ЗЕМЈИ НА СПОРЕДБА: ПОРТУГАЛИЈА И ФИНСКА
Трајни последици. Ова е клучниот збор што треба да се има во предвид кога се зборува за врсничкото насилство. Тоа не е детска игра. Не е прифатливо однесување. Не е нешто за што сме сигурни дека ќе помине.
Тонско, Драги Змијанац, претседател на Детската амбасада Меѓаши: Најлесно да кажeме e дека тоа е домашно воспитувание и на тој начин да се амнeстираме како општество дека можeме да придонесeме околу праќање на пораки во јавноста. Значи, насислство има секаде, го има на медиумите, на улица, насилство има во ушилиштата и така натаму.
Правата на детето, кои се врвен приоритет на секое современо општество, го опфаќаат и правото секое дете да добие образование. Тоа е можно само ако училиштето се чувствува како безбедно место. Каде што никој нема да биде навредуван, омаловажуван, или физички напаѓан. И каде што веднаш ќе се реагира на овие појави кога ќе се случат.
Насекаде низ Европската унија се преземаат силни чекори за сериозно да се одговори на овој проблем. Преку национални и европски програми, институциите и организациите работат со децата, наставниците и со родителите, а државите ги споделуваат меѓусебните искуства за да испратат единствена порака – малтретирањето на училиште, меѓу соученици, е многу сериозен проблем.
„Дали личиме на ЕУ“ е прашање што по својата важност го надминува прашањето дали и кога ќе станеме членка на ЕУ. Тоа е прашање на можности и стандарди што овозможуваат подобар живот. На ангажманот на државните институции и на општеството во градењето подобро утре. Европа не треба да ја гледаме како симбол на совршенство, туку како симбол на желбата за усовршување. На желбата секој да ги ужива своите фундаментални права. „Дали личиме на ЕУ“ значи дали го заслужуваме епитетот „европски“, кога зборуваме за правата на човекот и на граѓанинот.
ДЕЛ 1: Големи и мали, силни и слаби
- Член 14 од Повелбата за фундаментални права на ЕУ: Секој има право на образование
- Член 24: Децата имаат право на грижа и заштита
- Едното не може да се почитува без другото
- Врсничкото насилство е тешко нарушување на човековите и на детските права
Драги Змијанац, претседател на Детската амбасада Меѓаши: Забележавме дека се повеќе и повеќе меѓуврсничкото насилство е присутно и недоволно децата го препознават кога се обраќаат со погрдни зборови, зборови со навреда, се со цел да го омаловажат соученикот, а при тоа учениците не се ставаат во одбрана или пак во заштита на нивниот соученик.
Меѓаши измериле дека 40 отсто од учениците пријавиле некаков вид насилство – вербално или физичко. Тие идентификувале 23 групи врсничко насилство, и речиси секој втор ученик пријавил дека забележал една од нив. Во постари извештаи, бројките се поинакви. Во еден документ од УНЕСКО со податоци до 2014 година, само 10 отсто од македонските ученици пријавиле дека било извршено насилство над нив. Тоа е подобар резултат и од Германија, Австрија, Финска, Белгија и од други развиени земји. Ова не значи дека во нашата земја било подобро, туку дека поизразен бил проблемот со непрепознавање на насилството. Тоа полека се надминува.
- Германија 25%
- Белгија 20%
- Австија 35%
- Финска 27%
Душан Томшиќ, Министерство за образование: Она што е многу битна е да се зајакнат капацитетите како на наставниот кадар за препознавање на насилство така и психолошките служби за интервенција. Но уште побитно е да се зајакнат капацитетите кај децата да го препознаваат и пријавуваат насилството, но и кај родителите да можат да го препознаат и да се реагира кон своите деца, но и кон службите кои стојат на располагание.
Врсничкото насилство не се состои само од тешки физички инциденти. Тоа е секое подбутнување, мали удари, или навредување, омаловажување во групата, исклучување. Важна е целта – а таа е да се понижи другото дете, да му се предизвика чувство на инфериорност кон оној што го вознемирува.
Ана Попризова, психолог во средното училиште Орце Николов: Најзастапени се формите на вербално насилство, навреди, закани кои што се случуваат нели, пред појава на пандемијата во живо, а и на социјалните мрежи. А сега, најверојатно се доста присутни на социјалните мрежи.
Психологот Ана Попризова работи со една од најчувствителните групи – средношколците. Во својата работа досега имала можност да собере многу искуства и да слушне многу сведоштва за тоа на кои се начини се одвива врсничкото насилство.
Сведоштво на ученичка: Од основно едно девојче кое го познавам, која сега ми е многу добра другарка, немаше многу другарки, не се дружеше со многу луѓе и имаше една група девојчиња кои што просто од забава сакаа да ја уништат. Прво, првата година почнаа како пријателки демек ќе и прават друштво да не биде толку сама, на крај пред цело школо ја посрамотија, после тоа три недели не дојде во школо, има толку многу психолошки трауми од тоа, што оди на психијатар.
Искуството на Попризова покажува дека зборовите лесно може да преминат во дела. Иако во најголем дел малтретирањето се сведува на омаловажување, ако не се работи на овој проблем насилството се охрабрува, и може да доведе до тешки физички повреди.
Ана Попризова, психолог во средното училиште Орце Николов: Најлошата ситуација била физичко прободување, значи помеѓу двајца ученици настана инцидент, не се случи во училиштето меѓутоа беа вклучени и наши ученици. Прободување со нож каде што на детето му беше животот загрозен. Сме имале случај на физичко насилство со кршење на вилица на еден ученик. Тие се по екстремни случаи што се случиле во мојата пракса.
Недоволното препознавање на проблемот со врсничкото насилство, во која било форма, доведува и до тоа децата што се соочуваат со насилство да бидат обесхрабрени за да преземат нешто. Се предаваат на прикривање и на самоизолација.
Христина Стефановска, детски психолог: Колку детето повеќе прикрива толку повеќе време трае насилството. И тогаш штетата е поголема, што значи прикривањето се јавува паради одредени причини. А зошто? Заради тоа што детето чуствува страв, особено од некаков тип од одмазда, да не ме се случи нешто полоша од ова. Или можеби детето се плаши од реакцијата на родителите, или има недоверба во бозрасните особено од авторитетите, наставниците.
Како детски психолог Христина Стефановска работела со многу случаи. Доволно за да може да состави профили на децата што најчесто се жртви на вознемирување, дури и на насилство од своите врсници.
Христина Стефановска, детски психолог: Tој е дете потивко, поповлечено, ненаметливо, недоминантно, дете кое што има изразена емпатија, дете растено во еден воспитен процес каде што се негуват човековите вредности, тоа значи дека е дете кое е учено да не враќа назад, да не враќа на насилството со насилство. Но, таквите деца се и многу сензитивни, тоа значи дека лесно може да ги вознемираме. Насилникот како профил ги пикира таквиот тип на деца и таму може повеќе да го манифестира своето насилно однесување.
Сосема спротивни се децата што извршуваат насилство. Многу често, тоа се деца на кои исто така им треба помош, односно треба да се работи со нив и да се откријат причините за нивното однесување, за нивната потреба да покажуваат надмоќ над соучениците.
Христина Стефановска, детски психолог: Дете кое врши насилство во принцип е дете што има слаба врска со родителите, не почитува авторитети, не почитува правила на однесување, дете што има слаби граници во однесувањето. Дете што врши насислтво е дете што е психолошки и физичко посилно располага со поголем капацитет на сила. Физичка снага или психолошка снага. Физичката снага потекнува од неговиот физикус, а психолошката снага потекнува од негова психолошка моќ или потреба да ги контролира другите врсници. Преку таквата контрола го пренесува насилното однесување, со тоа покажува некаков тип на моќ врз децата.
Инес Андраде, претседателка на Но Були Португалија: Знаеме дека главната мотивација за насилството, за таквото однесување, е желбата за моќ, социјална моќ, да се биде влијателен, да се биде лидер, а во други случаи може да значи дека и тие самите се нападнати на училиште или во домот, се чувствуваат несигурни, или имаат потреба да се докажат.
ДЕЛ 2: Вистинската сила е во групата
- Потребно е да се работи со жртвите – да зајакнат и полесно да се справуваат
- Потребно е да се работи со насилниците – да се открие коренот на нивното однесување
- Најмногу е потребно да се работи со средината – да не го прифаќа малтретирањето премолчно
Сведоштво на ученик: Мислам дека најмногу свесна за булингот е жртвата, сведоците се, ама во некој случај не сакаат да бидат инволвирани, поради тоа што и тие имаат страв најчесто, а насилникот не е воопшто свесен за тоа, или е свесен, ама е научен на тој тип на функционирање
За да покажат колку е сериозен проблемот кога не се обрнува внимание на врсничкото насилство уште од почетокот, Меѓаши пред десетина години набавиле видео материјал од странство во кој шегите меѓу учениците прераснале во такво вознемирување што била алармирана и полицијата, родителите и училиштето, но жртвата се обидела да си го одземе животот. Дури тогаш другите сфатиле колку згрешиле. Шокантен амтеријал, но според Змијанац, била неопходна шок-терапијата.
Драги Змијанац, претседател на Детската амбасада Меѓаши: Таков едукативен материјал беше потребен и во Македонија до го дистрибуираме и се со цел младите да ја разберат сериозноста на насилството кое го прават врз жртвата, како се насочува и какви се траумите.
Европската унија посветува големо внимание на проблемот со врсничкото насилство преку многу програми. Голем број активности преку Еразмус Плус се посветени на борбата против оваа појава. Се развиваат проекти како „Акција против насилството“, а се назначувале и специјални претставници за борба против насилството врз децата. Една од најпознатите програми е „Енејбл“, што е кратенка за Европска мрежа против насилство во средини за учење и за одмор. Таа се темели на зајакнување на социјалните вештини и на целосен пристап кон проблемот, што ги опфаќа не само засегнатите страни, туку и средината.
Искуствата на земјите-членки даваат голем придонес во развојот на програмите на Европската унија во секоја област. Кај врсничкото насилство, добар пример дава земјата што најчесто се споменува како држава со најдобро образование – Финска. Таму повеќе од една деценија функционира програмата КиВа, кратенка за „анти насилство“. Се спроведува во над 2.300 училишта во земјата, а преземена е и од други држави како Италија, Холандија и Велика Британија. Основата на програмата е преку посебни предавања да им се покаже на учениците дека сите заедно мора да му се спротивстават на насилството.
Кристина Салмивали, авторка на програмата КиВа: Многу се разговараше за генерациското насилство во Финска уште од почетокот на 1990-тите, и тогаш Министерството за образование сакаше да развие сеопфатна програма против насилство што ќе може да се користи во училиштата што вршат основно образование во Финска, па Министерството ја ангажираше нашата група да развие таква програма и да ги испита нејзините ефекти во учичиштата. Програмата КиВа е програма за спречување врсничко насилство која се состои од повеќе компоненти. Беше развиена, поточно почна да се развива и да се користи во 2006, а од 2009 ја внесовме во училиштата. Низ целата земја.
Во суштината на КиВа стои тоа дека молчењето е одобрување. Затоа треба сите да се спротивстават, бидејќи жртвата е немоќна сама.
Кристина Салмивали, авторка на програмата КиВа: КиВа вклучува, како прво, универзални активности, чија цел е да спречат насилството да се случува, и во нејзината основа се лектиите што наставниците им ги предаваат на учениците во училницата. Идејата е да се зајакне свеста меѓу учениците за феноменот на врсничко насилство, особено за нивната улога и за тоа што можат тие да направат за да спречат да се случува насилството. Сакаме, преку лекциите за учениците, да ги зајакнеме токму нив. Да покажат активно дека се против насилството и дека не сакаат тоа да се случува. Тоа се универзалните активности.
- Универзални активности
- Јакнење на улогата на средината
- Заеднички да се спречи насилството
Португалија е исто така земја што во последните години бележи добри резултати и напредок во борбата против врсничкото насилство. Филозофијата е и таму иста – целосен и заеднички пристап, наместо сведување на насилството само на проблем меѓу насилникот и жртвата.
Инес Андраде, претседателка на Но Були Португалија: Ние работиме со жртвата, но исто така и со насилниците и со другите деца што се вклучени. Сметаме дека е многу важно да се работи со двете страни, не само со едната, и исто така не само со насилниците, туку и со целата група ученици, бидејќи врсничкото насилство е социјално и групно однесување, не е индивидуално однесување.
И самите ученици се свесни за важноста на средината и за нејзиното влијание. Постојат различни причини зошто таа не се вмешува кога е најпотребна – љубопитност или страв. Но тоа мора да се надмине. Тоа е единственото докажано решение против врсничкото насилство.
Сведоштво на ученик: Насилникот е многу свесен за тоа што го прави, а го прави многу доброволоно, поради фактот што наоѓа лично задоволство во тоа, го користи тоа како шанса да се докаже на набљудувачите, а набљудувачите се оние третите кои наоѓаат задоволство и го хранат егото на насилникот, со тоа што му даваат поддршка, се потсмеваат на жртвата, односно тоа што и се случува.
Драги Змијанац, претседател на Детската амбасада Меѓаши: Тие кои се околу насилникот или жртвата да бидат охрабрени да го спречат насилството и да го трансформираат. Тоа значи дека не треба да бидат соучесници туку напротив, да имаат активна улога да регираат во заштита и превенција на потенцијалната жртва. Тука има доста работа за психолозите, педагозите и таму каде што има, и за социјалните работници.
ДЕЛ 3: Некомфорна комфорна зона
- За препознавање на проблемот е потребна едукација
- За решавање е потребна организација
- За целосно надминување се потребни позитивни примери
Сведоштво на ученичка: Јас до основно воопшто не бев свесна дека врз мене се прави такво нешто зашто мене ми беше задоволство само да бидам во група со нив, а не сфаќав дека преку мене тие, буквално ме искористуваа, им бев потрчко за секакви работи, ме навредувале, се, јас сум поминувала преку се само да бидам во групата, јас тоа го сфатив дури во осмо одделение дека тоа е скроз тактички погрешно.
Осознавањето е клучен дел од борбата. Луѓето како Инес Андраде, кои што самите поминале низ тежок период додека биле ученици, знаат точно што им недостасувало за да имаат подобра заштита. Можат прецизно да ги покажат точките што требало да се поврзат за тие да бидат сигурни. И тие што треба да се поврзат денес.
Инес Андраде, претседателка на Но Були Португалија: Кога одев на училиште бев жртва на насилство и имав чувство дека не сум сфатена сериозно, немаше одговор за тоа. Дури и ако побарав помош од наставниците или од родителите, никој не знаеше што да прави, иако знаевме дека тоа е вознемирување и дека не треба да се случува. Ми беше речено да го игнорирам или да се обидам самата да го запрам.
Децата што се жртви на насилство најчесто се збунети и не знаат како да се одбранат. Особено кога ќе добијат таков совет – дека треба да се справат самите, бидејќи во средината каде што се наоѓаат нема решителна и сеопфатна борба против оваа појава. Во Португалија, и покрај постигнатиот напредок, се уште има недостиг од служби во училиштата што ќе бидат оспособени за да ја држат состојбата под контрола и да создадат атмосфера во која насилството е неприфатливо. Во такви случаи, зајакнувањето на жртвите или на потенцијалните жртви е од голема важност.
Инес Андраде, претседателка на Но Були Португалија: Сакаме да ги развиеме нивните вештини, социјални вештини, но исто така и нивната способност да се одбранат во одредени ситуации, да размислуваат за стратегии како да се справат со насилството, или да покажат самодоверба и да одговорат на мирен начин, без да ги потхрануваат провокациите и вознемирувањето, значи само да бидат сигурни во себе и да речат – престанете, или не ми е бважно што ќе кажете, нешто такво, или да најдат безбедно место ако нивната физичка сигурност е нарушена, да најдат место каде што се безбедни и каде што се со луѓе што можат да ги заштитат.
- Социјални вештини
- Мирен одговор
- Поголема самодоверба
- Резервен план – барање безбедна средина
Иако улогата на учениците е клучна за да не го охрабруваат насилството, сепак борбата против оваа појава треба да ја водат возрасните. Такво е искуството од земјите што најдалеку отишле во справувањето со генерациското вознемирување, но и од оние што постигнале напредок во последните години. Тие треба да го имаат авторитетот и да го искористат за да ја одржуваат ситуацијата под контрола, како и да ја вратат контролата кога ќе се загуби.
Кристина Салмивали, авторка на програмата КиВа: Имаме, како што се нарекуваат, индикативни активности. И овие активности се преземаат кога насилството ќе стане тема во училиштето, на пример кога родител или стартел ќе го контактира училиштето и ќе каже дека неговото дете било нападнато. Индикативните активности се спроведуваат од тимовите на КиВа. Тие се тимови во училиштата составени од возрасни, вообичаено тројца возрасни, чија задача е да се справат со случаите на насилство додека се случуваат. И да ги следат понатаму.
Инес Андраде, претседателка на Но Були Португалија: Нашата цел е да ги обучиме вработените, наставниците и психолозите во училиштата да се справуваат со насилството, во смисла на превенција и во смисла на одговор во моментот, што да прават тогаш, но и во смисла на решавање на проблемот долгорочно, за навистина да го запрат насилството, не само да го спречат во моментот и да остават да продолжи на друго место.
Очигледно е дека и во нашата држава е добро разбран концептот на борбата со врсничкото насилство, како и начините како се води таа борба. Тоа што ни недостасува е претворањето на знаењето во пракса. За тоа ни се потребни подготвени институции.
Душан Томшиќ, Министерство за образование: Директорот на училишта има обврска да го пријави насилството до соодветните институци. Она што е уште побитно е дека секое училиште има психолошки служби кои што во наредниот период МОН ќе преземе активности да ги ослободи овие служби од тоа административно бреме, со што ќе може целосно да се посветат на давање психолошка подршка на децата жртви на насилство или да помогаат со препознавање и превентивни активности во училишта за да се намали насилството.
Како и во многу други ситуации, колку подолго се чекаат решенијата, толку повеќе се продлабочуваат проблемите. И колку повеќе се молчи, толку подолго трае чекањето. Многу психолози се подготвени да се зафатат со врсничкото насилство многу поангажирано, и ја чекаат својата шанса.
Ана Попризова, психолог во средното училиште Орце Николов: Јас сметам дека колку и да системот не функционира, ние како училишта мора да бидеме тие кои што ке ја поставуваме темата, ќе зборуваме во јавноста, ќе работиме и со учениците и со наставниците за да се намали насилството.
Тоа што на сите им е јасно е дека повеќе треба да се работи со децата што вршат насилство, ги вознемируваат и ги понижууваат другите. Европските примери покажале дека околината треба да се научи да го обесхрабрува насилството, а децата што тргнале по тој пат да си ги поправат грешките.
Инес Андраде, претседателка на Но Були Португалија: Ги обучуваме вработените во училиштата, психолозите или наставниците, да им помогнат на овие деца да сфатат дека го повредуваат другото дете, бидејќи во многу случаи тие не чувствуваат никаква емпатија за него, но не значи дека не можат да почувствуваат, туку само дека не се во таква позиција во моментот. Возрасните што ги тренираме ќе разговараат со нив и прво ќе им покажат дека не се тука за да бидат казнети или обвинети, бидејќи тоа ќе ги натера да бидат подефанзивни и да докажуваат дека не била нивна вината итн. Разговорот не е за тоа што се случило или чија е вината, туку повеќе за тоа што да се направи во иднина за соученикот што се чувствува лошо. Тие му објаснуваат каков ефект има насилството врз соученикот, дека тој е тажен, не сака да оди на училиште, се чувствува очајно, и возрасниот вработен во училиштето му дава можност да наде нови решенија за да направи тој соученик да се чувствува подобро, наместо полошо.
Сето тоа го знаат и психолозите, и активистите, дури и властите во земјава. Целосниот пристап во справувањето со врсничкото насилство е препознаен како ефикасен и корисен, но во праксата продолжува да се работи само со едната страна. Уште еднаш доаѓаме до ситуација во која санирањето на последиците ни е единствениот одговор на еден проблем, наместо спречувањето на причините поради кои тој настанува. Неподготвеноста на многумина да излезат од својата комфорна зона придонесува училиштата да бидат непријатна средина за многу ученици.
Христина Стефановска, детски психолог: Во практика за жал доаѓат деца што се жртви. Зошто? Бидејќи во нашето општество многу поретко се третират децата кои што вршат насилство.
Ана Попризова, психолог во средното училиште Орце Николов: На менаџментот во училиштата секогаш им е од корист да зборуваат дека се случило насилство во училиштата. Сега зборувам општо, во нашето училиште таква е средината да можеби не е изразено толку физичкото насилство, меѓутоа имаме случај на другите форми на насилство. Генерално училиштата не покажуват зрелост за отворено зборување на темата. Повеќе се сведува на ситуација доколку има некоков инцидент па ќе се вклучат медиумите, јавноста и тогаш училиштата мора учествуваат и да зборуваат за таа тема. Значи, темата е популарна.
За жал, една од најголемите пречки препознаени од експертите во оваа област е општествениот амбиент. Образованието служи за да ги подготви децата за животот како возрасни. Да ги научи на правила, принципи и најмногу од се на вредности што ќе им помогнат во иднина да бидат подобри и поуспешни. Тоа воопшто не е едноставно во средина во која тие само треба да ѕирнат во возрасниот свет за да видат дека таму работите се одвиваат по малку поинакви правила.
Драги Змијанац, претседател на Детската амбасада Меѓаши: Насилство има секаде, го има на медиумите, на улица, насилство има во ушилиштата, и така натаму. И тие се само дел од сликата од тоа што реално се случува, и во парламентот, и во предизборните кампањи.
Ана Попризова, психолог во средното училиште Орце Николов: Ние како држава не сме држава која што го санкционира насилството. Значи прашање е колку функционира правниот систем. И сето тоа на микро план се случува и во училиштата. Е сега тоа е нешто за што ние сите треба да работиме за надминувание на овие проблеми.
Тешко е проблемите во едно општество да се решаваат изолирано. Не можеме да имаме ефикасна заштита на детските права, ако имаме неефикасен правен систем. Но не можеме ниту да чекаме прво да се реши едното за да почнеме да се занимаваме со другото. Колку подолго изостанува решителниот пристап кон врсничкото насилство, толку повеќе генерации ќе се развиваат со сознанието дека насилството поминува. Тоа ќе ги охрабрува посилните, ќе ги повлекува послабите и ќе ја неутрализира средината. Законот на посилниот е сосема спротивен од демократските принципи, особено од принципите за кои се залага Европската унија.