Доколку ги прашате скопјани, каде може да се пробаат најдобрите ќебапи во градот, веројатно ќе добиете барем десетина различни одговори. Сепак, сигурно најчестиот одговор кој ќе го добиете ќе биде: „Оди во Дестан, нема да згрешеш.“ Денес сопствениците на „Дестан“ имаат неколку ќебапчилници низ градот, но топло ви препорачуваме да ја посетите токму најстарата, онаму од каде што пред повеќе од 100 години почнала славната приказна за ќебапите на чичко Дестан.
Лоцирана во Старата скопска чаршија, на калдрмата, меѓу занаетчиските дуќани, таму ќе се чувствувате најавтентично додека ја чекате „десетката со кромид“. Инаку за ќебапите важи правилото дека се конзумираат три пати – прво со носот, потоа со очите и на крајот со устата.