Водич низ СКОПЈЕ

ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: Родова еднаквост – Нееднаква еднаквост

ЗЕМЈА НА СПОРЕДБА: ШВЕДСКА

Можеби најдобриот пример за тоа колку тешко се остваруваат човековите права и колку труд треба за тие да се одржат е борбата за родова еднаквост. И по век и половина унапредување на правата, повеќето општества во светот се уште бараат начини за подобрување на положбата на жените и обезбедување еднакви правила на игра за сите.

Марија Савовска, извршна директорка на Акција Здруженска: Јас не би ги нарекла проблеми на жените туку проблемите на општество кои се прекршуват врз грбот на жените и се условени од културни норми кои во основа се патријархални и се пресликуват во сите институци на општеството. Потребен е институционалнит одговор за да се справуваме со овие појави.

Тука не станува збор за дискриминација врз специфични групи, туку врз половина од населението, на кое со векови му е кажувано дека треба да си го знае местото, додека другата половина, машката, требало да си ја бара среќата.

Многу неповолни состојби од минатото се одамна надминати во Европа. Некои европски земји, како скандинавските, служат како пример за другите. Од нив може да се научи не само  како да ја подобриме состојбата денес, туку и како оваа борба треба да се води во иднина, бидејќи таа не престанува, само ги менува формите и краткорочните цели.

„Дали личиме на ЕУ“ е прашање што по својата важност го надминува прашањето дали и кога ќе станеме членка на ЕУ. Тоа е прашање на можности и стандарди што овозможуваат подобар живот. На ангажманот на државните институции и на општеството во градењето подобро утре. Европа не треба да ја гледаме како симбол на совршенство, туку како симбол на желбата за усовршување. На желбата секој да ги ужива своите фундаментални права. „Дали личиме на ЕУ“ значи дали го заслужуваме епитетот „европски“, кога зборуваме за правата на човекот и на граѓанинот.

ДЕЛ 1: Поделба на моќта и на одговорноста

Повелбата за на ЕУ за фундаментални права вели:

  • Еднаквоста меѓу жените и мажите ќе се спроведе во сите области, вклучително во работата и во платата.
  • Принципот на еднаквост не треба да биде пречка за да се спроведат мерки што ќе му дадат предност на родот што е во подредена положба.

Снежана Калеска Ванчева, пратеничка од СДСМ: Женските права се дел од човековите права. Ние не можеме да говориме за човекови права ако имаме дисбаланс помеѓу половите.

Во 19 и во 20 век, а за жал во некои делови од светот и денес, главната борба беше да им се дозволи на жените да гласаат. Денес борбата е за нивниот глас навистина да се слушне. Во денешно време, рамноправноста на жените не се гледа според тоа какви можности им се признаени со уставите и со законите, туку според тоа колку жените учествуваат во таканаречениот „процес на донесување одлуки“. Тоа е само убаво спакуван термин што во превод значи колку жените се застапени во политиката и во бизнисот.

Лидија Трипуноска, генерален менаџер на агенцијата Марили: Имаме високо образован женски кадар во изминатие 19 години, од 2000 до 2019, тој процент е 59% во однос на машкиот пол, а минатата година статистиката за жени со магистерски студии изнесувал 61,01% , за докторки дисертации изнесувал 59%, кога тоа ќе се спореди со само 33% жени на лидерски односно меаџерски управувачки позици доаѓаме во сознание дека можностите за напредување на високи позиции на жени се дупло помали во однос на она што го имаме како образование.

  • Дипломирани: 59% жени, 41% мажи
  • Магистрирани: 61% жени, 39% мажи
  • Докторирани: 59% жени, 41% мажи
  • Лидерски позиции: 67% мажи, 33% жени

Но, не е мерило само учеството, туку и реалното влијание. Маргинализацијата на жените може да постои и онаму каде што сите нивни права се признаени и тие учествуваат во сите процеси, ако нивното учество е формално и ако немаат реално влијание.

Марија Савовска, извршна директорка на Акција Здруженска: Не е доволно само да ви бидат пристуни туку и да можат и да влијаат на она што подразбира одлука на начинот со кој ќе се обликува едно општество. Тие не се во состојба, односно, немаат доволно моќ заради ова појава да влијаат на околностите кои подразбираат и секојдневно живеење и искористување на општествените ресурси.

Како изгледа тоа можеме да видиме низ примерите од домашната политика.  Таму каде што жените се дел од група и има квоти за нивното учество, има поголем баланс. Онаму каде што моќта е во рацете на поединецот, тој поединец е многу почесто маж. Несразмерно многу почесто.

Жаклина Пешевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ: Можеме да забележиме дека по редоследот на мандати имаме нон стоп зголемување на бројот на жени во Собранието што не е случај со градоначалнички и министерки.

Арта Биљали Зендели, пратеничка од ДУИ: Вистина е дека имаме мал број на министерки и градоначалнички. Ние ја имаме градоначалничката на најголемата урбана општина во Македонија, Теута Арифи, но тоа не е се и тоа не е доволно. Мислам дека единствен механизам за упнапредувањие на ова позиција за жал е само водедување на квотите во тие позици и гледаме дека во Собранието и во советничките листи на општини имаме поголема застапеност на жените и тоа доаѓа како резултат на квотите кој што ги ба изборниот законик. Ниту една жена па ни јас, никогаш не би сакала да се гледам себе си како квота.

Како го решиле тоа подобрите од нас? Шведска, членка на Европската унија од 1995 година, важи за една од земјите лидери според еднаквоста на положбата на жените. Но исто така е земја што не ја туркала еднаквоста сосила, со политички декрети и квоти.

Сара Ветергрен, заменик-градоначалничка во Малме, Шведска: Никогаш не воведовме квоти во Шведска. Има голема дебата околу тоа, особено кога станува збор за одборите во големите компании, бидејќи таму се уште има доминација на мажите, но кога е политиката во прашање, имаше дискусии за тоа, особено во минатото, за тоа дали политиката е доминантно машка или женска, но никогаш не го применивме тоа. Мислам дека со самото тоа што ја имавме дискусијата придонесовме многу. Денес, како што можеме да видиме, состојбата е мошне еднаква кога станува збор за мажите и жените во политиката.

Ана Лена Бом, претседателка на Комитетот за мали и средни претпријатија на Бизнис Европа, Шведска: Мислам дека политичарите не треба да решаваат за еднаквоста во професионалниот живот. Мислам дека пазарот треба да одлучи, и луѓето што работат таму. Исто така мислам дека жените треба повеќе да го искористат градењето мрежи.

Понекогаш самите политички партии можат да придонесат за да се зголеми бројот на жени на одлучувачки позиции. Многу е поважна нивната волја навистина да го постигнат тоа, отколку само да ги наполнат квотите.

Снежана Калеска Ванчева, пратеничка од СДСМ: Јас ќе ви кажам Индија како стигна до жени градоначалнички. Направија општествен консензус и одредија во кои градови и провинции ќе се договорат дека сите партии ќе кандидираат жени за пратенички и натпреварот да биде помеѓу жени затоа што се видело дека ако не го направат тоа никогаш нема жена да дојде или никогаш или многу ретко, многу тешко доаѓа на таква позиција.

Марија Савовска, извршна директорка на Акција Здруженска: Не гледаат долгорочно решение туку гледаат да ги подобрат статистичките податоци наместо да обезбедат реални подобрувања во секојдневието.

Кога женското учество во одлучувањето се сведува на статистика, јасно е дека општеството не се откажало од идејата за традиционалната улога на жената во домот. Во нашата скорешна политичка историја паметиме и честитки за Осми Март од политички субјекти, во кои тие, спротивно на целата логика на празникот, ја честитале улогата на жената како мајка и како столб на семејството.  Во такви услови, за една жена да може воопшто да влезе во квотата и да се занимава со политика, потребен е еден клучен фактор.

Арта Биљали Зендели, пратеничка од ДУИ: Особена подршка во мојата  професионален живот и семејениот живот ми дава мојот сопруг. Неговата подршка не изостанувала и порано и мислам дека токму тоа подршка и доверба се клучни фактори за мојот тивок но постојан напредок во кариерата.

Снежана Калеска Ванчева, пратеничка од СДСМ: Eдноставно чекав моите деца веќе да пораснат, тие веќе беа да кажам некаде на завршување на средно школо односно некаде на почеток на факултет кога јас, во договор со моето семејство решив дел од своето време да го посветам на активно вклучување во политиката затоа што почувствував дека имам што да дадам во тие години.

ДЕЛ 2: Гарантирана или условена женска самостојност

  • Во Шведска 42% од менаџерите и 36% од членовите на управните одбори се жени
  • Во Р.С. Македонија жени се 30% од менаџерите и 22% од членовите на управните одбори
  • Министерки во шведската влада – 12 од 23, во македонската – 4 од 20
  • 93 од 290 шведски општини ги водат жени-градоначалнички (32%)
  • Во македонските општини во 2009 се избрани 0 градоначалнички, 4 во 2013 и 6 во 2017 (7%)

Ана Лена Бом, претседателка на Комитетот за мали и средни претпријатија на Бизнис Европа, Шведска: Жените се поставуваат малку позаштитнички во однос на семејството и самите избираат да паузираат две години, во годините кога децата им се мали. Тогаш повеќе време посветуваат на семејниот живот. Во тој период. Но потоа се враќаат во рабтниот живот и добиваат извршни канцелариски работни места.

Сара Ветергрен, заменик-градоначалничка во Малме, Шведска: Понекогаш зборуваме тука за двојниот товар на жените, бидејќи од една страна треба да направите кариера, да бидете многу активни во вашата професија, а од друга се очекува од вас да бидете активни во домот. Значи ако видиме кој пати од стрес или од други слични состојби, ќе видиме дека тие се многу почести кај жените отколку кај мажите.

Снежана Калеска Ванчева, пратеничка од СДСМ: Тоа чувство најмногу им припаѓа на жените, веројатно е во природата, во биологијата, бидејќи ние сакаме да бидеме реализирани и како мајки, како сопруги, сакаме да одговориме професионално и да бидеме вклучени во креирањето на реалните политики кои што го движат општеството напред. Но, сакаме кога тоа го правиме, сакаме секаде да дадеме се од себе, максимално.

Ако во некоја земја има повеќе можности за жените да учествуваат во политиката, бизнисот и во јавниот живот, тоа не значи дека тие таму целосно ја загубиле улогата што ја имаат во семејството и во домот. Тоа не е улога што жените сакале целосно да ја отфрлат, туку да ја редефинираат, за да не им биде пречка во професионалниот развој.

Ана Лена Бом, претседателка на Комитетот за мали и средни претпријатија на Бизнис Европа, Шведска: Денес има многу жени на високи извршни функции во големи компании, и мислам дека имаме постигнато голем напредок на тоа поле. Сепак, се чини дека жените мораат да го забават својот напредок, затоа што често тие преземаат поголема одговорност за семејството.

Сара Ветергрен, заменик-градоначалничка во Малме, Шведска: Гласот на жените навистина се слуша, дефинитивно, но ако видите какви позиции добиваат жените, се уште има машки области и женски области. Мислам, ќе најдете и мажи во типични женски области како образование, здравство, но почесто ќе ги најдете во машките области како инфраструктура, сообраќај, а жените за потрадиционалните женски области како здравство, образование. Мислам не е до толку, ќе најдете мажи и жени на двете страни, нема остра линија, но дефинитивно има тенденција жените да бидат одговорни за, на пример и климата е женска област, за таканаречените помеки области.

Ана Лена Бом е жена со големо искуство во бизнисот во Шведска и во Европа. Сара Ветергрен има богата политичка кариера. Двете ги посведочиле големите промени низ изминатите децении што им овозможиле на жените да заземаат се посилни позиции и да споделуваат се поголем дел од одлучувачката моќ во шведското општество.

Дека тоа не дошло по цена на напуштање на семејната улога, најдобро покажуваат статистиките за раѓањето деца. И покрај силното присуство на жените во јавната сфера, стапката на наталитет во Шведска е околу 1,8, меѓу највисоките во Европа, веднаш по Франција. Кај нас, со стапка од 1,3, наталитетот е меѓу најниските на континентот, заедно со Италија и со Малта. Дали постои магична формула како тоа е постигнато? Секако дека постои. Само не е многу магична.

  • Шведска – 1,8 деца на една жена
  • Франција – 1,9
  • Северна Македонија – 1,3
  • Италија – 1,3
  • Малта – 1,2

Сара Ветергрен, заменик-градоначалничка во Малме, Шведска: Можностите што тука ги имаат жените за да градат кариери, во политиката или во друга област, доаѓаат од бесплатната грижа за децата што ја имаме во Шведска. Парите не се пречка, ако сакате да градите кариера имате задолжително и бесплатно згрижување на децата, каде што можете да ги оставите откако ќе наполнат една година, и тоа е од голема помош. Би рекла дека системот на социјална заштита, онака како што е направен во Шведска, им овозможи на жените да градат кариери. И мислам дека тоа е клучниот фактор, многу повеќе од квотите или од нешто друго.

Ана Лена Бом, претседателка на Комитетот за мали и средни претпријатија на Бизнис Европа, Шведска: Другите фактори за промена беа реформите што ги направија политичарите, на пример грижата за децата, како и породилното отсуство, кое што мора да биде поделено до одреден степен меѓу родителите, или тие можат да избираат кој родител ќе биде на отсуство и како да го поделат. Сето тоа беше од голема корист, секако.

Сите ученици во оваа скандинавска земја учат како се води бизнис и како да станат претприемачи. Тоа значи дека на сите деца, машки и женски, им се всадува идејата дека можат да постигнат нешто во животот и во професијата. Општеството не им наметнува улоги, туку самите треба да си го најдат своето место. Високо развиениот социјален систем многу помогнал во тоа, но сега се размислува за негово унапредување, за да може да им помогне и на младите жени што почнуваат свој бизнис.

Ана Лена Бом, претседателка на Комитетот за мали и средни претпријатија на Бизнис Европа, Шведска: Проблем имаат помладите жени, кога се на возраст на која основаат семејство. Тогаш тие се воздржуваат од спроведувањето на своите бизнис идеи, бидејќи нема мрежи за социјална сигрност за нив. Тие не се направени за претприемачи. Направени се за вработени. Особено кога имате нов стартап бизнис, да го земеме тоа како пример. Ако имате нов стартап, голема е веројатноста дека ќе немате плата во првите две години, или барем во првата година, бидејќи вашиот бизнис е во почетна фаза. И ако тогаш треба да одите на породилно отсуство, тогаш немате сигурни приходи за време на тоа отсуство.

Ако нема системски решенија што ќе и овозможуваат на жената повеќе време за себе и за својата кариера, таа ќе зависи од поддршката на семејството и на локалната средина. Тогаш нема рамноправност, туку ќе напредуваат само оние жени што имале среќа или се избориле да ја добијат таа поддршка. За жените да не зависат од толку субјективни фактори, потребни се мерки и политики. Токму како што се наложува во Европската повелба за фундаментални права.

Снежана Калеска Ванчева, пратеничка од СДСМ: Креирањето на реалните политики за поддршка токму на ова што го говорам за да може балансот да се направи е многу битна работа. Значи борбата за поддршка преку вистинско згрижување на децата, потоа преку флексибилното работно време, грижата за возрасните и секако да се изедначи платеноста на трудот бидејќи факт е и тоа не е само кај нас туку е во целиот свет дека жените се помалку платени за ист вложен труд, за иста позиција работна.

За сето тоа не требаат само одлуки на хартија. Треба парите на граѓаните да се вложат во остварување на вистинските цели.

Сара Ветергрен, заменик-градоначалничка во Малме, Шведска: Ако сакате да имате силен социјален систем, тогаш треба да плаќате даноци. Треба луѓето да имаат волја да ги плаќаат даноците и да придонесуваат за општеството, а тоа може да биде предизвик за многу земји. Но во Шведска иако имаме мошне високи даноци, сепак голем дел од нив се враќаат кај граѓаните како услуги, и без тој систем би било невозможно за жените да работат колку што работат денес. Значи тоа е клучно, би рекла.

Тоа е многу потешко кога во едно општество има распространета корупција и недоверба во системот, бидејќи граѓаните речиси не гледаат корист од тоа како им се трошат парите.

Сара Ветергрен, заменик-градоначалничка во Малме, Шведска: За да сакаат граѓаните да ги плаќаат даноците, треба да знаат дека нивните пари се користат на најдобар начин. Ако го немате тоа, тогаш нема да сакаат да си ги платат даноците.

ДЕЛ 3: Уште долг пат до целта

  • Дискриминацијата доаѓа во многу форми
  • Односот на општеството кон успешните жени
  • Реалните можности на жените да ги остварат своите амбиции
  • И најмногу од се, примената на сила

Арта Биљали Зендели, пратеничка од ДУИ: Жената во политика не треба да биде табу, не треба да биде тивок глас, туку треба да тежнее кон што повисоки општествени функци, бидејќи жената тоа може да го прави. Никогаш не сум го гледал родот или полот како фактор кој одлучува за успехот на една индивидуа и силно вервуам дека тоа е повеќе работа на интегритетот, на способностите, на интелектот, на волјата, но и на моментумот.

Жените се бореле стотици години за да го добијат своето место во политиката. Се уште се борат за да бидат еднакво почитувани.

Сара Ветергрен, заменик-градоначалничка во Малме, Шведска: Ретко ќе видите забелешки и коментари за тоа како мажите се облечени, колку деца имаат, дали имаат деца воопшто, но тоа е мошне вообичаено за жените, особено за оние на повисоки позиции во политиката, како министерки и слично, особено ако се млади жени и имаат новороденче или мало дте, секогаш се наоѓаат прашања и коментари за тоа дали таа навистина е способна да се носи со ова, да биде и министерка и да чува мали деца.

Жаклина Пешевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ: Стигматизацијата на жената во нашево општество е на многу повиско ниво отколку стигматизацијата кон мажите. Токму од тој момент дека нема доверба оти жените можат да бидат успешни на политичките функции , многу е полесно да сретнете напад врз жена, како тоа изгледа, каква фризура има, каква облека носи. Говорот на омраза е многу повеќе застапен према жените политичарки отколку према мажите политичари.

Снежана Калеска Ванчева, пратеничка од СДСМ: Жената во политиката е изложена на многу, многу погледи, на многу, многу критики. Жената во политиката мора да внимава буквално на секој чекор. Значи таа кога ќе се појави на јавната сцена, прво е нејзиниот изглед, како се однесува, каква и е фризурата, какви и се чевлите, па дури потоа доаѓа аха па ај да видиме дали има нешто да каже, нешто што би било прифатливо. За мажите никогаш не се дискутира.

Дури и во Шведска има примери што покажуваат дека сето ова е вистина. Пред само една година, градоначалничката на Стокхолм во интервју објаснуваше како е да се биде мајка и политичарка. Прашање што не им се поставува на мажите, дури и кога ќе добијат принова во семејството. Жените веќе покажаа дека знаат да го најдат балансот. Останува уште општеството да научи дека не треба да го поставува тоа прашање.

Лидија Трипуноска, генерален менаџер на агенцијата Марили: Она што јас го имам како искуства низ изминативе 24 години е дека тие одлинчно знаат да се организираат. Знаат да го организират своето време, да го организират времете на своите тимови но знаат да го организират и времето во семејството, бидејќи и семејството е еден тим.

Ана Лена Бом, претседателка на Комитетот за мали и средни претпријатија на Бизнис Европа, Шведска: Жените треба да научат подобро да го користат градењето мрежи. Сега гледаме некои промени, но генерално, мажите се подобри во градењето бизнис мрежи, каде што можат да си помогнат едни со други, како и мрежи од контакти што може да ги искористат во нивната професија. Жените повеќе градат социјални мрежи, што е различно. Но се чини дека ова се менува и многу жени сега се здружуваат и градат професионални бизнис мрежи како менаџерки или како сопственички набизниси, и почнуваат да ја разбираат потребата да се поддржуваат во вистинска насока во приватниот сектор.

  • Мажите градат професионални мрежи
  • Жените градат социјални мрежи
  • Овие работи полека се менуваат

Жените секаде даваат клучен придонес во развојот на општествата. Прашањето за нивните права и положба е прашање дали тој придонес им е признаен или не.

Марија Савовска, извршна директорка на Акција Здруженска: Експлатацијата на женската репродукција и недоволно вреднување на трудот на жените се манифестира како очекување од жените да произведуваат луѓе или да работат на огромен број неплатени работни часови поврзани со нега, грижа или одржувание на семејството. И тоа на ников начин не се вреднува во формалната економија.

Правата секогаш одат заедно со можностите. Тоа не значи дека кога немаме можности треба да кренеме раце од правата, како што е случај во многу средини во нашата земја.

Марија Савовска, извршна директорка на Акција Здруженска: Имате села кои освен една продавница, немаат ништо друго, ниту аптека, амбуланта, пошта.. Тие се изолирани од урбаните средини затоа што немат превоз, или превозот е скап и не можат да си го дозволат. Тоа ги ограничува жените, ги изолира во средините. Или немате елементарни основни услуги од типот на вода. Значи имаме ситуации каде жените стануваат во 4 наутро, ноќе, да полнат канти со вода зошто преку ден нема вода, или водата не е за пиење, или за користење. Како можете да очекувата од жена, еве во вакво село каде што има само една продавница, да има некаква амбиција? Или да ја оствари дури и ако ја има.

Затоа се потребни добри политики на сите нивоа, како и финансирање на родовата рамноправност во секоја област. Потребна е ефективна координација на сите механизми што што работат на еднаквоста, како и вистинско спроведување на политиките. Токму жените во политиката можат да дадат најголем придонес во исполнувањето на тие цели.

Жаклина Пешевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ: Доколку ние не се поддржуваме жена со жена и нашиот успех сами по себе не можеме да го вреднуваме, како што ви кажав, без добриот тим околу мене јас не можам сама да сум успешна. И тука мора да работиме ние жените сплотено.

И од најдобрите можеме да научиме дека никаде не е совршено. Но колку е нашето општество далеку од целта покажува тоа дека ние се уште се соочуваме со најсериозните типови проблеми, како насилството, вознемирувањето и други тешки форми на дискриминација.

Марија Савовска, извршна директорка на Акција Здруженска: Најтежок облик на дискриминација врз жените е насилство кое го гледам како алатка за дисциплинирање или контрола врз жените и која во основа предизвикува навистина драматични и психолошки, емотивни, физички, здравствени, економски, социјални и така натаму последици. И се манифестира на најразлични облици, она што е важно е дека тој вискок праг на толеранција на насилство воопшто  не се решава години наназад бидејќи она што податоците го кажуваат, тоа никако не се намалува. Не можете да очекувате било каков унапреден статус на жените доколку вие немате елементарна безбедност, ниту дома, ниту на улица, ниту на институци, ниту било каде.

За да биде проблемот уште посериозен, повремено се слушаат коментари дека самите жени се тие што се доведуваат во подредена состојба, бидејќи законите им ги даваат сите можности да се оттргнат од неа. Тука најдобро се гледа разликата меѓу давањето права и овозможувањето услови за тие права да се искористат во реалноста.

Марија Савовска, извршна директорка на Акција Здруженска: Ја дислоцираме одговорноста од оние кој имат и моќ и можности да менуваат, односно да решаваат проблеми, ја фокусираме кај жените и нивното наводно прифаќање на дискриминација.. односно да слушаме ставови како кој им е крив на жените што трпат насилство или кој им брани на жените да пристапат до некаква услуга или можност или право, и така наму.

Дали некогаш родовата еднаквост ќе престане да биде тема? Не може да се очекува такво нешто. Дури и да се постигне целосна рамноправност на сите нивоа, да се претопат женските и машките улоги и позиции, да се исклучи родот при процената на квалитетите на личноста, секогаш ќе ни остане историјата на дискриминација, како лекција што не смее да се повтори.

Коментари