Водич низ СКОПЈЕ

ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: ЗДРАВСТВЕНА ПИСМЕНОСТ ЗА ПОДОБРО ЗДРАВЈЕ

ЗЕМЈА НА СПОРЕДБА: СЛОВЕНИЈА

Кога е човековото здравје во прашање, сите други проблеми одат во втор план. Правото на заштита на здравјето е највисокото човеково право. Неговото исполнување треба да биде најважната задача во еден систем.

Душко Ѓорѓиев, претседател на здружението Нефрон: Ако вие секојдневно имате нови и нови одлуки кои што не соодветствуваат со потребите и стварните состојби во здравствениот систем, тогаш оправдано вербата на пациентите и граѓаните кон здравствениот систем во нашата држава се намалува.

Често се вели дека здравјето е лична одговорност и секој поединец треба да се грижи за себе. Тоа е само делумна вистина. За здраво население е потребен добар здравствен систем, кој што ќе ги предвиди ризиците, ќе влијае на нивното намалување и ќе им пружи квалитетна помош и заштита на оние што им е најпотребна.

Невозможно е да се замисли развојот на општеството без развојот на здравствената заштита. На правниот, образовниот, безбедносниот, економскиот и на сите други системи им треба здрав темел. Буквално здрав темел. Кај население што се соочува со сериозни здравствени проблеми, се друго ќе заостанува.

„Дали личиме на ЕУ“ е прашање што по својата важност го надминува прашањето дали и кога ќе станеме членка на ЕУ. Тоа е прашање на можности и стандарди што овозможуваат подобар живот. На ангажманот на државните институции и на општеството во градењето подобро утре. Европа не треба да ја гледаме како симбол на совршенство, туку како симбол на желбата за усовршување. На желбата секој да ги ужива своите фундаментални права. „Дали личиме на ЕУ“ значи дали го заслужуваме епитетот „европски“, кога зборуваме за правата на човекот и на граѓанинот.

ДЕЛ 1: Кампањска или постојана грижа

  • Лекции од пандемијата со Ковид-19
  • На средината на табелата според бројот на заболени
  • Во врвот според бројот на починати
  • Показател за лошата здравствена состојба на населението

Хроничните болести се незаразна епидемија што се потешко го погодува човештвото. Секој трети човек на планетата живее со повеќе од една хронична болест. Само по себе тоа не мора да значи ништо, бидејќи со многу состојби се живее нормално, ако навреме се откријат и се спречи, односно забави нивниот развој. Затоа расте важноста на превентивната здравствена заштита.

Бистра Ангеловска, професорка на Медицинскиот факултет при УГД: Tоа е еден од најзначајните сегменти на здравствените системи и на здравствената заштита воопшто заради тоа што сите светски пресметки укажуваат дека е многу поекономично да се превенираат болестите отколку да се лекуваат. Дали е кај нас добра превентивата? Веројатно не, покажуваат и сегашните предизвици со вирусот дека не.

Поради различните методи и технологии на откривање, начини на водење статистика и друго, податоците колку хронични болни има во една држава не може да се искористат за да се направат споредби кое население е поздраво. Затоа, пак, бројот на починати лица помлади од 65 години поради болест, е многу посилен индикатор. Со 159 починати на 100 илјади жители, нашата држава е меѓу петте најлоши во Европа. Тоа е двојно повеќе од најдобрата членка на ЕУ – Луксембург.

Најдобри резултати во нашиот регион има Словенија, со 121 починато лице на 100 илјади жители поради хронични заболувања. Но тоа е држава во која превентивната здравствена заштита е вкоренета во традицијата долго време, и е достапна на сите граѓани.

  • 159/100 илјади – смртност во С. Македонија
  • 80/100 илјади – смртност во Луксембург
  • 121/100 илјади – смртност во Словенија

Раде Прибакович Бриновец, Национален институт за јавно здравје на Словенија: Превентивната здравствена заштита е достапна за секого во Словенија каде што има задолжително здравствено осигурување. Ова значи дека нема кофинансирање кога се дава услугата. Превентивните услуги се достапни во примарната педијатрија за деца и младинци, во примарната гинекологија за жените, во семејната медицина за возрасните, во стоматологијата за децата и за младинците, и секако во центрите за промоција на здравјето, за луѓето што влегуваат во активности со кои го менуваат животниот стил.

Словенечките граѓани се свесни за потребата од превенција. Колку преземаат мерки зависи од нивните лични состојби и општествен статус, но сепак тој процент е висок. Кај родилките и децата е над 90 проценти. Кај возрасните, за кои што се спроведуваат скрининзи за различни видови рак, учеството е од 65 до 70 отсто.

Раде Прибакович Бриновец, Национален институт за јавно здравје на Словенија: Овие граници се граници што ја осигуруваат целисходноста и ефикасноста на програмите. Затоа што сигурно еден доволен дел од населението, голем дел од населението е вклучен, па има исплатливост на програмите.

Каде е проблемот со превентивната здравствена заштита кај нас? Двете држави излегоа од ист систем, иако и тогаш имаа разлики во стандардите. Сепак имаат слични пракси, како масовниот скрининг. Со таа разлика што тој некаде се прави целосно, а некаде прекинува среде патот.

Мирјана Бабамова , програмски координатор на здружението Хема:  Потребно е да се зголемат методите за превенција и за рана дијагностика, од типот на почести скрининзи, организирање на национални скрининзи, на пример за рак на дојка, за рак на дебело црево. Тие скрининзи во државава ќе почнат да функционираат, меѓутоа негде ќе се најде во моментот, не се довршуваат до крај. Значи функционираше едно време национален скрининг за рак на дојка, сега не знам до, со ковидов измешани се многу работи и не знам до каде е стигната ситуацијата. Значи потребно е пациентите за овие болести кои што се превентабилни, кои што можат да се превенираат, да добиваат писмо преку матичниот лекар за да се јават на регуларна контрола.

Не е доволно само да се создаде можноста за проверка и таа да трае додека трае одредена кампања. Потребно е да биде достапна постојано, и граѓаните дасе убедуваат да ја искористат. Словенечките искуства не учат дека проактивниот здравствен систем, оној што самиот ги повикува луѓето да се прегледуваат, е многу поефикасен од реактивниот – оној што само чека пациентите да му дојдат кога им е најтешко.

Бистра Ангеловска, професорка на Медицинскиот факултет при УГД: Кај нас има дел од тоа, кај матичните лекари единстевно колку јас знам и стоматолози, се поставуваат тие цели кои се надвор од капитацијата, законски се одредени, значи има законска алатка со кој што тие мора одреден број на програмски активности, односно превентивни активности да спроведат. Но, промоцијата останува пак повеќе би рекла кога ќе се , кај нас кампањски се одвива кога ќе се тие светски едели на оваа болест, на онаа болест па тогаш нели малку кампањски ќе се направи некоја промоција за можна превенција и рано откривање на особено на незаразните заболувања кои носат големи животи и го нарушуваат квалитетот на животот.

Весна Керстин Петрич, директорка на Директоратот за јавно здравје на Словенија: Имаме и организирани бесплатни скрининзи, значи овие бесплатни организирани скрининзи се такви што луѓето се повикуваат на скрининг, значи не мора самите да одлучат дека сакаат да одат на скрининг или не, туку добиваат писмо со кое се покануваат на скрининг за рак на дојката, за рак на матката кај жените, или за рак на дебелото црево. Но тоа не би било доволно ако не биде задолжително за докторите да ги обезбедуваат овие услуги за населението. Значи имаме регулативи со кои се осигуруваме дека децата, активното население и секако повозрасните, сите имаат превентивни прегледи во здравствените сервиси.

Има два столба на кои се потпира превентивната здравствена заштита. Првиот е – кога ќе почне, не треба да се прекинува и секогаш треба да се наоѓаат начини и ресурси за да продолжи. Вториот е постојано да се поттикнува учеството и да се наоѓаат нови начини, со модификување на програмите, за тие да бидат искористени од што повеќе граѓани.

Раде Прибакович Бриновец, Национален институт за јавно здравје на Словенија: Првата точка е стабилното финансирање. Клучните партнери, како Министерството за здравство и Институтот за здравствено осигурување со децении се посветени на финансирањето на превентивните програми. Како што реков, овие програми се достапни на секого со задолжително здравствено осигурување. Значи, без разлика на социјалниот статус, без разлика на вработувањето. Следната работа е, секако, постојан развој и менаџирање на програмите. И ова е работа на Националниот институт, кој за повеќето превентивни програми во Словенија е институцијата што обезбедува постојано пменаџирање на програмите. А тоа значи развој, тренинг, имплементација, поддршка, надгледување и евалуација.

За жал, не е доволно само да се сменат одлуките и политиките за да се врати системот во нормала. Натрупаните состојби од претходно ги ограничуваат капацитетите што може да се посветат на превенцијата.

Бистра Ангеловска, професорка на Медицинскиот факултет при УГД: Кај нас не функционира добро затоа што голем дел од здравствените работници се фокусирани повеќе на лекувањето отколку на превентивните активности бидејќи тоа не е доволно стимулирано.

ДЕЛ 2: Здружени сили

  • Секој има право на превентивна здравствена заштита
  • Секој има право на соодветни медицински третмани
  • Сите политики треба да се водат на начин што овозможува подобра заштита на здравјето

*Европска повелба за фундаментални права, член 35

Капацитетите се проблем и за самата превенција. Ако ја споредиме македонската и словенечката пракса, нема да најдеме разлики во основата. Постојат програми за превентивна заштита, постојат обврски на лекарите, пред се на матичните лекари, да ги информираат пациентите за тоа, но дури и кога постои интерес од пациентите да ја искористат можноста, нема гаранција дека ќе им се исполни тоа. Преоптовареноста на здравствениот систем оневозможува флексибилност, па ако прегледот се пропушти поради неодложни обврски, прашање е кога ќе има друг.

Бистра Ангеловска, професорка на Медицинскиот факултет при УГД: Неопходно е да е намалат административните процедури и времето на чекање со кој што луѓето би го направиле тоа. Значи имате вие добивате од матичниот лекар покана дека треба да направите мамографија, од матичниот гинеколог дека треба да направите мамографија, тоа му е во целите и тоа е убаво законски регулирано. Тој мора толку и во текот на една година на сите пациентки да ги прати да направат мамографија. И вие добивате писмо со кое, меѓутоа ако вие треба да идете и откажано и чекате и после пак идете уште еднаш, нема да губите работни денови нели, а не ве боли ништо и тоа е еден, една од причините со кои што, од кои што луѓто некогаш самите си одат против себе, не си ги исполнуваат.

Подобрата поставеност на системот, во која тој ќе се приспособи на потребите и на можностите на граѓаните, наместо да ги тера тие да се приспособуваат на него, може да даде многу подобри резултати. Тоа го покажуваат словенечките и европските искуства. Еден од стратешките приоритети на нашата држава е изградбата на достапен, квалитетен и долгорочно-финансиски одржлив систем на здравствена заштита, кој ќе обезбеди нормални услови за работа на медицинскиот кадар, поголеми шанси за нивна специјализација, повисоки плати, и најважното – ставање на граѓаните во центарот на здравствениот систем и зајакнато чувство и одговорност на поединецот за сопственото здравје и здравјето на другите. Последното е далеку од исполнето. Не може да се исполни ниту ако прегледите станат задолжителни.

Весна Керстин Петрич, директорка на Директоратот за јавно здравје на Словенија: Кога се вели задолжителна обврска, секако, ако граѓаните не сакаат да дојдат, нема да дојдат. Нема да бидат казнети ако не дојдат. Но во повеќето случаи, речиси во 99 проценти од случаите, луѓето ги користат овие можности.

Задолжителни прегледи во државата има. Тоа се систематските, што се одржуваат периодично. Статистиките покажуваат дека од 800 илјади вработени, годишно со систематските прегледи се опфаќаат по околу 140 илјади, или 18 проценти. Но не е проблем само бројката, туку и квалитетот. Кога главната цел е да се утврди моменталната работна способност, наместо да се откријат некои почетни симптоми на кои што може да се реагира, прегледите се само испуштена можност за подобра превенција.

  • 800 илјади вработени
  • 140 илјади опфатени со годишни систематски прегледи
  • 18 отсто од вкупниот број вработени

*Извор: Институт за јавно здравје

Бистра Ангеловска, професорка на Медицинскиот факултет при УГД: Постоеа редовни систематски прегледи, постојат и сега според законот и одиме на тие систематски прегледи, се прават меѓутоа мора тоа да биде малку подобро уредено и да биде во специјализирани установи каде што само специјалист по медицина на трудот ќе може да ги прави и ќе се направат со веднаш добивање на резултатите, квалитетни систематски прегледи со кои што ќе се добие, ќе се добие слика за и евентуално рано откривање на некоја од болестите кои што може да се превенираат.

Одбележувањето на разни светски денови, глобални недели или други моментални кампањи, никогаш не се доволни за да се постигнат добри превентивни резултати. Потребно е охрабрување и поттикнување на населението, и потребно е тоа да се прави постојано.

Раде Прибакович Бриновец, Национален институт за јавно здравје на Словенија: Секако, треба да се осигурувате дека програмите се пристапни до секого, и дека има активен пристап до населението. Значи треба да ги поканите луѓето, треба да правите кампањи. Треба, како лекар, секако треба да се погрижите за вашите пациенти. Затоа мислам дека овие се големи достигнувања овде во Словенија.

Користејќи го своето лекарско, наставно, научно и пред се животно искуство, професорката Ангеловска поставува едно клучно прашање – дали здравјето може да се остави само на здравствениот систем? Тој е дел од општеството во кое што функционира, и ако остатокто од општеството, ако другите системи не се потрудат за подобра здравствена состојба, за подобра превенција, здравствениот не може да го понесе тој товар самостојно.

Бистра Ангеловска, професорка на Медицинскиот факултет при УГД: Потребен е еден континуитет и во законодавството и во образованието, во целиот едукативен процес, за да може да се обезбеди добра превентива. Никако не е тоа задача само на здравствените работници. Тие се главните носители на тие активности, меѓутоа пред се тоа е прашање на регулативата, на образованието, воспитно-едукативната дејност и се разбира на здравствената дејност веројатно најповеќе.

Ова е нешто што во Словенија го имаат сфатено одамна. Виделе дека одреден дел од населението не ги користи превентивните мерки, и решиле да преземат посебни мерки за него. И решиле да не го прават тоа самостојно.

Раде Прибакович Бриновец, Национален институт за јавно здравје на Словенија: Има, секако, не толку голем дел од населението, но еден важен дел, ранливиот дел од населението, кој што нема знаења, или здравствена писменост како што велиме сега, и нема ресурси да ја добие информацијата, да ја сфати информацијата и потоа да ја искористи можноста за да се вклучи во превентивните програми.

Ранливите групи, поради различни причини, најчесто социјални, биле со послаба грижа за заштитата на здравјето. Затоа, со европски проект, во последните години во Словенија се развил модел во кој преку 25 здравствени центри им се врши дополнителна здравствена заштита. Во него се вклучени лекари, медицински сестри, но и претставници на локалните заедници, социјални центри, невладини организации. Сите тие заедно ги бараат најдобрите решенија како може да им се пристапи на ранливите категории и да се обезбеди нивното учество во подобрувањето на општото здравје на населението.

Весна Керстин Петрич, директорка на Директоратот за јавно здравје на Словенија: Понекогаш ние од здравствениот сектор немаме доволно познавања на оваа популација, и затоа треба да го искористиме знаењето на невладините организации и на социјалните центри, не ги споменав социјалните центри, за да им се пристапи на овие луѓе и за тие да разберат дека ова постои за нив, дека не се наплаќа и дека треба да одат.

Сите овие напори се потребни за да се постигне една цел – подобра здравствена заштита на населението. Секако, на крајот одговорноста е на поединецот, но само откако државата направила се што е во нејзината моќ за да му овозможи превентивна здравствена заштита и да го поттикне да ја искористи таа можност. Спротивната пракса носи многу тешки последици. Тие се согледуваат во статистиките за предвремена смрт од хронични заболувања.

Мирјана Бабамова , програмски координатор на здружението Хема: Затоа што сега пациентите ќе се јавуваат во касна фаза, кога опциите за третман се многу мали. Бидејќи опциите за третман се мали, ќе се зголеми морталитетот од малигните заболувања. И тоа би требало да го знаат здравствените власти, значи ковидов како ковид-19 ќе помине, нема вечно да трае пандемијата, меѓутоа ќе се соочуваме со пандемија од рак во иднина.

Има случаи кога не се може ништо против природата. Но многу често високата стапка на смртност не е резултат на судбината, туку на пропуштената шанса навреме да се реагира.

Бистра Ангеловска, професорка на Медицинскиот факултет при УГД: Имаме ние многу голем морбидитет и морталитет од незаразните хронични заболувања чие што рано откривање со денешните технологии може значително да ги намали компликациите од болеста да го продолжи животниот век на луѓето и истовремено да им обезбеди подобар квалитет на животот.

ДЕЛ 3: По патот низ ходниците

  • Годишно во здравството се трошат по околу 700 милиони евра
  • 55% се за лекување
  • 2% се за превенција

*Извор: Државен завод за статистика

Морталитетот не е единствената штетна последица на немањето доволно квалитетна превенција. Со ненавременото откривање и третирање на многу состојби, се зголемува бројот на лица со потешки заболувања, на кои што им треба постојана грижа и третмани. Лица што ги полнат ходниците и чекалниците. Лица чиј што живот се претвора во едно долго лекување што им го преокупира секојдневието и што никогаш не завршува.

Душко Ѓорѓиев, претседател на здружението Нефрон: Секојдневието на секој пациент во денешни услови е талкање по лавиринтите на здравствениот систем. Значи пак ќе повторам. Матичните лекари се оставени само на себе како административци иако тие најдобро ги познаваат пациентите и тие треба да го поднесат најголемиот товар сега затоа што на тој начин ќе бидат покриени сите пациенти.

Мирјана Бабамова , програмски координатор на здружението Хема: Во принцип има придвижување, значи не можеме да речеме дека нема, затоа што многу терапии кои што не ни беа достапни да речеме пред десет години, а во другиве земји беа достапни, сега ги има и во Македонија. И многу нови дијагностички третмани, да, значи има придвижување, меѓутоа некако многу споро иде.

Подобро е да се спречи отколку да се лекува. Тоа е лекција што ни ја оставиле претците. Но тешко е кога капацитетите за спречување се мали, а за лекување уште помали.

Мирјана Бабамова , програмски координатор на здружението Хема: Како сиромашна земја, која што нема секогаш пристап до соодветен здравствен систем како што има во ЕУ земјите, нашиве пациенти не се којзнае колку задоволни. Од типот што ние генерално немаме пристап до таа терапија, не само за хематолошки малигнитети, туку и за многу други видови, типови заболувања, кои што ги имаат западните земји и пациентите во Европската унија, кои што ги имаат за лекување на соодветни заболувања.

Здравствениот систем е пример за тоа како многу големи зборови останале само на хартија. Зборови како „подобрување на квалитетот“ или „приспособување на услугите кон потребите на пациентите“. Сето тоа може да се види во државните стратегии и во акциските планови. Но кога еден пациент ќе тргне по ходниците, реалноста е поинаква.

Душко Ѓорѓиев, претседател на здружението Нефрон: Немање на соодветни лекови или застарени застарени лекови, 10 години нема ставено нов лек на позитивната листа со образложение дека имаме гломазни комисии кои се нефункционални. Сето тоа може да се смени преку ноќ и да се реши ако политиката ги тргне рацете од здравството, а здравството е репер на уреденоста на една држава. Многу работи не може да се решат ако немаме добро здравство, ако немаме добар образовен систем. Без тоа, нашата иднина е под знак прашалник.

Мирјана Бабамова , програмски координатор на здружението Хема: Има на пример пациенти со хематолошки малигнитети, кои што им се случува по два месеци да немаат пристап до терапијата, затоа што не е добро изменаџирано како се врши тој тендер за набавка. Значи тоа треба на пример да се знае однапред, од сега за во октомври, за кои лекови имаме дефицит, да се обезбедат. Кај нас секогаш доаѓа се во последен момент.

Некои наши сограѓани на најтешкиот можен начин сфатиле дека колку поголеми им се потребите за лекување, колку подалеку треба да одат во здравсвениот систем, толку поголеми пречки ќе се исправаат пред нив. Затоа промените мора да почнат уште во првите чекори, кај лекарот што, наместо да е во тек со состојбите на секој пациент, е во тек со книговодствените здравствени работи.

Душко Ѓорѓиев, претседател на здружението Нефрон: Ако матичните лекари кои што најдобро ги познаваат своите пациенти се сведени на административци и не можат да креираат упати и дури и кога ќе креираат упати, пациентите не можат соодветно да бидат примени и лечени, или во овој случај кога ние имаме недостиг на персонал, недостиг на капацитети и тие пациенти ги препуштиме во рацете на несоодветни стручни луѓе, специјализанти или студенти по медицина да ги лечат, а тие се во најтешка форма на болест и во импровизирани капацитети се прифаќаат, тогаш е јасно дека нивното лечење е под знак прашалник.

Само кога сите други проблеми ќе се надминат, ќе мораме да се свртиме кон личната одговорност на луѓето. Дури и тука, не можеме да оставиме секој самостојно да одлучува како ќе се однесува. Личното здравје и личната здравствена состојба се дел од колективната состојба. Во времиња кога на интернетот се шират опасни теории на заговор, штетата од верувањето во нив не ја трпат само оние што ги слушаат, туку и сите други.

Бистра Ангеловска, професорка на Медицинскиот факултет при УГД: Ние сега немаме таков проблем со навиките на луѓето кои што се со пониска образовна структура. Имам впечаток дека тие повеќе ни веруваат и повеќе веруваат на науката и се потпираат на неа отколку луѓето кои што имаат високо образовна структура, но се служат баѓ со овие алатки, а се служат се разбира несоодветно. Значи не е доволно на интернет да се прочита нешто и со тоа да станеш лекар или фармацевт или она што си избрал да станеш.

И со сите проблеми, пропусти, недостатоци и недоречености, професорката Ангеловска е убедена дека македонските граѓани можат да се потпрат на здравствениот систем, поради еден негов квалитет – луѓето. Но, ова е квалитет кој, за жал, се повеќе се губи. Иселувањето на високостручните медицински кадри во Западна Европа не натера веќе одамна да зборуваме за „лекарски егзодус“. За само 10 години, бројот на лекари што побарале потврда од Лекарската комора дека активно се занимаваат со клиничка медицина, за да можат да работат во странство, се зголемил за 20 пати. Здружението на млади лекари излезе со податок дека над 1.200 лекари ја напуштиле државата. Тоа е голема загуба за една мала земја.

  • 20 пати се зголемил бројот на лекари што бараат да си одат
  • 1.200 лекари досега се иселиле

Мирјана Бабамова , програмски координатор на здружението Хема: За да функционира еден здравствен систем, секако е потребно да се има стручни кадри. Сега да, тоа е проблем, одливот на доктори, затоа што на нив веќе не им се исплати овде да, не само за таа сума за која што работат, него и под тие услови да работат. Обично после специјализацијата одат во болниците, стекнуваат искуство, и увидувајќи ја фактичката состојба тука, многу од моите колеги имаат отидено надвор од државава.

Мирјана Бабамова, која и самата е лекар, го следи здравствениот систем преку пациентски здруженија повеќе од 15 години. Парите се секогаш најголем проблем, вели таа, но проблем е и менаџирањето. Тоа што сите го видоа за време на ковид-кризата, неа и било познато уште одамна. Како што целото население има потешкотии да дојде до вакцина, така хронично болните пациенти со години имаат потешкотии да дојдат до лек. Причина е слабата заинтересиранот на фармацевтските компании за мали пазари, но и слабите напори на здравствените власти да доздадат контакти, да се поврзат подобро со компаниите и да го отворат патот до подобри лекови и побрзи набавки. Дел од тој проблем може да се реши и со регионално поврзување.

Кога се ќе се стави на кантар, како знаеме дека еден систем е успешен? Општата здравствена состојба на луѓето е најдоброто мерило. Словенечките лекари добро го знаат тоа.

Раде Прибакович Бриновец, Национален институт за јавно здравје на Словенија: Здравствениот статус на Словенците е многу добар. Но не може да се очекува дека само лекарите, или само министрите, може да не одведат таму. Здравјето, како врвно човеково право, треба да се заштити и да се подобри со соработка од сите институции, од почетокот до крајот.

Бистра Ангеловска, професорка на Медицинскиот факултет при УГД: Потребна е подобра континуирана едукација и подобра едукација на сите учесници во здравствениот систем кои што ќе го промовираат здравиот животен стил, а и тоа е потребно исто така да биде стимулирано од страна на државата. Се знае на кој начин се стимулираат. Значи стимулацијата не е само во пари, може да биде и во награди, може да биде и во пофалби, може да биде и во истакнување на одредени истакнати работници кои што навистина посветено работат на подигање на здравствената култура.

Ниската свест може да биде проблем, но поголем проблем е ако таа се користи само како изговор за префрлување на вината врз граѓаните.

И за свеста има решенија, кои што се применуваат дури и онаму каде што состојбата е многу подобра, за да се подобри уште повеќе. Тоа се нарекува концепт на здравствена писменост, а одговорноста да ја развијат таа писменост е на институциите и на луѓето што ги раководат.

Весна Керстин Петрич, директорка на Директоратот за јавно здравје на Словенија: Сега исто така ќе почнеме програма за да ги направиме луѓето посвесни  за тоа како можат најдобро да ги искористат услугите во локалната заедница. Ова го нарекуваме здравствена писменост, што значи дека јас како пациент знам точно што имам на располагање и како најдобро да го искористам тоа.

Секогаш ќе има луѓе, или делови од населението, на кои што ќе им биде потребна поголема поддршка од другите. Делумно поради здравствената состојба, делумно поради социјалните услови. За тие да добијат квалитетна поддршка, потребно е да се подобри општата состојба на населението. А таа нема да се унапреди самата од себе.

Коментари