ЗЕМЈА ЗА СПОРЕДБА: АВСТРИЈА
Сите знаеме по некоја работничка приказна. За лошите работни услови. Малите и нередовни плати. Ризиците по животот и здравјето. Несигурноста на работното место. Стравот од лесна заменливост што ги натерал многумина, во борбата за егзистенција, да го прифатат неприфатливото.
Излезот може да се најде само преку самоорганизирање на работната сила и преку посилен ангажман на институциите за заштита на трудот. Пристојното работно место не може да биде прашање на лотарија. Мора да биде човеково право.
Благоја Ралповски, Конфедерација на слободни синдикати: Работниците во трудо-интензивните дејности и уште некои одредени сектори работат под стрес. Значи работат во страв дека ќе го изгубат своето работно место и дека не можат да го преживеат месецот што следува и дека немаат пари за да водат судски рочишта кои што траат многу долгу и чинат многу.
Постојаните и неказнети прекршувања на работничките права го одбележаа периодот што го нарекуваме транзиција. Премин од еден систем во друг. Фактот дека тие се уште траат, не тера да зборуваме за вечна транзиција. Постојан премин со непрекинат лов во матно, во кој правилата и важат и не важат. Како кај Шредингер.
„Дали личиме на ЕУ“ е прашање што по својата важност го надминува прашањето дали и кога ќе станеме членка на ЕУ. Тоа е прашање на можности и стандарди што овозможуваат подобар живот. На ангажманот на државните институции и на општеството во градењето подобро утре. Европа не треба да ја гледаме како симбол на совршенство, туку како симбол на желбата за усовршување. На желбата секој да ги ужива своите фундаментални права.
ДЕЛ 1: Аномалии во системот или систем на аномалии
- Преговарање и колективни договори
- Достоинствени, здрави и безбедни работни услови
- Заштита од неоправдано губење на работното место
- Признаени како фундаментални права во Европската унија
Филип Нелковски, поранешен жител на Австрија: Законската рамка и во Австрија и во Македонија обезбедува еднакви услови за сите вработени. Меѓутоа, проблемот е во имплементација на законот. Тука нели постојат крупни разлики.
По седум години професионален престој во Австрија како дел од Инвест-Македонија, средби со австриски и со македонски стопанственици, работници, доселеници, Филип Нелковски извлекува едноставен заклучок. Тоа што кај нас постои формално, на само 800 километри северозападно од нас функционира во реалноста. Не е беспрекорно, има случаи на прекршувања и на дискриминација, но има и една клучна разлика.
Филип Нелковски, поранешен жител на Австрија: Луѓето се охрабуват да ги пријават тие случаи доколку ги има. И едноставно свеста на работодавачите таму е различна од свеста на работодавачите кај нас.
Свеста и перцепцијата се дежурни виновници за многу наши проблеми. Штета што не можеме да ги уапсиме и да ги казниме. Но свеста е производ на реалните услови во кои што се развива. Едно е да се зборува за инциденти со дискриминација врз работниците и со прекршување на нивните права. Сосема друго е кога тие појави стануваат основно градиво на системот. Такви не стануваат поради свеста, туку поради феноменот наречен овозможувачки околности.
Кристина Ампева, Гласен Текстилец: Вие треба да имате огромна храброст и да немате страв од законите, институците за да кажете дека еден работник сам си го напишал спогодбениот отказ. А работниците сведочат дека воопшто не ставиле никаков потпис .
Отсекогаш е јасно каде лежи најголемиот проблем со непочитувањето на работничките права. Онаму каде што заменливоста е најголема поради ниската потреба од квалификации и поради заситеноста на пазарот создадена од децениите на голема невработеност.
Благоја Ралповски, Конфедерација на слободни синдикати: Тоа се ретки гранки каде што нема заменливост на работниците, таму каде што се дефицитарни. Тоа е ИТ секторот и можам да кажам, тоа е еден од ретките сектори во кој што нема заменливост на работниците. Но во другите гранки каде што има и особено во сензитивните гранки во трудо-интензивните дејности е многу голема и честа таа појава. Тука се чевларската дејност, текстилната дејност, но може да има заменливост и во делот на јавниот сектор.
Одвреме навреме некој ќе рече, директно или индиректно – кој им е виновен што не станале Ај-Ти инженери туку шивачи, градежници, чистачи. Или ќе образложи дека не може да има повисок стандард ако квалитетот на кадарот остане низок.
Ангел Димитров, Здружение на работодавачи: Се до дека има ваква структура, со ниска технологија, со ниска додадена вредност, не можеме да направиме голем исчекор во пораст на платитите и стандардот на луѓето. Затоа што една софистицирана машина која вреди милион евра може да замени 100 роботника и нормално да ја управуваат само еден или двајца луѓе. Додека, ако немате пар, милион евра да купите таква машина и купите 100 машини по 1000 евра, нормално дека ќе има ниска продуктивност, ниски плати и низок стандард на граѓаните .
Она што често се заборава е дека додека машините не станат подостапни и не ги заменат луѓето целосно, некој ќе мора да ги извршува и овие професии. Не само за луѓето да имаат вработување, туку затоа што нивните услуги ни се потребни на сите нас.
Мартина Шнелер, синдикат Про-Ге, Австрија: За време на пандемијата се покажа дека оние индустрии како текстилната, градежната, прехранбената и земјоделската се ниско платени гранки во Австрија. Но овие работници се важни за системот и за време на пандемијата токму тие го одржуваа системот во движење. Но, ситуацијата е таква што има висока побарувачка за работници во овој сектор, ама платите се ниски и работните услови понекогаш се прекарни, па овие работници иако не се заменливи сепак се под притисок.
ДЕЛ 2: Формула за маѓепсаниот круг
- Над 70 отсто и од вработените и од невработените се со средно или со пониско образование
- Со години, над 70 отсто изнесува и долгорочната невработеност
- Од 150 илјади невработени, многумина би прифатиле работа под какви било услови
- Тоа никогаш не е добро за исполнувањето на работничките права
Благоја Ралповски, Конфедерација на слободни синдикати: Кога е помала невработеноста тогаш берзата на трудот е постабилна, тогаш поретко се наоѓат квалификувани работници. Но очигледно, еве, немаме среќа ни како држава ни како работници, во овој период да го надминеме тој момемент и да дојдеме до една стапка на невработеност под 10% каде што само по себе би требало да исчезне таа заменливост за работниците во државата.
Пазарната логика отсекогаш била едноставна. Работните места се посигурни кога нема доволно слободни работници на пазарот на трудот. Историската логика, пак, кажува нешто сосема друго. Четириесетчасовната работна недела, осигурувањето, зголемувањето на безбедноста, заштитата од неоправдано отпуштање – сите тие биле изборени со самоорганизирање и со отпор, а потоа заштитени со закони.
По правило, надмоќта на пазарот на трудот секогаш била на страната на сопствениците на бизниси. За да се заштити егзистенцијата и достоинството на работниците, воведен е концептот на работнички права. Тие се регулираат со закони и со правила, како и со колективни договори, а се заштитуваат со институции. Нашите институции тврдат дека законите штитат од лесната заменливост на работниот кадар и не дискриминираат, без разлика дали станува збор за повисоко или пониско квалификуван кадар.
Оливера Лазаревска, Државен инспекторат за труд: Исти се условите во законот. Работодавачот може да го откаже договорот за вработување само на начин и под услови утврдени со закон и колективен договор и само во случај на основана причина за отказот. Отказот на работникот кој директно или индиректно ќе го стави во положба да биде исто дискриминиран, е ништовен.
Доаѓаме до уште една ситуација во која сите делови се поставени како што треба, но не функционираат. И повторно се обидуваме да утврдиме дали е постара кокошката или јајцето.
Ангел Димитров, Здружение на работодавачи: За жал, на ниво на компании се уште имаме малку колективни договори, значи дека не постои дијалог или воопшто не постојат организирани синдикални организации, за да може работодавачот и таа синдикална организација заедно да седнат и да разговарат. Проблем е и тоа колку се почитуваат тие како партнери меѓу себе, колку има разбирање за туѓите пробеми и колку се спремни да прават компромиси. Тоа резултура со тоа што имаме малку колективни договори во Македонија.
Благоја Ралповски, Конфедерација на слободни синдикати: Лесното уценување на работниците, лесното заплашување на работниците и лесното кршење на работничките права води кон тоа работниците да не можат да се организират во синдикати. Едноставно им е страв да се организират затоа што сите ние имаме семејства и ако тоа е основен извор на егзистенција на тие сиромашни работници кои што имат трошоци па имаат и кредити и не можат да навлезат во прана битка што чини и можат да влезат во големи проблеми.
Има ли формула за излез од маѓепсаниот круг? Секогаш има. Само треба да погледнеме наоколу и да видиме што прават другите, кои што не се во тој круг.
Мартина Шнелер: Во Австрија имаме специфична ситуација бидејќи сите работодавачи од еден сектор, без разлика колку вработени имаат или колку се големи, треба да бидат членови на Асоцијацијата на работодавачите. Како резултат на тоа, секој работодавач мора да примени колективен договор. Значи ако во одреден сектор има постигнат колективен договор, сите работодавачи мора да го применат. Затоа стапката на покриеност во Австрија со колективни договори е многу висока. Повеќе од 98 проценти од сите вработени се покриени со колективни договори.
Синдикатот Про-Ге е еден од најголемите во Австрија, со 235 илјади членови и ги покрива индустриите за хемиски производи, хартија, стакло, масло, земјоделски производи, привремена работа, текстил, рударство, електрика и електроника, нафта и гас, енергија, луксузни стоки, кожа, метал, исхрана и други. Како постигнале 98 отсто покриеност? Склучуваат по 140 договори годишно и активно го следат почитувањето. Социјалниот дијалог е силен и државата ретко кога има потреба да интервенира. Но секогаш е подготвена ако треба да се вклучи.
Мартина Шнелер: За време на пандемијата социјалните партнери – работодавачите, синдикатите и владините претставници, властите, испреговараа краткорочни работни шеми. Ова беше многу важно за време на кризата, за да се избегне поголема невработеност.
ДЕЛ 3: Штета за сите
- Има добри причини зошто проблемот со работничките права не е индивидуален
- Проблемите со текстилната индустрија не се само на текстилните работници
- Проблемите со градежната индустрија не се само на градежните работници
- Проблемите со администрацијата не се само на чиновниците
- Ако едни прифатат непочитување на правата, се поставува стандард што ќе важи за сите други
Освен што имаат големи и силни синдикати, во Австрија имаат и здруженија што ги штитат правата на сезонските работници што доаѓаат да работат од Балканот или од Источна Европа.
Мартина Шнелер: Мигрантските работници се под поголем притисок и понекогаш се чувствуваат беспомошни бидејќи не знаат дека можат да добијат поддршка од австриските национални организации.
Замислете – одите далеку од дома за да берете плодови, да работите на градилиште или да помогнете во туристичката сезона, и може да ве пречекаат луѓето како Кордула Фоч од организацијата Сезионери. Ќе ве подучат какви права имате, што смее и што не смее да бара од вас работодавачот.
Кордула Фоч, здружение Сезионери: Еден важен дел е да ги информираме луѓето за нивните права. Па одиме во полињата, одиме во стаклениците и дистрибуираме материјали на различните јазици што ги зборат луѓето. Имаме информативни материјали за нивните права, како основни работи, но само за да ги запознаеме, а исто така имаат и контакт таму за да се јават ако се во неволја, на нивниот мајчин јазик.
Не го прават тоа само од добротворни причини. Со помагањето на незаштитените работници од надвор, тие ги штитат и интересите на австриското општество и на австриската работничка класа.
Кордула Фоч, здружение Сезионери: Да се направи нешто против надолната спирала на негативна конкуренција меѓу работниците, бидејќи знам дека секогаш има работници што би работеле под полоши услови, со што е потешко да се држи стандардот високо, генерално.
Ова не е појава што ги засега само сезонските работници. Една од многуте категории македонски иселеници во Австрија се квалификуваните луѓе што заминале за подобри можности во иднина, по цена на полоши услови денес. Тоа може да донесе штета и на двете држави, оценува Ѓорѓи Филипов, долгогодишен македонски дипломат во повеќе европски земји, денес стопанственик во Виена.
Ѓорѓи Филипов, поранешен амбасадор во Австрија: Се образовале во Македонија, за нив е вложено наши средства таму да се образоваат, почнале да работат, ги стекнале првите искуства и доаѓаат овде веќе како со соодветно искуство и почнуваат одма да работат, за малку пониска плата отколку што би ја примале да биле овде завршени, да биле Австријци, се уште не го познаваат јазикот, најчесто зборуваат англиски, и тој период на адаптирање трае од три би рекол до пет години.
Се чини дека формулата е едноставна. За висока реализација на работничките права се потребни работници што си ги знаат правата, организации способни да се борат за нивното остварување и институции подготвени да ги заштитат. Сето тоа заедно, бидејќи одвоено елементите не можат да ја дадат истата вредност. Еден елемент имаме – свест кај работниците.
Австриските искуства не учат дека состојбата со работничките права не може да стои во место. Ако нема силни ангажмани за тие да се подобруваат, се активира надолната спирала во која постојано има работници што би прифатиле полоши и полоши услови, работодавачите би биле среќни со тоа, а властите би го игнорирале проблемот. Всушност тоа го имавме научено и самите, од сопствените искуства.
Кристина Ампева, Гласен Текстилец: Од самостојуванието од нашата држава до ден денес сметам дека синдикатите и институците, властите целосно потфрлија во заштита на работничките права, подобрувание на работните места, зголемувание на платите. Имавте 30 години дискриминирана група на работници и на граѓани. Тоа ви кажува дека историски гледано , работите се влошувале на место да се подобруват
Заменливоста на работниците, посебно на пониско квалификуваните работни места, е клучен овозможувачки фактор за нарушување на човековите права. Но додека сите трпеливо чекаме решение овој проблем од државните институции, синдикатите и од другите чинители, се чини дека тој почна сам да се решава, на најнеповолниот можен начин.
Како успеа и кадарот со пониски квалификации да стане дефицитарен најдобро покажува примерот со текстилната индустрија. Без квалитетен развој, и со сите аномалии што се појавија во неа, оваа гранка стана неатрактивна за помладата генерација. Според податоците на Гласен Текстилец, во неа работат претежно жени од над 45 години.
Кристина Ампева, Гласен Текстилец: Имате младо работоспособно население во овој сектор во Штип, меѓутоа колку поисточно одите толку старноста граница се зголемува. Така што, со кого ќе го заменат кадарот?
Решивме 30 години да не мрднеме од лон произвоство да производуваме за земијте од Европа, Америка… не се обидовме парите што ги баравме од државата да ги примениме во нешто што ќе донесе многу работни места, поголема продуктивност со тоа што се би се зголемиле платите, поглема работливост на младите. Ние моментално од источниот регион каде што е најзастапена текстилната индустрија, ние ги губиме младите. Младите не ја гледаат индината на овој сектор, ниту пак во источниот регион.
Каде младите ја гледаат иднината покажуваат бројките, вели амасадорот Филипов. Според податоците што почнал да ги собира уште како амбасадор во Австрија, за десетина години бројот на македонски државјани што живеат и работат во оваа европска земја се зголемил од 16 илјади на 27 илјади.
Ѓорѓи Филипов, поранешен амбасадор во Австрија: Што е навистина многу за една мала држава како што сме ние. Колку ли се во Германија, колку ли се во Италија, колку се во Америка, Канада, Австралија, иако е помалку, попопуларно сега е да се доаѓа во Германија, Италија, Австрија, Велика Британија.
Иселувањето е логичен чекор кога условите за работа и за егзистенција дома не се доволно добри. Можеби во одреден момент тоа ќе ги принуди работодавачите да понудат подобри услови за да ги задржат барем оние работници што останале во земјата. Но нема никаква извесност дека тоа ќе се случи. Напротив, има фактори што може да влијаат во спротивна насока. Иселувањето значи помалку работоспособно население, но и помалку потрошувачи во една земја, а со тоа и помала економска активност и осиромашување. Така, проблемот што почнал во една производствена хала, со една задоцнета плата, со еден неоправдан отказ, го заврте кругот и се враќа да го погоди целото општество.