ЗЕМЈИ НА СПОРЕДБА: ШВЕДСКА И КИПАР
Тие се дедо и внукa, соочени со различни грижи. И за себе, и за другиот. Грижи за сегашноста и за иднината. Можеби ги раздвојуваат годините, но ги спојува неизвесноста на утрешниот ден.
Бисера Поповски, студентка:Овие проблеми што ги имаме како генерација јас не очекувам дека ќе се решат во наредните неколку години, дури и понатаму.. И затоа иднината ја гледам надвор од Македонија.
Наум Јолески, пензионер: За нас старите при крај е иднината ама за младите е тешко за вработуање бидејќи затворени се многу фабрики.
Различните генерации се поврзани во единствен економско-социјален систем. Одржлива грижа за постарите многу потешко ќе се обезбеди ако не се најде начин да се задржат младите. И ако тие самите не се вклучат поактивно во барањето решенија за своите проблеми.
Една земја и едно општество се гради и се унапредува постојано. На оние што го граделе долги години досега треба да им се олесни товарот, а на нивното место треба да се вклучат нови луѓе во изградбата. Звучи многу лесно и природно. Илјадници години на овој начин се развивала човековата цивилизација. Но не е секогаш така. Затоа се потребни добро осмислени политики за генерациските предизвици.
„Дали личиме на ЕУ“ е прашање што по својата важност го надминува прашањето дали и кога ќе станеме членка на ЕУ. Тоа е прашање на можности и стандарди што овозможуваат подобар живот. На ангажманот на државните институции и на општеството во градењето подобро утре. Европа не треба да ја гледаме како симбол на совршенство, туку како симбол на желбата за усовршување. На желбата секој да ги ужива своите фундаментални права. „Дали личиме на ЕУ“ значи дали го заслужуваме епитетот „европски“, кога зборуваме за правата на човекот и на граѓанинот.
ДЕЛ 1: Поддршка, избор и достоинство
- Унијата го признава правото на постарите да живеат независно и достоинствено и да учествуваат во општествениот и во културниот живот
- Европска повелба за фундаментални права, член 25
- Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители
*Устав на РСМ, член 40
Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите: Во РСМ има 324.000 пензионери, 280.000 се членови во сојузот. Тоа е една голема целна група на која не треба да се гледа како статистичка бројка, туку да се бара решение. Им недостатсува подобра материјална и социјална сигурност, подобри услови во доменот на здравственото осигурување, промена на односот кон зголемување на грижата кон возрасната популација од страна на општините бидејќи еден дел од нив мисли дека здруженијата треба на нив да им помагаат, а не обратно.
Во минатото, сите генерациски проблеми се решавале во традиционалното семејство. Различни генерации живееле под ист покрив и се грижеле едни за други, од најмалите до најстарите. Индустријализацијата, модернизацијата на општеството и другите фактори, како преселбите, придонесоа за многу голем број семејства таквиот живот веќе да не биде возможен. Но, потребите од меѓусебна грижа останаа. За да се постигне тоа во овој динамичен, брз и променлив свет, неопходно е во грижата да се вклучи и системот, институциите.
Јорде Јаќимовски, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања: Би требало да се подобри социјалниот живот на самото население, кога велам социјалниот живот мислам за подобрување на образовниот процес, на здравствената заштита и на инфраструктурата во местото во кое живееме. Значи, треба да се приближи сејмејството и работата во локалната заедница, во таа смисла што треба секој да има пристап до образование, здравствена заштита, квалитетен живот.
Истражувања поддржани од Европската унија покажале дека проблемот со осаменоста на старите лица и со психосоцијалните последици од неа сега е поголем во Источна и во Јужна Европа, отколку во Западна Европа. Причината за тоа е што овие земји се економски послаби и нивните институции потешко ја надоместуваат сигурноста и грижата што порано ја обезбедувало традиционалното семејство, а која сега е неостварлива поради работните обврски или иселувањето на помладите. Ова е проблем што се манифестира и кај нас, на разни начини.
Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите: Зарем не е јасно дека возрасните лица бараат промена на односот, да биде попријатен, поблизок, поприсен меѓу младите и постарите бидејќи едно „ало“ со еден сам пензионер многу значи. Тука, за сето тоа се поставува прашањето дали пензионерот треба да чека пред банките, дали треба да чека во големите редици по амбуланти, дали треба да чека за место во автобус..
Своевремено напуштањето на старите лица се случуваше како последица на миграцијата село-град. Но последиците не беа толку драматични затоа што помладите генерации сепак беа географски блиску до нивните родители, со повеќе можности редовно да ги посетуваат и да ги одржуваат контактите со нив. Сега, кога таа миграција подразбира оддалечување од родителите од најмалку 1000 километри, или преселба во прекуокеански држави, напуштеноста станува поочигледна. Затоа улогата на институциите станува се поважна. За успешно да ја остварат, треба да ги подобрат своите капацитети.
Зоран Блажевски, советник во Министерството за труд и социјална политика: Во однос на сместувачки капацитети ние сме многу зад европските стандарди. Значи покриеноста на сместувачките капацитети во однос на старото население треба да биде од три до пет отсто значи да има обезбедено покриеност со легла. Што не е случај во нашата држава. Во нашава држава имаме негде 0,6 проценти обезбедени со институционално згрижување. Од институции постојат само четири установи кои се негде околу 430 легла и еден дневен центар во населба Чашка.
- Европски просек – 3-5%
- Покриеност дома – 0,6%
- 4 институции
- 430 легла
- 1 дневен центар
За десет години, колку што се спроведуваше стратегијата за заштита на старите лица, се отвори еден нов дом во Берово со 30 легла, но и 34 приватни установи за згрижување, бидејќи државата даваше поддршка на таквите иницијативи. И бројот на дневни центри се зголеми од еден на единаесет.
Европската унија се занимава со генерациските политики најмалку 40 години. Уште во 1980-тите станало јасно дека поради подобрените животни услови луѓето ќе имаат поголем животен век, и ќе треба да се најде решение за нивните економски, социјални, здравствени и други потреби. Денес околу една петтина од жителите на ЕУ се на возраст над 60 години.
Нема единствени политики за тоа како треба да се постигне достоинствениот живот на повозрасните или добрите услови за напредок и професионално остварување на младите. Плановите и документите на Европската унија предвидуваат да се работи во овие насоки, но државите-членки се задолжени да го најдат најдобриот начин како да ги обезбедат овие права на генерациите. Шведска често се споменува како една од оние што најуспешно ги води овие политики.
Гизела Грин, директорка за грижа на стари лица во градот Малме, Шведска: Многу е важно да работиме според индивидуалните интереси и потреби. Властите се водат според потребите на секој поединец и се грижиме да му излеземе во пресрет за се што му е потребно.
Во Малме околу седум илјади стари лица живеат сами во своите домови и добиваат редовна поддршка. Луѓето од институциите ги посетуваат и им помагаат со чистењето, перењето алишта, купувањето и со другите домашни обврски. Така редовно се одржува контакт со нив и ако некој има потреба од поголема грижа, му се помага на поинакви начини.
Гизела Грин, директорка за грижа на стари лица во градот Малме, Шведска: Не мора да бидете сместени во институција за да ја добиете грижата и негата што ви е потребна. Може да се каже дека на ваков начин им помагаме на околу десет илјади луѓе секојдневно, обезбедуваме помош на осум илјади лица во нивните домови и на околу две илјади што живеат во посебни домови во градот Малме.
Ниту е возможно, ниту е потребно сите стари лица да живеат во установи и под надзор. Домашната поддршка се покажала како успешна во многу земји. И нашите институции се свесни дека овој модел дава подобри резултати, опфаќа повеќе луѓе, а троши помалку ресурси.
Зоран Блажевски, советник во Министерството за труд и социјална политика: Треба фокус да се дава на алтернативни форми, на пример како дневен престој, центар за давање помош во домашни услови, што повеќе би бил карактеристичен центарот за рурални општини од развиен тип, на пример. Тоа се мобилни тимови што ќе излезат во пресрет на некое старо семејство во ризик, со цел да му пружи елементарни услуги во вид на набавка на лекови, набавка на храна, перење, пеглање.
ДЕЛ 2: Образование и можности или билет
- Европската повелба ги штити младите од дискриминација на работното место
- Но младинската невработеност е голема
- Европскиот просек е 17%, а во некои земји, како и во нашата достигнува 40%
- На младите често им останува изборот да прифатат неповолни услови
- Или да бараат заштита од дискриминацијата на друго место
Бисера Поповски, студентка: Главните проблеми на нашата генерација е тоа што немаме многу просперитет како млади луѓе во области на науката, уметноста итн, не ни се нудат многу опции.
Бојан Петровски, претседател на Националниот младински совет: Целиот квалитет на живот мислам дека треба да се стави во прашање тука. Финансиите се само еден дел од некоја материјална работа која што го подобрува квалитет на животот, но се она што е како граѓанско движење, како активизам, слобода на гово,р мислам дека тоа треба да се семе предвид за да добиеме една комплетна слика зошто младите си одат и да почнеме да работиме на таа тема.
Политиките што ќе ги направат младите активен и продуктивен чинител во општеството ќе донесат економски раст. Тоа ќе помогне да се водат поквалитетни и посеопфатни политики за се друго во општеството, вклучително и за заштита на правото на достоинствен живот на постарите. Но за младите да донесат позитивни промени, треба да почувствуваат и позитивни резултати од нивната работа и залагање.
Тука доаѓаме до клучниот проблем – иселувањето. Со големите можности и со големата побарувачка на млада и квалификувана работна сила, станува се потешко за државите што се поназад во економскиот развој да ја задржат генерацијата што треба да продолжи да го гради општеството. Примамливата понуда да го добијат денес во некоја друга држава тоа што во својата земја би требало да го градат за во иднина да го имаат, тешко се одбива.
Наумче Мојсоски, директор на Агенцијата за млади и спорт: Еден од најголемите проблеми сега е иселувањето на младите, кој за жал не е само кај нас во нашата држава туку и на глобално, пошироко ниво.
Бојан Петровски, претседател на Националниот младински совет: Има многу млади луѓе што имаат сериозна добра финансиска поддршка и добри плати, но не е заради тоа. Треба да се земе предвид се она што се вика живот и целиот живот, целиот систем што треба да работи за одржување на еден нормален живот. Зборуваме за квалитет на живот, квалитет на живот не е само финансии, туку и чиста животна средина, чист воздух за дишење, почитување на основните човекови права, демократски права. Има многу млади луѓе што имат заминато и поради дискриминација.
Квалитетен живот:
- Финансии
- Здрава животна средина
- Чист воздух
- Основни човекови права
- Демократски права
- Заштита од дискриминација
Од многуте проблеми со кои што се соочуваат младите лица во земјава, посебно се истакнува еден – образованието. Од него тргнуваат сите други, како квалификациите и можностите да се дојде до задоволително вработување.
Бојан Петровски, претседател на Националниот младински совет: Ако ние сме во таква држава од која ја гледаме нашата иднина во развиените земији, тогаш мора да почнеме од образованието. Таму ги гледаме проблемите, сметаме дека тука треба многу да се работи. Треба да работиме во континуитет на кадри во образованието. Многу често сме сведоци дека поради политички околности се менуват и разни раководни структури. Така што тоа на крај доаѓаме во една ситуација каде што нема континуитет на работењето на дел од институциите.
Ако државата не се ангажира доволно, на младите им останува да се самоорганизираат. Кипар е една од земјите на Европската унија каде што младинското движење е мошне активно и влијае врз политиките за подобрување на животот на младиот човек. Фокусот, слично како и тука, е на работата и на образованието.
Кристина Јанапи, проектен офицер на Младинскиот совет на Кипар: Младите луѓе, за среќа, имаат можности да ги остваруваат своите цели во кариерата, да најдат работно место, но треба да ги држиме очите отворени кога ќе се појават таквите можности, и исто така треба да има поголема поддршка од Владата во борбата против невработеноста кај младите, за да го намалиме процентот, да го намалиме бројот на млади луѓе што се невработени и што немаат пристап до можности за вработување.
Методите што ги користи кипарското младинско движење се специјализирани групи за различни проблеми. Особено за оние што најмногу ја засегаат младата популација.
Кристина Јанапи, проектен офицер на Младинскиот совет на Кипар: Очекуваме наскоро да имаме две новоформирани работни групи, едната за признавање на младинската работа во Кипар, а другата, која е постара, или поточно поназад, е работната група за признавање на неформалното образование.
ДЕЛ 3: Кројачи на својата судбина
- „Ништо за нас без нас“ е слоган стар над 500 години
- Првпат се употребил во полските уставни реформи во 1505 година
- До денес тој е докажано најдобриот начин за секоја општествена група да си ги оствари своите права и интереси
- Вклучително и генерациските групи
Комуникацијата во одлучувањето е еден од клучните елементи што ја унапредил грижата за возрасните лица во Шведска. Никој таму не носи одлуки што им треба на нив, туку тие самите кажуваат.
Гизела Грин, директорка за грижа на стари лица во градот Малме, Шведска: Можеме да видиме дека луѓето на кои што им треба посебно сместување или посебна грижа не контактираат и ги добиваат помошта и поддршката што им треба. Не гледам некои посебни проблеми или предизвици во ова.
Секој ден, Гизела Грин ги надгледува сите операции поврзани со заштитата на старите лица во градот Малме. Под нејзина надлежност е развиен систем со разновидна помош, од згрижување до помагање во сопствените домови. Во Шведска грижата за постарите е обврска на локално ниво, што е предност бидејќи помошта така е подиректна и комуникацијата е понепосредна. Општините што не можат да постигнат, можат да побараат државна помош. Но така би признале дека се неуспешни, па секогаш го даваат најдоброто што можат. Малме нема проблеми со успешноста, поради една едноставна причина.
Шведски модел
- Постојан дијалог
- Грижа на локално ниво
- Државна помош ако е потребна
Гизела Грин, директорка за грижа на стари лица во градот Малме, Шведска: Но големо мнозинство од населението на Малме е многу младо. Просечната возраст во Малме е околу 35 години.
Овој податок го покажува клучниот ресурс за успешноста на овие програми – младите. Не само што не се спротивставени интересите на двете генерации, туку најдобро ќе се заштити едната генерација ако се поддржи другата.
Јорде Јаќимовски, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања: Во понатамошните политики кои треба да бидат креирани во ниво на држава би требало да се синхронизираат и правата на младите и правата на возрасните лица. Значи не треба да се двојат и треба да има меѓусебна поддршка меѓу младите и возрасните, солидарна подршка внатре во генерацијата, но и меѓугенерациска подршка кај самото население.
Креирањето на тие политики е невозможно без да се вклучат оние на кои што им се наменети. Генерациите докажале дека знаат да се организираат и знаат што им е потребно. Велат дека можат да се снајдат без политичарите, полесно отколку што политичарите би се снашле без нив.
Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите: Доколку властите не игнорират или не не повикуват на дијалог, а се работи за важни прашња за пензионерите, ние тогаш дејствуваме на свој начин. Пензионерите знаат и сами да се организираат. За илустрација, пензионерите години наназад формирале солидарен фонд со тоа што се договориле да извојуваат дел од својата пензија и кога ќе почине пензионерот, тој, за да ги заштити најблиските, на семејството му се исплаќа одредена сума на средства. Ние воспоставивме слободна линија, на која два пати во неделата пензионерите може да се јавуват на број каде што добиват одговори од стручни и компетентни лица.
Самопомошта и самоорганизирањето се добри, но не можат целосно да ја надоместат институционалната грижа. Можат само да ја дополнат, преку дијалогот.
Гизела Грин, директорка за грижа на стари лица во градот Малме, Шведска: Шведска е голем поборник на демократијата и на слушањето на граѓаните, без разлика на нивната возраст. Во Шведска и во Малме имаме силен дијалог со постарите. На тој начин слушаме кои им се интересите и кои активности се можни, но се обидуваме и заедно да развиеме можности и активности за постарите.
Поради својата природа, креирањето на младинските политики е многу посложен процес. Причината е што тука се потребни одлуки не само за сегашноста, туку и за блиската и за далечната иднина. Затоа и младинското движење мора да биде поразновидно и поразгрането.
Бојан Петровски, претседател на Националниот младински совет: Кога ќе се соединиме сите заедно во мисијата и визијата на советот, работиме за едно подобро општество, сите во различни сфери. Дел работат во сферата на образование, дел во животна средина, сите оние различни сфери што се интересни, што влијаат врз животот на граѓаните, посебно на младиот човек. Друга важна работа е што целосно учествуваме во процесите на креирање на младински политики, на локално и национално ниво. Се обидуваме да работиме на терен и да делуваме целосно во рамки на законските регулативи за подобрување на статусот на младиот човек.
И нашите институции знаат дека најдобро се водат младинските политики со младите на чело. За да се случи тоа, треба поголема доверба во генерацијата.
Наумче Мојсоски, директор на Агенцијата за млади и спорт: Треба повеќе да ги оставаме младите сами да созреваат, мислат и сами да донесуваат одлуки на млади години. Кај нас, уште сме, нели да кажам, ограничени во тој дел. Во смисла, чекај млад си, што мисли мама, што мисли тато, родителите и тоа е еден, да кажам, оној балкански менталитет. Треба младите да се посамостојни, сум живеел во Шпанија, Скандинавија, секаде сум живеел и веќе многу порано тие ги осамостојуваат децата за да си го трасираат својот пат. Што помалку ние им се мешаме за својот избор, кога веќе нели почнуваат да созреваат, подобро ќе биде за нашето општество, поефектни ќе бидат младите и треба повеќе да се користат.
Кога младинското учество во креирањето политики се сведува на учество на младите во политичките партии, се појавува еден проблем. Подмладоците на партиите растат, но мотивите за приклучувањето на младите кон нив често се надвор од сферата на политичкото дејствување, и се поврзуваат со лични интереси и со егзистенцијални прашања. Се појавува ризик дека партизацијата всушност го пасивизира младинското движење. Додека во малото македонско општество партиските подмладоци бројат десетици илјади членови и ги прославуваат своите манифестации во големи спортски сали, во Шведска им е се потешко да ги убедат младите да влезат во партиите.
Сара Ветергрен, заменик-градоначалничка во Малме: За жал, нешто што е вообичаено во многу земји, гледаме намалување на интересот на младите луѓе да се вклучат во политиката. Мислам дека младите денес повеќе сакаат да се вклучат во активизам отколку во политика, мислат дека политиката е здодевна и бараат други предизвици, отколку само да се приклучат на политичка партија.
Ова е генерациски предизвик во шведската политика. Примерот што го постави средношколката Грета Турнберг им покажа на младите дека можат да влезат во политиката на поинаков начин, преку активизмот, и да бараат конкретни решенија сега и веднаш, да прават нешто опипливо, наместо да седат во партиите и да го чекаат својот ред зад постарите.
Сара Ветергрен, заменик-градоначалничка во Малме: За младите луѓе што се вклучуваат во политичките партии, многу е важно ние, постарата генерација, да ги поддржиме и да им покажеме дека направиле виостински избор, дека не треба да се сомневаат во себе и дека треба да градат кариера во политиката.
На Медитеранот, пак, работите се прават поинаку. Таму младите прават свои политички организации и бараат да бидат слушнати.
Антонис Курас, претседател на Младинскиот совет на Кипар: Постои младински парламент на Кипар, како и младински дипломатски совет. Преку нив младите луѓе седнуваат на маса со политичките лидери и се борат за политики што ќе им овозможат подобра иднина во земјата. Дијалогот е успешно воспоставен, а следниот чекор е да се постигнат ефектите од него.
Кристина Јанапи, проектен офицер на Младинскиот совет на Кипар: Луѓето не прашуваат, дури и младите луѓе не прашуваат, колку сме успешни, колку успешно интересите на младите луѓе се претставени во процесот на донесување одлуки. Искрено, одговорот лежи некаде помеѓу „да“ и „не“, бидејќи иако младите даваат се од себе, и учествуваат, и предлагаат, и креираат политики, а ние потоа ги застапуваме тие политики, владата, мислам владата на Кипар, треба посилно да ги вклучи потребите и идеите на младите луѓе во одлучувањето.
Кристина Јанапи, проектен офицер на Младинскиот совет на Кипар: Секако, имаме и успешни приказни. На пример го имаме проектот за Младински парламент, кој го намалува јазот меѓу носителите на одлуки и младите луѓе и ги става на маса идеите на младите при носењето одлуки.
Генерациските политики се најважни за опстанокот и за напредокот на државата. Лекцијата што мора да ја научиме е дека тие политики треба да се водат сеопфатно и да се засноваат на дијалог со засегнатите. Уште поважно – тие мора да бидат усогласени за доброто на сите генерации. Бидејќи достоинствениот живот на постарите и успешноста на програмите за нивна поддршка може да се гарантираат само ако младите останат во земјата, добијат квалитетно образование и се вложат себеси во нејзиниот развој. Кога ќе се обезбеди тоа, за остатокот ќе се погрижат институциите.