Водич низ СКОПЈЕ

Десетдневна модна пролет во Скопје

Петтата сезона на Модниот викенд – Скопје пролет/лето 2012 која почна на втори април и ќе трае десет дена со својата богата програма веќе ги крена на нозе љубителите на модата. Деновиве градот пулсира во ритамот на најновите модни случувања и свежи колекции, а главните настани се одржуваат на неколку локации.

Серијата модни ревии, коктели, забави, изложби, хуманитарни проекти и ексклузивни настани започна во понеделникот кога се случи свеченото отворање со прогласувањето на победникот во отворениот конкурс на „Пелистерка“ за нов дизајн на шише – Јована Филиповиќ. По ова следуваа изложбите на фотографии „Природа и мода“ на фотографското дуо Ани и Дими односно АД Фотографи, Билјана Ќосева и Жарко Чулиќ изложени во новоотвoрениот „шоурум“ со дизајни на облека и накит од македонски креатори.

Димитар Петровски, кој заедно со својата партнерка Андријана Костова се официјални фотографи на Модниот викенд вели:

– Од почетокот на Модната Недела сме главни фотографи задолжени за покривање на целиот настан, но и за изработка на фотографии за рекламите и за каталозите. Драго ми е што во овие пет изданија на модната недела, заедно со квалитетот на самиот настан, напредувавме и ние, и го развивавме нашиот фотографски израз. Изложбата на ова издание на Fаshion weekенд е инспирирана од темата за оваа пролет/лето сезона, па во таа насока учествувавме со неколку фотографии направени во природа. Дел од нив се постари, а дел првпат беа презентирани на оваа изложба.

Ветеранот на македонската мода, Никола Ефтимов во свој уникатен стил ја претстави својата нова модна приказна од Ориентот наречена „Хонг Конг експрес“ која ја создаде во соработка со својата асистентка Александра Јовановска. Како продолжение на неговата претходна колекција од минатиот моден викенд, која повеќе беше фокусирана на уличната мода, овој пат Ефтимов даде свој осврт на тоа како да се изгледа фанки, ексцентрично и модерно за вечерните излегувања со низа колоритни креации во живи бои, необични материјали и иновативни кроеви.

– Новата колекција (Hong Kong Express) е инспирирана од филмовите на Вонг Кар-Ваи, особено од “In the mood for love” и “2046”. Создадов 16 модни изгледи: 11 женски и 5 машки. За изработката е употребена мешавина од традиционални и природни материјали. Најголем дел од женските изгледи се стилизирани од чипау-фустани, а машките модели се стилизација на класичниот костим со елементи на спортска облека. Дизајните за ревијата во Американската амбасада се дел од серијата направена за оваа пригода. Ја нареков “The Bebop Baroness”. Инспирацијата беше животот на една британска бароница (Baroness Pannonica de Koenigswarter). Таа (Pannonica) е можеби најголемиот покровител на бебоп музичарите, особено Телониус Монк, изјави Ефтимов.

Во вторникот, Американската амбасада во Македонија ги отвори вратите за настанот „Џезот и модата“, а домаќинот – американскиот амбасадор Пол Волерс уште еднаш докажа дека планира да биде патрон на вакви и слични случувања, кои ќе ја промовираат македонската модна индустрија.

Тринаесет дизајнери ги претставија своите уникатни креации што беа специјално креирани за оваа пригода која беше омаж на џез ерата од 1920-тите. Црната елеганција доминираше на модната писта, но секако не беа запоставени ни креациите во кои имаше појаки бои. Меѓу учесниците во оваа вечер, во која се славеше џез музиката и елегантниот стил на облекувања, беше и младата креаторка Ведрана Панева, кој изјави:

– Jazz& fashion беше одлична соработка помеѓу Американската амбасада и дизајнерите и можеше да се види како сите различно размислуваме на една иста заедничка тема, да се запознаеме и да размениме искуства. Одлична организација и прекрасни домаќини. Мислам дека вакви соработки треба почесто да се случуваат, а зошто да не стане и традиција секоја година да има тематски ревии. Јас се претставив со два модела инспирирани од филмот „Gatsby“, и музиката од тоа време пренасочена во модерен стил.

Во средата во Музејот на ВМРО и жртвите на комунистичкиот режим се одржа гала ревија во чест на петгодишниот јубилеј на дизајнерското дуо Тања Кокев и Мила Кадриу. Нивната нова колекција всушност беше осврт на сето она што го создаваа во изминатите години, односно избор на 30 модели на венчаници и коктел-фустани од свила.

Истанбулска модна недела

Истанбулската модна недела е платформа која беше создадена за да се поддржи работата на турските дизајнери и брендови во национални и интернационални рамки. Целта е да се поттикне дизајнерската сила и потенцијал на модната индустрија и да се поддржи економскиот раст на секторот. На неа дизајнерите и познатите брендови веќе неколку години наназад ги претставуваат своите колекции, а идејата е да се формира мост со кој талентираните креативци од Турција и соседните земји ќе го прошират своето поле на дејствување во светски рамки. Петтата по ред модна недела на која настапија 22 дизајнери и пет брендови се одржа лани од 7 до10 септември во Истанбул. Со четиридневниот настан, Истанбулската модна недела за пролет/лето 2012 го стави градот на светската модна мапа, а ја посетија 30 000 гости и 250 странски медиуми.

Атинска модна недела

Привлекувајќи илјадници посетители, странски новинари и селебрити фаци, Атинската модна недела полека го освои своето место во модниот свет. Грчките и интернационалните дизајнери се обединуваат за оваа екстраваганца што се одржува во Технополис. Оваа година по петнаесетти пат овој традиционален моден настан ќе се случува во периодот од 17-21 април, а покрај ревиите ќе има и бројни културни случувања, концерти, изложби, наградни конкурси и работилници. Во рамките на Атинската модна недела, до сега се имаат претставено дизајнери како Софија Кокосалаки, Жан Шарл де Кастелбажак, Гаспард Јуркијевич.

Елена Петковска

фото: АД Фотографи

Коментари