот, подготвил букет за да и го подари на младата принцеза. Змијата се сокрила во букетот, ја каснала несреќната принцеза и таа умрела.

Еден „стар“ пријател

Кога ќе се издвојат легендите, и кога ќе се земат во предвид доказите и конкретните информации може да се каже дека Девојкината кула, изградена од човечка рака, датира од XII век. Според евиденцијата, византискиот император Мануел Комненос, во делот на Босфорот која што гледа на страната на Мраморното Море изградил две одбранбени кули. Едната кула е денешната Девојкина кула, а другата кула се наоѓа на брегот Сарајбурну. Според информациите, помеѓу двете кули се протегал ланец за да се пресретнат шверцерите кои патувале по морето.

Последното голема реновирање на кулата во Османлискиот период е извршено во времето на Махмут II во периодот 1832-1833 година. Со тоа реновирање кулата ја добива сегашната форма. Тоа е документирано и со натписот. Внатрешниот дел на кулата во 1943 година е опкружен со бетон. Кулата во 1959 година ја презема војската и одреден период се користела како радарска станица.

Новата кула

Долги години Девојкината кула останала сама во средината на морето. Потоа кулата била обновена од страна на приватен бизнисмен и долго време била дадена под ќирија. Екипата која работела на реставрацијата истражувала по универзитетските архиви, библиотеки, архивски документи, гравури, стари фотографии, усмени и писмени искази. Сите информации до кои стигнале ги оцениле поединечно и ги земале предвид при реставрацијата. Во текот на процесот на реставрацијата биле откопани историски наоди кои претходно не биле ниту предвидени. По долго време луѓето првпат стапнале на кулата и имале прилика одблиску да ја видат и да ја допрат.

Уживајте во Девојкината кула

По завршувањето на реставрацијата кулата почнала да работи како ресторан. Девојкината кула освен понеделник, може да ја посетите секој ден од 12:00 до 19:00 часот. Во периодот од 20:00 до 01:00 часот служи како ресторан. До кулата можете да стигнете со моторни бродчиња од Салаџак, Кабаташ и Ортакој.

Хусамедин Гина

Коментари