Водич низ СКОПЈЕ

ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: ЕДНАКВОСТ И ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА СИТЕ

ЗЕМЈИ НА СПОРЕДБА: ФРАНЦИЈА И ХОЛАНДИЈА

Колку пати и да е кажано – треба да се повтори. Тие не се никакво тајно друштво што работи на глобален заговор. Не се чудни или неприродни. Тие се само обични луѓе што сакаат нормален и сигурен живот и што се мачат со истите проблеми како и остатокот од општеството.

Беким Асани, претседател на ЛГБТ Јунајтед, Тетово: Со почетокот на пандемијата со коронавирусот, многу припадници на ЛГБТ заедницата, како и на целото население, ги загубија работните места. Има луѓе што одвај преживуваат и се борат за парче леб. Тоа е многу голем проблем. Од почетокот на кризата обезбедивме шест тони храна за нивна поддршка од нашите донатори и пријатели во десетици градови во Македонија.

Луѓето од ЛГБТ популацијата се едни од најдискриминираните во нашето општество. Дури и луѓе што силно шират омраза меѓусебно поради различната етничка, верска или друга припадност, се обединуваат во нетрпението кон сексуалните малцинства. Тие се сечија мета, сечија цел и сечиј изговор за омраза.

Сега е незаконски и кај нас некој да биде дискриминиран врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет. Колку овој закон ќе придонесе да биде намалена дискриминацијата најмногу ќе зависи од тоа колкава поддршка ќе добие заедницата од државата и од општеството за тој да биде спроведен.

„Дали личиме на ЕУ“ е прашање што по својата важност го надминува прашањето дали и кога ќе станеме членка на ЕУ. Тоа е прашање на можности и стандарди што овозможуваат подобар живот. На ангажманот на државните институции и на општеството во градењето подобро утре. Европа не треба да ја гледаме како симбол на совршенство, туку како симбол на желбата за усовршување. На желбата секој да ги ужива своите фундаментални права. „Дали личиме на ЕУ“ значи дали го заслужуваме епитетот „европски“, кога зборуваме за правата на човекот и на граѓанинот.

ДЕЛ 1: Вистини, заблуди и предрасуди

  • Три четвртини од ЛГБТ лицата сметаат дека се дискриминирани поради сексуалната ориентација
  • Тоа е почеста основа за дискриминација од која било друга во остварувањето на човековите права
  • Нееднаков третман, отфрлање, вознемирување и силеџиство се најчестите проблеми
  • Се среќаваат на работното место, во образованието, правосудството, спортот и на други места

*Резултати од истражување на Институтот за човекови права и ЕСЕ

Антонио Михајлов, извршен директор на Субверзивен фронт: Голем проблем на самата заедница претставува скриеноста или криењето на тајната што ја чуват самите луѓе со себе, и криењето на својот сексуален идентитет во  семејството, на работното место, во училишните средини е проблем со кој ЛГБТ луѓе се сооучуват секојдневно.

Често се слуша прашањето – што толку сакаат ЛГБТ луѓето? Што им е скратено? Какви права немаат? Зошто треба да бидат третирани посебно? Тие секогаш и секаде го имаат истиот одговор.

Арон Лефевр, директор за човекови права на „Копенхаген 2021“: Ние не сакаме да не третираат различно, сакаме да не третираат исто како и нашите стрејт сограѓани во нашата земја, што е од корист за целата земја

Тогаш следуваат уште повеќе прашања. Што ги спречува да живеат како обични луѓе? Зошто мора да ја истакнуваат сексуалноста? Ние ја истакнуваме ли? Кого го интересира што прават во креветот? Тука доаѓа до израз главното недоразбирање од кое извираат голем број предрасуди – јавното изразување на сексуалноста. Не, тоа не значи да се има секс на јавно место. Сексуалниот чин е интимна работа и припаѓа во креветот, или на друго место далеку од јавните очи. Но сексуалната ориентација е јавна и отсекогаш била. Барем за луѓето што имаат партнери од различен пол. Тие слободно кажуваат дека се во врска, дека ја прекинале врската, се појавуваат со партнерите во јавност, прават свадби и многу друго. На сите им даваат до знаење каква е нивната сексуална ориентација.

Беким Асани, претседател на ЛГБТ Јунајтед, Тетово: Верувам дека еден ден општеството ќе разбере дека ние сме тука, сме постоеле отсекогаш и не сме дошле од надвор. Никој не не донел тука за да бидеме ЛГБТИ, туку ние сме дел од секое семејство, секое општество и секоја култура.

Така ЛГБТ луѓето сакаат да изгледа и нивното јавно изразување. Да знаете дека вашиот сосед или соседка, пријател или пријателка, колега или колешка се припадници на ЛГБТ популацијата, и да немате никаков проблем со тоа. Едноставно да го прифатите како реалност, бидејќи тие се повторно истите луѓе и се дел од нас.

Беким Асани, претседател на ЛГБТ Јунајтед, Тетово: ЛГБТ лице може да биде вашиот доктор, може да биде аптекарот или кој било друг во вашата средина. Кога промовирате насилство против нив, правите да не бидат прифатени во местото каде што живеат. Верувајте, да се живее двоен живот е многу тешко. Прифатете ги луѓето какви што се и споделете љубов.

  • Дел од секое семејство
  • Секое општество
  • Секоја култура
  • Вашиот доктор
  • Вашиот аптекар
  • Кој било во средината

Оние најгласните, што обвинуваат дека сето тоа е неприродно, девијација, перверзија, и дека ќе ја уништи светската цивилизација, доволно е да видат каков е квалитетот на животот во земјите што во изминатите децении значително ги унапредиле ЛГБТ правата. Тоа го направиле речиси сите земји со висок животен стандард. Спротивно на теориите на омраза, никаде нема доказ дека зголемувањето на видливоста и на прифатеноста на ЛГБТ луѓето довело до пропаст на општеството.

Матје Гасон Башет, портпарол на федерацијата Интер-ЛГБТ, Франција: Фактот дека може да одите во други земји, дека имате отворени патишта, помага за да се разбере дека тоа што го викаат противниците на ЛГБТ заедницата е лага. Има општества што ги почитуваат правата на ЛГБТ луѓето и сепак се напредни општества, пионерски држави како Холандија, Белгија или Шпанија, кои влијаеја врз Франција за прифаќање на истополовите бракови.

Во спротивно, кога ќе се дозволи предрасудите да надвладејат, тие ги туркаат ЛГБТ луѓето кон повлекување, кон враќање во „плакарот“, за да избегнат непријатни ситуации. Со тоа, целото нивно секојдневие станува едно големо непријатно искуство.

Антонио Михајлов, извршен директор на Субверзивен фронт: На пример за транс луѓето многу е повидлива пречката во остварувањето на нивните основни човекови права посебно пристап кон добри услуги на пример на шалтер кога мора да објаснуват или да одговарат на прашања. Лезбејките и геј мажите претежно го сокриват нивниот идентитет, нивната сексуалност.

Тоа се луѓе што веќе имаат други свои проблеми. Предрасудите и дискриминацијата што ги доживуваат бидејќи се дел од ЛГБТ популацијата само им ја отежнува веќе сложената ситуација. На некои многу повеќе отколку на другите.

Антонио Михајлов, извршен директор на Субверзивен фронт: И самта ЛГБТ заедница има хиерархија на прифатливост и неприфатливост. На пример ЛГБТ Ромите се најмалку прифатени од самта ромска заедница но и од мнозинската неромска заедница. Многу е тешко да бидеш ЛГБТИ Ром во држава каде што и самите Роми имаат многу често дискриминаторски ставови, но и кон самите ЛГБТ луѓе има многу често дискриминаторски ставови.

Беким Асани, претседател на ЛГБТ Јунајтед, Тетово: Во едно разнолико општество, во едно мултиетничко општество и припадниците на ЛГБТ заедницата се од различни националности, различни религии, различни култури, со различно потекло, и секое лице ги нема истите потреби и проблеми.

ДЕЛ 2: Закон за добар темел

  • Првите паради на гордоста во светот се одржале во САД во 1970 година
  • Во Европа првпат се одржале во Германија, во 1979 година
  • Нашата земја беше меѓу последните, со парада одржана во 2019 година
  • Целта на парадите е да се зголеми видливоста на ЛГБТ луѓето и да се покаже дека тие се дел од општеството

Маја Морачанин е дел од првата парламентарната група што се формирала во македонското собрание за поддршка на ЛГБТ популацијата. Таа постоеше во минатиот парламентарен состав и броеше 14 членови. Четири децении по другите земји, и македонската политика почна да се занимава со дискриминацијата над овој дел од нашето општество.

Маја Морачанин, пратеничка во Собранието: Навистина се создават законски услови за ЛГБТИ  луѓе да ги уживат своите прави и слободи но истотака ја подигнуваме јавната свест меѓу населението, меѓу граѓаните за тоа што се проблемите со кој се соучуват ЛГБТИ и дека навистина треба сите заеднички да се бориме против нивната дискриминација, говор на омраза, насилство и така натаму.  

Очигледно дека има уште многу пат да се оди за да се стигнат другите. Но дали законите се доволни за да го трасираат патот? Дури и нивното донесување се одвиваше со пречки, откако законот против дискриминација еднаш беше укинат, па повторно се врати. Државата, барем засега, покажува волја да ја унапреди борбата против дискриминацијата на сите полиња.

Ѓултен Мустафова, државна советничка за недискриминација во МТСП: Се очекува да добиеме една професионална, независна и многу поефективна комисија за спрeчување заштита од дискриминација која што постапува по сите постапки на граѓаните којa што ќе постапува по службенa должност, професионално. Со новиот закон е уредено комисијата да работи како професионално тело односно, не како до сега да биде на хонорарна основа. Со овој закон се предвидува членовите на комизијата да бидат 8 часа секој ден ангажирани во спречување и заштита од дискриминација на граѓаните.

  • Професионално тело
  • Без хонорарна работа
  • Осум часа ангажман

Борбата против дискриминацијата е пример како може да се учи од понапредните, што веќе го изоделе патот пред нас, и како може од нив да се преземат решенија со кои ќе може да се направат поголеми чекори во вистинската насока. Законот воведува големи промени, но останува тие да профункционираат и да ја исполнат својата цел.

Ѓултен Мустафова, државна советничка за недискриминација во МТСП: Со новиот закон се воведува тужба од јавен интерес каде што невладините организации, синдикатите и сите други заинтересирани страни ќе можат да поднесуваат тужби во судска постапка без да бараат согасност кога се работи за поголем група на лица кои што се дискриминирани. Значи ова ќе важи и за организациите што работат за ЛГБТ права. Има бесплатна постапка за заштита од дискриминација пред комисијата, а исто така во судска постапка се ослободени   граѓаните од судски трошоци. Товарот на докажување, што е многу важно, паѓа на дискриминаторот, а не на страна на тој што поднесува тужба како што беше до сега и истото тоа важи во постапката пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Борбата за правата на маргинализираните заедници не е значајна само за да им се помогне на нив. Таа е и борба за принципи, за тоа дали во едно општество ќе се дозволи да има предрасуди и дискриминација или нема. Без разлика за која група тоа се однесува. Ако некој смета дека ЛГБТ популацијата не заслужува поддршка против предрасудите, тоа е оправдување на дискриминацијата. Такво нешто е недозволиво во една европска држава.

Маја Морачанин, пратеничка во Собранието: Споредбено со некои минати периоди мислам дека навистина веќе прашањето што се однесува до правата на ЛГБТИ добива на значење и отворено се зборува и во јавноста. Во собранието на РСМ  почнуваме практично навистина да придонесуваме за промената на сфаќањата во јавноста што се однесува до ЛГБТИ. Бидејќи тие сепак се се уште најмаргинализираните заедници во нашата општество, но мислам дека придонесувавме да се менуват работите во позитивна насока.

Статусот на припадниците на ЛГБТ заедницата како едни од најмаргинализираните граѓани во нашата земја е резултат токму на игнорирањето на нивните проблеми. На ставовите дека „нивниот проблем е помал од другите“ и дека „припаѓа во приватната сфера, во креветот“.  Затоа е неопходно политиката да заземе цврсти ставови и да го насочи равојот на земјата.

ДЕЛ 3: Патот по кој не смее да се запре

  • Хомосексуалноста во земјава е декриминализирана во 1996 година
  • Тоа е задоцнување од 200 години зад првите држави што презеле таков чекор
  • Две ипол децении по декриминализацијата, предрасудите се високи, дури и меѓу младите луѓе
  • Според 59% од младите, не треба да има место во политиката за ЛГБТ заедницата (истражување на ВФД и МОФ)

Дека законите не се доволни сами по себе покажува и примерот со државата што често се смета за најдобра и најнапредна кога станува збор за правата на ЛГБТ популацијата, поради својата традиција на либерални политики.  Уште од 1811 година таму хомосексуалноста е озаконета, нешто што се уште не се случило во повеќе земји во светот, каде што се уште има прогони, затворски казни, дури и смртни казни. Споредена со нив Холандија е рај на толеранцијата, но ако се прашаат самите Холанѓани, има уште многу пат за да се изоди.

Арон Лефевр, директор за човекови права на „Копенхаген 2021“: Би рекол дека ситуацијата во Холандија е генерално добра, но се уште има дискриминација. Се уште има раширена дискриминација. Има уште многу работа за да се осигураме дека целата наша заедница се чувствува вклучена во општеството. Тоа не се случува само со носење нови закони, туку има и социјален елемент. Треба да се осигураме дека едуцираме, дека информираме, дека сме видливи.

Насекаде организациите за поддршка имаат полни раце работа. Некаде се борат за да добијат права, а некаде за да ги остварат. Таму каде што се и добиени и остварени, борбата е за тие да бидат применети насекаде, и да се спречи дискриминацијата дури и на индивидуално ниво. Секој поединец да почувствува дека е прифатен и е дел од општеството.

 

Матје Гасон Башет, портпарол на федерацијата Интер-ЛГБТ, Франција: ЛГБТ луѓето се генерално добро прифатени во Франција, но сепак има уште многу работа, се уште има места каде што нивните права потешко се остваруваат, како во професионалниот свет или во спортот, каде што организациите ги изнесуваат овие прашања. Се обидуваме да спроведуваме активности, нудиме логистичка, морална и финансиска поддршка за асоцијациите, за да му помогнеме на општеството да ги подобри правата на ЛГБТ луѓето во Франција.

Дека промени се можни и тоа за кратко време, покажува токму примерот со Франција.  Иако тоа е првата држава што ги декриминализирала истополовите врски во годините по буржоаската револуција, сепак хомосексуалноста во земјата се сметала за болест се до 1982 година, кога со закон било укинато тоа. За само 40 години земјата целосно се промени во однос на ова прашање и стана една од најдобрите во Европа. Се одеше чекор по чекор, но со големи чекори. Прво кон ослободување, па кон овозможување граѓански партнерства, се до легализирање на истополовите бракови. Општеството целосно се навикна на тие промени.

Арно Готје Фава, советник за меѓународни односи на Интер-ЛГБТ, Франција: Еволуцијата на овие прашања , особено на прашањата за хомосексуалноста, беше многу брза во Франција. Само пред 40 години хомосексуалноста со закон беше обележана како „општествен чир“, и истополовите врски меѓу малолетници беа забранети. Истополовите врски беа целосно декриминализирани во Франција во 1982 година кога за првпат по Втората светска војна Социјалистите се вратија на власт. Од раните 1980-ти развојот беше многу брз. Од декриминализацијата на истополовите врски во 1982 до воведувањето граѓански партнерства во 1999 поминаа помалку од 20 години. Потоа Франција запре со брзиот напредок, се до законот што овозможи истополови бракови во пролетта 2013 година.

  • 1982 – „општествен чир“
  • 1999 – граѓански партнерства
  • 2013 – истополови бракови

Така Франција стана пример дека општествениот менталитет не може да биде изговор за да се скратуваат правата на која било група граѓани. Но за да се смени менталитетот, не е доволно самоорганизирањето на маргинализираните заедници, како ЛГБТ луѓето.  Клучната разлика што ја направила Франција е што институциите им овозможиле поддршка во нивната работа, беез предрасуди и без осудување.

Матје Гасон Башет, портпарол на федерацијата Интер-ЛГБТ, Франција: Федерацијата Интер-ЛГБТ посветува големо внимание на овие прашања и е во постојан контакт со Владата, пратениците, избраните претставници и со администрацијата, за да се осигура дека правата нема да стојат само на хартија, туку дека ќе се остварат во секојдневиот живот на ЛГБТ-луѓето.

Борбата за човековите права е пат по кој мора постојано да се оди, и не смее да се застане. Поради недоволно разбирање, предрасуди, слаба информираност или други причини, секогаш има луѓе што стојат на другата страна и се борат против остварувањето, дури и за одземање на нечии човекови и граѓански права. Клучот е да се насочи борбата не против нив самите, туку против нивните разбирања и предрасуди.

Матје Гасон Башет, портпарол на федерацијата Интер-ЛГБТ, Франција: Знаеме дека наспроти нас имаме луѓе што работат за нашите права да не се остварат. Па така, ако не останеме будни и мобилизирани, ако нема граѓански фактори и здруженија, наскоро може работите да тргнат наназад.

Арон Лефевр, директор за човекови права на „Копенхаген 2021“: Мислам дека во Холандија е многу важно да продолжиме да одиме напред, да продолжиме да работиме на вклученоста на ЛГБТИ луѓето во законодавството, но и во едукацијата, затоа што да се застане во место секогаш е проблем.

Холандија, татковината на Арон, како земја-предводник во развивањето на ЛГБТ-правата, помислила дека сторила доволно за заштита на оваа популација. Но одговорот дошол брзо дека тоа не е така.

Арон Лефевр, директор за човекови права на „Копенхаген 2021“: Мислам дека ако ги гледаме првите десет години по 2000, имаше голем напредок, но исто така сум свесен за фактот дека забавуваме. Ако на пример ја погледнете светската карта, ќе видите дека го делиме 11-тото место, додека во минатото бевме многу погоре на овие листи. Тоа во основа значи дека имаме застој во инклузијата на ЛГБТ заедницата во нашата земја.

Назад кај нас, каде што се уште се прават почетни чекори во борбата против предрасудитре, главните теми се уште се системската дискриминација, отфрлањето, и незаинтересираноста на институциите да се спротивстават на оние што ги нарушуваат правата на ЛГБТ луѓето. Ова е место каде што многумина од нив не се чувствуваат безбедно да се прошетаат по улиците на својот град, бидејќи се напаѓани. И знаат дека напаѓачите не се единствени виновници во оваа ситуација.

Антонио Михајлов, извршен директор на Субверзивен фронт: Насилството е уште поголем проблем затоа што тие хомофобични ставови даваaт стереотипи кои се присутни кај мнозинството луѓе, а се поврзани со тоа дека ЛГБТ луѓето се болни, дека не се нормални. И неказнувањето на таков вид на постапки уште повеќе ги изложува ЛГБТ луѓето на дополнителен ризик од насилство, говор на омраза, дискриминација, од злоупотреба, од злоставување на нивните човекови права. Потребни се интервенции од типот образовни програми, содржини или  практики кај наставниците да бидат поинклузивни поотворени. Но и кај институците кај обвинителството, судството, се многу повеќе од потребни.

Наместо кон подобро општество за сите, тоа води кон отуѓување и затворање во себе на еден дел од општеството, кој поради силните напади и самиот почнува да се чувствува непосакувано и отфрлено. Кога младите луѓе се развиваат во такви услови, тоа може да има тешки последици за нив.

Дискриминацијата не може да се решава на парче. Таа или постои или не постои. Многу е лесно да се дефинира. Дискриминиран е секој што добива нееднаков третман поради својата припадност кон одредена група. Без разлика за која група станува збор. Затоа ЛГБТ правата не можат да бидат помалку важни од другите права, и нивното унапредување треба да се одвива заедно со подобрувањето на правата на сите други групи и заедници во општеството. На крајот – борбата е само за еднаквост, и за ништо повеќе.

Коментари